Иако со оваа регулатива не е утврден конкретен датум за почетокот на работата на EES системот, неговата постепена примена, според планот на агенцијата eu-LISA, би можела да започне во октомври оваа година. EES е ИТ систем кој дигитално ќе ги регистрира влезовите и излезите, податоците од пасошите, отпечатоците од прсти и фотографиите на лицата од држави што не се членки на ЕУ, а патуваат за краткорочен престој во една од 29-те европски земји.
Што носи системот EES?
Овој систем, кој ќе го замени сегашниот рачен систем на печатирање пасоши, ќе важи и за граѓаните на Македонија при преминување на границите на ЕУ. Регулативата не предвидува конкретен датум за почеток на постепеното воведување на EES, бидејќи за тоа е потребна посебна одлука од Европската комисија откако законот ќе стапи на сила.
Сепак, министрите за внатрешни работи ја одобрија и ревидираниот план за воведување на т.н. архитектура на интероперабилност, односно меѓусебно поврзан систем на ИТ алатки за управување со границите и спроведување на законот.
Според планот што го усвои управниот одбор на агенцијата eu-LISA, која е одговорна за изградба на ИТ инфраструктурата, постепената примена на EES ќе започне во октомври 2025 година, додека Европскиот систем за патнички информации и авторизација (ETIAS) ќе биде лансиран во последниот квартал на 2026 година. ETIAS, кој исто така ќе важи за граѓаните на Македонија, ќе бара од патниците да добијат патна дозвола за влез во ЕУ, што ќе чини седум евра.
Според соопштението на Советот на ЕУ, во рамките на фазната имплементација, земјите членки постепено ќе го применуваат EES и ќе работат на тоа во првиот месец од примената да бидат регистрирани најмалку 10% од граничните премини. Во првите 60 дена, земјите членки ќе можат да го користат системот без биометриски функционалности, а по три месеци ќе треба да го применуваат и со биометриски податоци на најмалку половина од своите гранични премини.
“Земјите на ЕУ треба да постигнат целосна регистрација на сите поединци до крајот на фазниот период на имплементација на системот EES. До крајот на овој транзициски период, земјите членки ќе продолжат со рачно печатирање на патните исправи”, се вели во соопштението на Советот на ЕУ.
Дополнително, регулативата ги зема предвид различните потреби на земјите членки на ЕУ, дозволувајќи им да го применуваат системот постепено, доколку сакаат, или целосно од првиот ден откако законот ќе стапи на сила.
Овој договорен општ пристап претставува основа за преговори со Европскиот парламент, кој сè уште го усогласува својот став. За формално усвојување на законот потребно е Советот и Европскиот парламент да договорат заеднички став. Советот на ЕУ за правда и внатрешни работи во октомври 2023 година ги поддржа плановите за старт на EES на крајот од 2024 година, но откако тој рок не беше испочитуван, Европската комисија предложи негово постепено воведување.
За постепеното започнување со работа на новиот систем беше неопходна нова регулатива, имајќи предвид дека актуелната регулатива за EES бара од сите земји членки истовремено и целосно да го применуваат овој систем. Кога ќе стапи на сила, EES системот ќе им овозможи на земјите членки на ЕУ пристап во реално време до личните податоци на државјаните од земји што не се членки на ЕУ, нивната историја на патувања, како и информации за тоа дали се придржуваат кон одобрениот период на престој во Шенген зоната.
Кој ќе го применува овој систем?
Според Советот на ЕУ, EES ќе ја намали веројатноста за измами и злоупотреба на идентитетот, зајакнувајќи ја безбедноста во Шенген зоната. Европскиот комесар за внатрешни работи и миграции Магнур Брунер одби да шпекулира за конкретни датуми за стартот на EES, додека министерот за внатрешни работи и администрација на Полска, Томаш Сјемонак, изјави дека целта е системот да почне да функционира во октомври.
“Многу сум задоволен што за време на полското претседавање со Советот на ЕУ, кое е фокусирано на безбедносни прашања, успеавме да направиме значителен напредок во контролата и заштитата на нашите надворешни граници. Усвоеното решение, од една страна, е флексибилно, а од друга страна, гарантира безбедност во управувањето со миграционите текови”, изјави Сјемонак.
Системот EES ќе го применуваат следните земји: Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија. На Кипар и во Ирска, пасошите и понатаму ќе се печатираат рачно. Одобрение за патување преку системот ETIAS ќе бараат сите земји кои ќе го применуваат и EES системот, вклучително и Кипар. За време на состанокот на Советот на ЕУ за внатрешни работи, се дискутираше и за Шенген зоната, со посебен фокус на зголемување на ефикасноста на системот за враќање, како и за миграциите и внатрешната безбедност на ЕУ.
Извор: Bizlife.rs