Сликовитото австриско село Халштат брои околу 800 жители, но во текот на туристичкиот пик дневно прима и до 10.000 посетители. Туристите доаѓаат да ги фотографираат алпските куќички, стрмните планински врвови и црковната кула за која се верува дека ја инспирирала сценографијата во Дизниевиот филм Заледеното кралство. Метежот стана толку голем што во 2023 година мештаните кратко поставија ограда за да го блокираат познатиот поглед, пишува Euronews Travel.
Што претставува „сет-џетинг“?
Сет-џетинг се однесува на патувања инспирирани од локации каде се снимале филмови или телевизиски серии. Овој феномен има големо влијание врз туристичките резервации: истражување на порталот Expedia покажува дека во 2023 година, филмовите и сериите биле главен извор на инспирација за патувања за дури 44% од испитаниците, далеку пред социјалните мрежи (15%).
Во Велика Британија, 46% од патниците размислувале да ја посетат некоја дестинација откако ја виделе во филм или серија, а 36% веќе резервирале патување.
Примери од целиот свет
- Таормина, Сицилија – доживеа туристички бум поради гламурозната HBO серија The White Lotus.
- Bridgerton ја насочи јавноста кон историските палати во Англија, како Хемптон Корт, некогашен дом на Хенри VIII.
- Wednesday го зголеми туристичкиот прилив во Романија, каде сцените се снимани во студиото Буфтеа, крај Букурешт.
- К-драми (корејски серии) поттикнуваат туризам – Швајцарија бележи раст на посети од азиски туристи во Интерлакен и Гринделвалд, по прикажувањето на Crash Landing on You.
- Хит серијата Queen of Tears од 2024 инспирираше патувања во Берлин и Потсдам, Германија.
Кога „сет-џетингот“ станува проблем?
Проблемите почнуваат кога дестинациите не се подготвени за наглото зголемување на туристи поради некој популарен филм или серија.
Халштат, кој е дел од светското наследство на УНЕСКО, беше познат и пред пандемијата, но бројот на посетители експлодира по Заледеното кралство. Градот воведе дневни ограничувања за автобуси и автомобили – но често ги надминува.
„Жителите сакаат само малку мир“, изјавил градоначалникот Александар Шојц за австриските медиуми.
Дубровник, иако многу поголем од Халштат, се соочува со слични предизвици. Како клучна локација за Game of Thrones, стана еден од градовите најпогодени од масовниот туризам. Со 41.000 жители, во 2019 година примил речиси 1,5 милиони туристи – односно 36 туристи на еден жител. Последиците се јасни: метеж, оштетена инфраструктура, пораст на цени што го потиснува локалното население.
Еколошката цена на сет-џетингот
Заливот Маиа Беј во Тајланд е уште еден пример. По снимањето на филмот The Beach со Леонардо ДиКаприо, локацијата беше преплавена од туристи. Штетата врз коралните гребени беше толкава што властите мораа да ја затворат плажата речиси четири години за да му овозможат на екосистемот да се обнови. Повторно беше отворена во 2022 со ограничен број посетители и забрана за капење.
Дали The White Lotus ќе донесе прекумерен туризам и во Франција?
Четвртата сезона на The White Lotus, која треба да излезе кон крајот на 2026 или почетокот на 2027 година, ќе се снима во Франција. Се шпекулира дека локациите ќе ги вклучуваат Париз, Межев и Азурниот Брег.
Франција беше најпосетувана земја во светот во 2024 година, со повеќе од 100 милиони туристи. Одредени подрачја веќе чувствуваат притисок – жителите на Монмартр се жалат на „дизнификација“ на некогашниот боемски кварт. БазиликатаСвето Срце денес привлекува и до 11 милиони посетители годишно, што е повеќе и од Ајфеловата кула.
Франција воведува мерки
- Кан најави драстична регулација на крузерите, преполовувајќи го бројот на големи бродови и воведувајќи дневна граница од 6.000 патници од следната година.
- Целта е до 2030 година да се забрани пристигнување на бродови со повеќе од 1.300 луѓе.
За разлика од некои соседни држави, Франција со години гради модел на одржлив туризам. Државната агенција Atout France, уште во 2021 година, преку планот „Дестинација Франција“ издвојува 1,9 милијарди евра за:
- поддршка на зелениот и одговорен туризам,
- промоција на железницата наместо кратки летови,
- инвестиции во средно големи градови,
- проширување на посетите надвор од најпознатите локации.
Оваа година, земјата ги зголеми вложувањата во позелен, поинклузивен и дигитално напреден туризам. Лидерите во индустријата се надеваат дека ова ќе резултира со:
- подолг престој,
- помалку метеж,
- поисполнети туристички искуства.
Останува да се види дали ефектот на The White Lotus ќе ја наруши оваа рамнотежа.
Извор: bizlife.rs Unsplash