Вештачката интелигенција сè подобро ги имитира човечките емоции

Големите јазични модели (LLM), кои стојат зад денешните AI системи, би можеле да отворат сосема нови можности во истражувањето на менталното здравје, покажува нова студија на Техничкиот универзитет во Дрезден, Германија.

llm-5928-fi

Извор: magnific

Со оглед на проценките дека до 2050 година дури 1,2 милијарди луѓе ќе имаат некаква форма на ментално нарушување, научниците сè поинтензивно бараат начини подобро да ги разберат, превенираат и третираат овие состојби. Додека фармаколошките пристапи се развиваат релативно директно, психотерапевтските методи и терапијата преку разговор се значително покомплексни, бидејќи тешко можат веродостојно да се симулираат во лабораториски услови, било кај луѓе или животни.

Во тој контекст, истражувачите почнале да испитуваат дали AI моделите можат да послужат како алтернатива за симулирање на одредени аспекти од човечкото психолошко функционирање.

Според д-р Магдалена Векенборг, која ја предводи истражувачката група PsychoDigital Research при Техничкиот универзитет во Дрезден, резултатите покажуваат дека големите јазични модели можат да репродуцираат обрасци на афективни и когнитивни процеси во контролирани услови.

„Овие модели можеме да ги користиме како алатка за подобро разбирање на основните механизми и за истражување нови пристапи, на пример во психотерапијата базирана на разговор“, вели Векенборг.

Дали AI моделите можат да ги „имитираат“ емоциите?

Иако менталните состојби кај животните понекогаш се користат како модел во научните истражувања, научниците истакнуваат дека тие не можат целосно да ја опфатат сложеноста на човечкото однесување и субјективното искуство.

Од друга страна, LLM системите покажаа способност во одредени контексти да имитираат елементи на човечкото размислување, вклучувајќи убедување, емоционално разбирање и расудување.

Во рамките на студијата, истражувачите тестирале дали AI моделите можат да симулираат емоции како страв, анксиозност, бес, одвратност, тага, загриженост и стрес. Потоа анализирале дали овие „индуцирани“ емоции можат да се менуваат преку различни стратегии за регулација и дали влијаат врз начинот на кој моделот донесува одлуки.

Резултатите покажуваат дека, иако моделите немаат емоционални состојби во човечка смисла, тие можат да репродуцираат обрасци на размислување и грешки кои се јавуваат кај луѓето под влијание на одредени емоции.

Тоа отвора можност врз нив да се спроведуваат експерименти кои кај луѓе или животни би биле невозможни или етички проблематични.

Според Јакоб Н. Катер од Техничкиот универзитет во Дрезден, една од клучните предности на ваквите системи е нивната повторливост.

„Експериментите можат да се повторуваат неограничен број пати во идентични услови, со можност за прецизна контрола на сите варијабли“, објаснува тој.

Како што додава, ова отвора врата за нова генерација истражувања во психологијата и биомедицината, базирани на податоци и симулации кои досега не биле можни.

Извор: web-mind.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.