Неговиот говор се фокусираше на тоа како двосмерната комуникација, автентичноста и задоволувањето на потребите на публиката можат да го поттикнат органскиот word-of-mouth маркетинг и да го зголемат ангажманот и продажбите.
Моќта на социјалните медиуми во креирање на нови можности за мали брендови
Во денешната дигитална ера, сите ние, без разлика дали сме од страната на маркетерите или купувачите, сме сведоци на неверојатните можности за откривање на нови брендови и дизајнери за кои, до вчера, можеби никогаш не сме ни чуле. Замислете дизајнер на кожни додатоци кој денес, во своето скромно ателје, едвај започнува со работа. Утре, истиот тој дизајнер може да добие купувач кој, сосема случајно, ја видел неговата реклама додека листал по Инстаграм.
Визуелниот приказ на производите го привлекол вниманието на потенцијалниот клиент, кој потоа одлучува да го разгледа профилот на дизајнерот. Поставува прашање за конкретен производ, добива брз и директен одговор, и – еве ја магијата – од таа едноставна дигитална комуникација произлегува реална посета во ателјето на дизајнерот.
Ова е силата на социјалните медиуми во акција – алатка која, особено за малите брендови, може да биде нивното тајно оружје за натпреварување со големите индустриски гиганти.
Извор: WebMind Редакција
За малите брендови, социјалните медиуми претставуваат тајно оружје – алатка која им овозможува да се натпреваруваат со големите индустриски гиганти. Но, тука лежи предизвикот: додека многу брендови успеале да ги „разбијат“ алгоритмите и да ја достигнат својата целна публика, тие често го занемаруваат еден од најмоќните аспекти на социјалните медиуми – нивните следбеници.
Токму на оваа тема се задржува Елфрид Самба, експерт за градење заедници и поранешен раководител на социјалната мрежа на Gymshark. Со години тој ја усовршувал уметноста на трансформирање на следбениците во лојална и ангажирана заедница, која природно го поттикнува word-of-mouth маркетингот на пошироко ниво. Елфрид потенцира: „За да изградиме заедница, треба да создадеме функционални искуства, содржина и приказни кои ги поврзуваат луѓето. Треба да разбереме дека иако заедницата е на нашите канали, ние не ја поседуваме – само ја користиме за следните чекори и успех.“
Во својата сесија, тој ги откри своите докажани стратегии за создавање автентични врски на социјалните платформи и како овие врски можат да се претворат во конкретни резултати.
Извор: WebMind Редакција
- Community-first искуство
Елфрид Самба е убеден дека успехот на социјалните медиуми оди многу подалеку од „победување“ на алгоритмите или мерење на метрики како лајкови и следбеници, нешто што денес е речиси ирелевантно. Иако овие метрики може да помогнат во обезбедување видливост, вистинската магија се случува кога фокусот е ставен на градење заедница. „Социјалните медиуми претставуваат можност за двонасочна комуникација со вашата публика, а не само алатка за објавување содржини. Погледнете го примерот со #RedBull и екстремните спортови или #Vans и скејтерите,“ вели Самба.
За малите брендови, токму тука лежи нивната единствена предност. За разлика од големите корпорации, кои често се борат да одржат лични врски со своите милиони следбеници, малите брендови можат да ја искористат својата компактност во своја корист. Тие можат да комуницираат на лично ниво со своите следбеници, да одговараат на коментарите и да градат долгорочни односи. Овие врски не само што го зголемуваат ангажманот, туку и ја зајакнуваат лојалноста кон брендот.
Извор: WebMind Редакција
2. Word-of-Mouth во обем
Една од најуспешните стратегии што Елфрид ја користел во Gymshark била креирањето на word-of-mouth маркетинг на широко ниво. Успехот на Gymshark не се должела само на квалитетот на нивните производи, туку и на заедницата што ја изградиле околу брендот. Според Елфрид, целта е да се претвори публиката во вистински поддржувачи на брендот – луѓе кои се толку страствени за брендот што природно зборуваат за него со своите пријатели, семејството и онлајн заедницата.
Додека го слушав Елфрид, веднаш се пронајдов себеси во оваа улога. Иако сум со 20-годишно искуство во маркетинг комуникациите, кога открив козметичка линија која совршено одговараше на моите потреби, не можев да ја задржам во тајност. Прво ја споделив фасцинираноста со моето семејство – мајка ми и сестра ми веднаш станаа купувачи, а потоа го проширив зборот до моите најблиски пријатели.
За да успее ова за малите брендови, Елфрид ја нагласува важноста на автентичноста. Луѓето многу поверојатно ќе препорачаат бренд со кој чувствуваат лична поврзаност, отколку еден што само се обидува да ги продаде производите агресивно. Со покажување на човечката страна на брендот и искрено ангажирање со публиката, можеме да изградиме заедница која органски го промовира брендот.
3. Претворање на следбениците во клиенти
Градењето на ангажирана заедница е само почетокот. Следниот голем предизвик, според Елфрид, е како да ги претвориме тие следбеници во клиенти. Неговата стратегија се заснова на негување на врските со следбениците со текот на времето. Не се работи за тоа да ја бомбардираме нашата публика со бесконечни промоции, туку за разбирање на нивните потреби и желби.
Елфрид објаснува како социјалните медиуми можат да послужат како алатка за слушање на публиката. Преку тоа, брендовите можат да ја прилагодат својата содржина така што ќе одговара на интересите и грижите на нивните следбеници. Ова може да вклучува создавање корисни упатства, нудење задкулисни погледи на брендот или споделување содржини кои ги одразуваат вредностите на заедницата.
„Клучот,“ вели Елфрид, „е да бидеш оригинален и да понудиш вредност пред да побараш нешто за возврат.“
4. Заедницата како долгорочна деловна стратегија
За Елфрид Самба, градењето заедница не е само краткорочна тактика на социјалните медиуми – тоа е долгорочна деловна стратегија. Кога брендовите инвестираат во создавање силни врски со својата публика, тие создаваат лојална база на клиенти кои остануваат верни на брендот. Овие клиенти имаат поголема веројатност да направат повторни купувања, да го препорачаат брендот на други и дури да го поддржат брендот во тешки времиња. Многу примери од ваква природа видовме за време на Ковид пандемијата, кога заедниците беа клучни за опстанокот на многу брендови.
На овој начин, градењето заедница на социјалните медиуми се трансформира од само зголемување на бројот на следбеници во стратегија што го поттикнува одржливиот раст на бизнисот. Во денешниот свет, управуван од социјалните медиуми, малите брендови имаат уникатна можност да се натпреваруваат со поголемите ривали. Она што им недостасува на големите играчи, малите брендови го надополнуваат со вистинско, автентично градење на заедница, со посебен фокус на:
- Community-first Experience
- Community-first Content
- Engagement
- Retention
- Authenticity
- Relevance
- Purpose (CTA)
- Platform-Centric
- Frequency
Со примена на овие принципи, заедницата станува основа за долгорочен успех. Со увидите на Елфрид Самба, брендовите можат да го отклучат вистинскиот потенцијал на своето присуство на социјалните мрежи. Тоа се постигнува преку создавање директни врски со публиката, поттикнување на органски word-of-mouth маркетинг и претворање на следбениците во доживотни клиенти. А како ја освојуваме довербата на потенцијалните клиенти? „Преку директни реакции!“ – заклучува Самба.