Моне се појави на повеќе Билборд листи од нејзиниот дебитански настап во летото 2025 година, вклучувајќи ги Hot Gospel Songs со песната Let Go, Let God и Hot R&B Songs со How Was I Supposed to Know.
Која е всушност Ксанија Моне?
Профилот на уметницата на Apple Music ја опишува како „AI фигура претставена како современ R&B вокал со експресивен, духовен стил инспириран од црковната музика“. Зад проектот стои Телиша Ники Џонс, поетеса од Мисисипи, која ги пишува текстовите што Моне ги изведува со помош на програмата Suno, музички генератор заснован на вештачка интелигенција.
Во август, Моне го објави својот прв албум Unfolded со 24 песни, а веќе во септември следеше и EP со седум песни под наслов Pieces Left Behind.
Нова граница или закана за човечкото творештво?
Додека Холивуд и музичката индустрија со загриженост го следат подемот на уметниците создадени со вештачка интелигенција, изгледа дека публиката е многу поотворена – што го потврдуваат и нејзините повеќе од 146.000 следбеници на Инстаграм. Нејзините претставници ја пофалија поради нејзиниот „мек, душевен звук“ и „изведба што наликува на човечка“.
Менaџерот Ромел Марфи инсистира дека целта не е заменување на човечките уметници, пишува CNN.
„AI не ги заменува уметниците. Тоа воопшто не е нашата цел. Таа не ја намалува креативноста и не го одзема човечкото искуство,“ изјави Марфи за CNN. „Ова е нова граница и, како и со секоја промена, некои луѓе ја прифаќаат, а некои се воздржани.“
Музичарите во страв
Од другата страна, вистинските музичари не ја кријат својата загриженост. Во сега избришано видео на TikTok, пејачката Келани јавно реагираше на договорот што го потпиша Моне.
„Постои AI R&B уметник што токму потпиша договор вреден неколку милиони долари… а таа личност не работи ништо,“ рече таа. „Ова е надвор од наша контрола.“
Келани додаде: „Ништо и никој на Земјата нема никогаш да може да ми оправда вештачка интелигенција.“
AI револуција на Билборд
Billboard известува дека најмалку шест уметници со вештачка интелигенција или делумно создадени со неа дебитирале на нивните листи во последните неколку месеци. „Тој број би можел да биде и поголем, бидејќи станува сè потешко да се утврди кој или што точно стои зад AI уметникот – и во која мера,“ наведува публикацијата. Менaџерот Марфи не гледа проблем во тоа и ја споредува ситуацијата со музиката на Мајкл Џексон и Принс.
„И двајцата имаат каталози на музика кои се протегаат со децении до денес. Младите луѓе и понатаму ги слушаат нивните песни иако тие веќе не се меѓу нас. Тие се поврзани со својата музика, иако никогаш не присуствувале на нивен концерт,“ изјави Марфи.
„Музиката мора да еволуира. Само треба да го задржиме својот интегритет, да бидеме намерни во однос на автентичноста и да ја поттикнеме музиката да излезе во светот”.