Министерството за образование на Холандија изјави дека мобилните телефони го одвлекуваат вниманието на учениците и ја намалуваат нивната способност за концентрирање, што штетно влијае на успехот во учењето
Телефоните сè уште можат да се користат на час доколку се потребни за содржината на часот, на пример кога се учи за медиумските вештини. Учениците, истотака, можат да користат мобилни телефони доколку е потребно поради здравствени причини, а одговорноста на училиштата е да ја спроведат забраната на лице место.
Атмосферата се подобрува и во училиштата каде мобилните телефони се забранети и за време на одмор, објави каналот NOS.
„Паузите се посоцијални затоа што учениците многу повеќе разговараат меѓу себе“, вели истражувачката Лоес Паувелс од Универзитетот Радбауд во Нијмеген.
Забранувањето на телефоните во училиштата е тема на контроверзна дебата во Холандија.
Во исто време, многу родители утврдиле дека децата од основно училиште воопшто не треба да имаат паметни телефони, токму поради ризикот од зависност од социјалните мрежи.
Грција и Италија ги забранија телефоните во училниците, додека Германија веќе подолго време дебатира за таков потег.
Една неодамнешна студија на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) препорачува ограничена и одговорна употреба на мобилни телефони во училиштата.