Управниот одбор на италијанската модна компанија Benetton расправа за минатогодишната загуба од 230 милиони евра и разгледува мерки за опоравувње, меѓу кои е и разделбата со извршниот директор на фирмата Масимо Ренон, пренесува Ројтерс повикувајќи се на два анонимни добро упатени извори.
Претходната година не беше исклучок во работењето на Benetton, бидејќи фирмата и во 2022 година забележа загуба која изнесуваше 81 милион евра. Акционерите на Benetton ќе се соберат на 18 јуни, а споменатите извори наведуваат дека на Ренон на овој состанок нема да му биде продолжен договорот.
Семејството Benetton подготвува реструктурирање на целата фирма во која ќе вложи 260 милиони евра, наведува британската агенција.
Италијанската модна компанија стана препознатлива по облека полна со бои и провокативни рекламни кампањи, но Benetton сега има проблеми со конкуренцијата од големи фирми како што е шпанскиот Inditex, сопственик на брендот Zara.
Benetton е семејна фирма која е основана во 1965 година и моментално има повеќе од 4.000 продавници ширум светот.