The White Lotus не е само ТВ серија. Тоа е моден водич, туристички каталог, сатиричен Instagram филтер за луксуз, и во последно време – најскапата (и најпрофитабилната) бренд-соработка што последен пат ја видовме со Sex and the City.
Сите ја гледаме за драмата, а брендовите? Тие гледаат прилика.
Добредојдовте во хотелот каде секој лик е потенцијален инфлуенсер
Секоја сезона на The White Lotus е всушност кураторска изложба на: „Што облакаш кога имаш премногу пари и премалку среќа?“
Од Zimmermann фустани, до Valentino чанти, од апатични газди на ресорти до „пасивно-агресивни“ брачни двојки – сè е естетски осмислено, и за брендовите – перфектно за асоцирање.
Извор: Bloomingdales
После секоја епизода, Google и TikTok буквално „горат“ со барања каде може да се купи „белиот ленен фустан“, или кој е тој шминкер што ги прави „no makeup-makeup“ лицата толку „богато и депресивно,“ и секако најпознатото „Sicily/Maui/Thailand hotel from White Lotus price“ – да, и јас го гуглав истово после минатата епизода. Каде ме однесе пребарувањето? Па, секако на страната на Four Seasons!
Извор: Four Seasons
The White Lotus: HBO-верзија на травел инфлуенсер
Да бидеме реални – денес не се продава дестинацијата, туку се продава искуството. А никој не креира искуство толку добро како The White Lotus – со шампањ во рака и полн куфер сатира.
Резултатот? После секоја сезона – огромен скок во пребарувања и резервации во регионите каде се снима: Сицилија, Хаваи, Тајланд.
Four Seasons ја живее својата туристичка ренесанса. Дури иако гостите нема да се сретнат со Jennifer Coolidge, подготвени се да платат евро повеќе, само за да се сликаат и да чекорат по истите мермерни ходници.
Од маркетинг перспектива – ROI од соништата. И тоа без ниту еден единствен официјален спонзориран пост!
Кога модата и телевизијата ќе склопат „брак од интерес“
Модните брендови се најбрзиот вид предатори, можеби побрзи и од гепардот. Како што напишаа од Vogue Business – „Desire vs. Overkill“ – The White Lotus не само што ја инспирира модата, туку ја диктира. После втората сезона, TikTok се преплави со естетиката на „Rich Italian Auntie“, предизвикувајќи брендовите да лансираат колекции што изгледаат како плакарот на Tanya.
Извор: Vogue Business
Zimmermann доби 85% скок во пребарувања, а дигиталните платформи за луксузна продажба регистрираа тројна конверзија на парчињата што беа „само слични“ на оние во серијата. И сето тоа без ниту еден спонзориран пост. И не се само луксузните брендови што се налепија на White Lotus лудилото, и H&M не останаа покусо па извадија своја колекција инспирирана од серијата.
Извор: H&M
Што може да научи маркетинг светот од The White Lotus?
Стилот продава. Не преку „купете го ова“, туку суптилно преку „живејте вака“.
Локацијата е клучна. А ако ја избереш правилно, добиваш и сцена и публицитет и сѐ помеѓу.
Сатирична искреност повеќе од полиран перфекционизам. Публиката сака да гледа богати луѓе како страдаат – ама во убави кревети со поглед на океанот.
Сѐ е маркетинг. И кога мислиш дека е само забава – некој нешто продава.
На крај – The White Lotus не продава производ. Тој продава фантазија.
The White Lotus не продава производ. Продава начин на живот. А паметните брендови? Тие ја претвораат таа фантазија во купувач. Па, ако сѐ уште се прашувате дали треба да инвестирате во добра приказна, запрашајте се – дали сакате да бидете дел од приказната, или дел од публиката?