Полесно на работа во Германија

Во Германија стапи на сила новата визна шема за квалификувани работници од земји надвор од Европската унија (ЕУ), која овозможува влез во таа земја и барање работа до една година. Услов е да се исполнат одредени критериуми, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ).

rabota-vo-germanija-1523-fi

Извор: Freepik / massonstock

Новата шема, позната како карта за шанса за вработување, им е достапна на оние со најмалку двегодишна стручна подготовка или универзитетска диплома признаена во земјата каде што е стекната квалификацијата. Потребно е и познавање на германски или англиски јазик.

Дали апликантите ги исполнуваат условите за таква виза, се проценува врз основа на јазични вештини, професионално искуство, возраст и релации со Германија.

Откако картата ќе биде одобрена, апликантот може да влезе во Германија и да бара работа до една година, што значи дека повеќе тој/таа не мора да поднесува договор склучен со германска компанија пред да може да влезе во Германија за да работи, наведува РСE.

Новата шема беше воведена со цел да се намали бирократијата и да се скратат процедурите.

Проширени можности за работниците од Западен Балкан

Федералната агенција за труд од јуни 2024 година ќе издава 50.000 визи годишно за земјите од Западен Балкан . „Ние гарантираме дека работниците и квалификуваните работници кои на нашата економија ѝ се потребни со години, може да дојдат во нашата земја“, рече секретарката за внатрешни работи, Ненси Фезер.

Ова значи дека Македонците полесно ќе можат да работат во Германија. Во оваа земја моментално живеат 222.000 луѓе со македонско потекло, 68.000 повеќе од пред две години. Според германската амбасада во Македонија, бројот на барања за визи е зголемен за една третина од 2021 до 2022 година. Ваквиот развој на настаните е погубен за економската и демографската состојба за нашата земја. Ниските плати, корупцијата, долгиот пат кон пристапувањето во ЕУ, лошата политика и немањето перспектива ги тераат да работат во странство, пишува Факултети.

rabota-vo-germanija-1523-ps1

Извор: Freepik / vh-studio

На прашањето зошто и што им е толку подобро таму, Македонците велат дека сè е некако „полесно, побавно, поорганизирано и со многу помалку стрес и размислување за утре“. Мажите најчесто работат во градежништво и сродни дејности, каде во просек заработуваат и до 2.500 евра месечно. Циглар заработува 3.214 евра, молер 2.975 евра, а ковач 3.053 евра месечно. Возач на виљушкар, на пример, има просечна плата од 2.679 евра, а работник на пат 3.463 евра. Нашите медицински сестри заработуваат и до 2.600 евра. Ова се просечни плати според официјалната статистика. Интересно е што многумина често работат дополнителна таканаречена „мини работа“, која се работи по околу два часа дневно и во просек може да им донесе околу 1.000 евра месечно, пишува Фактор.

Со германска поддршка во македонскиот систем се воведе дуално образование, за да се обезбеди квалификуван кадар во текот на образовниот процес. Тоа отвора надеж за македонската економија, но и страв дека сѐ повеќе работници ќе заминат во странство во потрага по добро платена работа. Првичните ефекти се позитивни, велат Германците, но за целосен успех треба многу труд, а пред сѐ промена на менталитетот на младите, велат професори во интервју за МРТ1.

Новата шема е дел од сеопфатниот пакет закони чија цел е да се реши акутниот недостиг на квалификувана работна сила во Германија. Првата фаза започна во ноември 2023 година и главно вклучуваше олеснување на патот до дозвола за престој позната како ЕУ Сина карта, и се однесуваше на признати квалификувани работници.

Исто така, проширени се можностите за граѓаните од земјите од Западен Балкан кои бараат работа, а се однесуваат на неквалификуваните работници. Но, за нив е сепак потребен договор со германска компанија како предуслов за влез во Германија заради вработување.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.