Кога AI ви пишува љубовни пораки: опасноста наречена чатфишинг

Апликациите за запознавање со себе носат оправдани стравови дали лицето ќе изгледа како на фотографиите, дали лаже за својот живот, но сега, со општоприфатената употреба на ChatGPT системите, се појавува нов страв: дали лицето со кое се допишуваме воопшто постои? Урбаниот речник во својот систем го внесе новиот збор - чатфишинг (chatfishing).

poraki-4598-fi

Извор: Freepik

Познатиот термин catfish често се користи кога некој ги уредува своите фотографии или лаже за својот живот на интернет. Овој принцип одамна е присутен во светот на онлајн-запознавањето и не претставува никаква новост. Чатфишинг означува момент кога сфаќате дека лицето со кое сте на состанок користело ChatGPT или друг AI сервер во комуникацијата, па така емоционалната длабочина и разговорниот шарм не му припаѓаат нему, туку на вештачката интелигенција.

Како изгледа кога сте жртва на чатфишинг

Рејчел, триесет и шестгодишна Британка, ја сподели за The Guardian својата приказна за средба со чатфишинг. Разговорите што ги воделе преку пораки пријатно ја изненадиле. Немало генерички прашања како „Што правеше денес?“, туку прашања од отворен тип – за стилови на поврзување и очекувања од љубовта. Но емоционалната длабочина на мажот кој седел со неа во пабот ја разочарала. Разговорот бил здодевен, без шармантните одговори на кои се навикнала, ниту интерес за нејзиното минато. Помислила дека можеби е нервозен и му дала уште една шанса, но на вториот состанок ѝ станало јасно дека користел AI за време на нивното допишување.

Рејчел ја опишува оваа техника како „засипување со прашања, како да одговараш на прашалник за човечки ресурси“, а потоа, врз основа на тие одговори, „водат разговори во кои се чувствувам како другата личност да ми го прислушува телефонот, затоа што сè што кажува е совршено за мене“.

Друг соговорник, Ник, застанал во одбрана на користењето на вештачката интелигенција во разговорите:
„Сакам започнатиот разговор да има некакво значење, но не сакам премногу да се внесам во тоа или да го исплашам соговорникот. ChatGPT ми помага да не ја преминам границата, ми нуди доволно шармантен почеток без да се вложувам себе или своето време.“

Љубов под алгоритам

Чатфишингот е една од последиците на автоматизираниот пристап кон онлајн-запознавањето. За само секунда можеме да прегледаме потенцијални партнери, да ги елиминираме врз основа на изглед или интереси, да прекинеме комуникација штом ни се јави некој нов… Овој начин на избирање партнери доведе до замор на цела генерација.

Во вештачката интелигенција многумина пронајдоа олеснување, но ја изгубија основната магија на запознавањето: возбудата додека смислуваме духовит одговор и искрено се интересираме за нечиј живот. Искрите полека се гаснат, а зад нив останува човек кој се надева на врска и програма што му нуди илузија.

Извор: web-mind.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.