Американското Министерство за правда соопшти дека наводниот грабеж е прв од ваков вид.
Обвинителството, исто така, тврди дека браќата, кои наводно студирале на Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ), ја извршиле измамата во април 2023 година, објави BBC.
„Браќата Peraire-Bueno украдоа 25 милиони долари во криптовалута Ethereum преку технолошки софистицирана, напредна шема што ја планирале со месеци и ја извршиле за секунди“, рече заменик-јавниот обвинител Лиза Монако. Таа додаде дека агентите на IRS одиграле клучна улога во откривањето на оваа „прва од ваков вид шема за измама и перење пари“.
Обвинителството тврди дека користеле високо специјализирани вештини научени на „еден од најпрестижните универзитети во светот“ за да го искористат процесот на валидација на трансакциите на Ethereum. Според обвинението, браќата студирале математика и компјутерски науки, пишуваат медиумите.
„Шемата на обвинетите го доведува во прашање самиот интегритет на блокчејнот“, рече американскиот обвинител Демијан Вилијамс, повикувајќи се на јавниот регистар што ги евидентира крипто плаќањата.
Браќата наводно краделе од трговците со Ethereum добивајќи пристап до тековните приватни трансакции и потоа ги менувале тие трансакции за да ја добијат криптовалутата на нивните жртви. Процесот, кој истражителите го нарекоа „експлоатација“, траел само неколку секунди.
Кога се соочиле со претставник на Ethereum, официјалните лица велат дека браќата одбиле да ги вратат средствата и презеле чекори за да ги исперат и скријат украдените средства. Обвинителството нагласи дека ова е првпат оваа „нова“ форма на измама да биде предмет на кривична пријава.
Секој од нив се соочува со повеќе од 20 години затвор доколку бидат прогласени за виновни.