Siri со уникатен трик: Апликациите ќе ги контролирате само со глас

Во 2024 година Apple ја претстави атрактивната и поинтелигентна верзија на Siri, која би можела да се поврзува со различни апликации и да пронаоѓа најразновидни информации. Сепак, таа верзија сè уште не ја има видено светлината на денот, бидејќи изгледа дека компанијата не успеала навреме да ја подготви.

siri-4224-fi

Извор: Freepik

Сепак, според извештај на Bloomberg, Apple моментално тестира верзија на Siri што би можела да извршува дејства во различни апликации врз основа на гласовни команди на корисникот. Компанијата планира да објави нова верзија на рамката App Intents, која им овозможува на програмерите да им дадат на корисниците пристап до одредени функции на апликациите преку различни системи, како што се пребарување и опцијата Shortcuts.

Според Bloomberg, доколку новата Siri и подобрениот App Intents функционираат добро, корисникот би можел да ѝ побара на Siri да пронајде фотографија, да ја измени и да ја испрати; да остави коментар на социјална мрежа; или да се најави на одреден сервис.

Apple веќе ја тестира оваа функција со апликации како Uber, AllTrails, Threads, Temu, Amazon, YouTube, Facebook и WhatsApp, се наведува во извештајот. Истото издание претходно објави дека Apple планира целосно обновена верзија на Siri да ја пушти на пролет во 2026 година.

Како настана Siri?

Гласовната асистентка на Apple, Siri, има интересна и прилично возбудлива историја која започнува многу пред компанијата воопшто да стане дел од приказната.

Siri е родена како проект на стартапот Siri Inc., основан во 2007 година во Сан Франциско. Името го добила од норвешкиот збор Sigrid, што значи „убав победник“, а еден од основачите со норвешко потекло сакал тоа име да ѝ го даде и на својата идна ќерка. Првично, Siri не била ексклузивно поврзана со Apple, се развивала како самостојна апликација за iPhone, но и за Android и BlackBerry.

Апликацијата беше лансирана во 2010 година во App Store и брзо ја привлече вниманието на корисниците, но и на големите компании. Само два месеци подоцна, Apple ја купи Siri Inc., ги повлече верзиите за другите платформи и започна да ја интегрира во својот екосистем. Првата верзија на Siri како Apple производ се појави во 2011 година со iPhone 4S и предизвика огромно медиумско внимание, во тоа време беше револуционерна, бидејќи можеше да одговара на прашања, да праќа пораки, да подесува аларми и дури и да се шегува.

Siri е заснована на вештачка интелигенција и препознавање на природен говор, а од самиот почеток користеше податоци од партнерства со сервиси како Wolfram Alpha и Yelp. Со текот на годините, стана дел од целиот Apple екосистем.

Со време “созреа”, почна да поддржува повеќе јазици и дијалекти, доби подлабока интеграција со апликации од трети страни, но и конкуренција во вид на Google Assistant и Amazon Alexa. Apple продолжи да ја унапредува Siri, воведувајќи подобро разбирање на контекст, интеграција со HomeKit паметните уреди и можност за препознавање на гласот на корисникот.

Денес, иако често е предмет на шеги поради своите ограничувања, Siri останува еден од најпрепознатливите производи на Apple и значаен дел од стратегијата на компанијата во светот на вештачката интелигенција и гласовните асистенти.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.