Според наводите на Европската Комисија, Google ги фаворизирал сопствените услуги, како што се пребарувањата за летови и хотели, во резултатите од пребарувањето, со што ја нарушил фер конкуренција на пазарот. Исто така, компанијата е обвинета дека им отежнува на програмерите на апликации да ги пренасочат корисниците кон алтернативни канали надвор од Google Play Store, каде што би можеле да најдат подобри понуди.
Од друга страна, на Apple му е наредено да ги направи своите оперативни системи покомпатибилни со уреди од трети страни, како што се паметни часовници и слушалки од други брендови. Овој потег има за цел да ја поттикне конкуренцијата и да им понуди на корисниците поширок избор на компатибилни производи.
Според одредбите на DMA, компаниите што ќе ги прекршат правилата ќе се соочат со казни до 10% од нивниот глобален приход, а во случај на повторени прекршоци, казните можат да достигнат и 20%. Со оглед на тоа што приходот на Apple во 2024 година изнесувал 391 милијарда долари, потенцијалната казна би можела да достигне речиси 80 милијарди долари, пренесува The Guardian.
Двете компании изразија загриженост во врска со овие одлуки. Google наведе дека измените би можеле да го отежнат пронаоѓањето на потребните информации за корисниците и да го намалат сообраќајот кон европските бизниси. Apple, пак, истакна дека овие мерки би можеле да го забават технолошкиот напредок и негативно да влијаат врз корисничкото искуство во Европа.
Европската комисија нагласи дека сите компании што работат во рамките на ЕУ мора да ги почитуваат нејзините правила, вклучително и Законот за дигитални пазари. Овие одлуки ја покажуваат решителноста на новата комисија, која го започна својот мандат во декември, строго да го спроведува DMA, и покрај ризикот од зголемување на тензиите со САД.
Извор: web-mind.rs