Вештачката интелигенција (ВИ) континуирано го менува пејзажот на модерната музика, воведувајќи револуционерни методи за создавање бесплатна музика без авторски права. Овие иновации ја отвораат вратата за музичарите, продуцентите и креативците, давајќи им алатки за експериментирање и создавање музички дела без традиционални ограничувања. Со платформите како што се OpenAI Jukebox и проектот на Google, Magenta, создавањето музика претрпе длабока промена, овозможувајќи им на уметниците да истражуваат нови сфери на изразување и иновации без традиционалните ограничувања.
Меѓутоа, како што вештачката интелигенција сè повеќе се интегрира во процесот на создавање музика, се наѕираат етичките и авторските проблеми.
Како луѓето од музичката индустрија гледаат на примената на вештачката интелигенција во создавањето музика
Според нашиот познат диригент, мултиинструменталист и композитор на музика за различни ансамбли, театарски продукции и филм, Џијан Емин, вештачката интелигенција е присутна во музиката повеќе од 50 години.
На почетокот тоа се викаше нешто како „интелигентен аранжер“, кој беше интегрирана алатка во многу аналогни ритам машини и органи во тоа време. Потоа, со развојот на дигиталната технологија во почетокот на 90-тите години, се создадоа уште посилни можности за инкорпорирање на најразновидни системи како суштински дел на голем број синтисајзери/аранжери. Следеше бум во компјутерската ера, каде создавањето музика од големите и скапи студија се префрли во домашни услови. Паралелно се креирани огромен број на апликации и музички библиотеки со семплови кои симулираат секаков вид на звук кој постои на планетава.
Вели Емин.
Денес вештачката интелигенција е дел од нашето секојдневие, од нашите телефони, телевизори, автомобили, итн. Не постои полесно време за создавање музика со користење на AI технологија. Со развојот на оваа технологија секако се појавуваат и нови предизвици.
„Еден голем потенцијален проблем е авторството на делата. Големите музички компании веќе изразуваат голема загриженост, бидејќи на пазарот се појавуваат голем број на хитови кои се создадени по пат на вештачка интелигенција. Се изготвуваат нови регулативи, кои уште повеќе ќе ја променат музичката индустрија“, додава композиторот.
Непостоење на правна рамка за регулирање на правата на интелектуална сопственост кај музиката создадена од ВИ
Секоја нова технологија е предизвик за правата од интелектуална сопственост. Претходно беше интернетот, содржините креирани од страна на корисниците, одговорностите за сервис провајдерите, потоа стриминг платформите, апликациите и слично, а денес е ВИ.
Извор: Ана Пепељугоска
„Процесот на кристализирање на правилата во доменот на ВИ ќе биде предизвик за правниците минимум во наредните десет години.“, смета д-р Ана Пепељугоска, адвокат правник во адвокатското друштво „Пепељугоски“.
Сè додека не се создаде наменска правна регулатива за овој домен, правниците ќе бидат принудени да ги применуваат постоечките прописи при анализа на случаите на повреда и ќе се прави проценка на база на основните принципи на правото.
Во моментов постојат два приоди кон решавањето на овој проблем: да се одбие авторско-правна заштита на делата кои се генерирани од ВИ или авторско-правната заштита да припадне на создавачот на компјутерската програма.
Во ЕУ, Европскиот суд на правдата неколку пати го реафирмира своето стојалиште дека со авторско право може да се заштитат оригинални дела и таа оригиналност мора да ја рефлектира сопствената интелектуална креација на авторот, што подразбира дека за да ја рефлектира личноста на авторот, мора да постои човек како автор на одредено дело. Постојат и неколку други случаи кои од денешен аспект може да се сметаат дека спаѓаат под групата на случаи каде ВИ го предизвикала правото на интелектуална сопственост (пр. Lush v. Amazon, Louboutin v. Amazon). “
Со развојот на регулативата за ВИ, можеби некои од овие воспоставени принципи ќе претрпат промена, но ниту една „нова“ технологија не треба да го намали нивото на заштита кое го обезбедува правото на интелектуална сопственост“, вели д-р Пепељугоска.
Иднината на музиката е светла
Според музичарите, и покрај сè, иднината на музиката засилена со вештачка интелигенција е светла, нуди неограничени можности за создавање, дистрибуција и уживање.
Јас сум среќен и задоволен што технологијата за создавање музика е развиена на вакво високо ниво. Очекувам да продолжи овој тренд на технолошки развој во кој вештачката интелигенција уште повеќе ќе земе замав и претпоставувам во некој момент во иднината ќе биде невозможно да се прави разлика која музика е снимена со вистински инструменти, а која по пат на вештачка интелигенција. Но, музиката не е само технологија. Таа е еден мал сегмент од она што се вика музика. Моја визија е дека живите музички настапи ќе преживеат и покрај појавата на холограмски перформанси и не верувам дека технологијата ќе успее да најде начин како да ја пренесе енергијата и емоцијата на толку веродостоен начин како вистинскиот човек. Ќе бидеме сведоци на силна борба помеѓу AI и човечкото суштество. Да се надеваме дека ќе биде забавно.
Вели Џијан Емин.
Гоце Стефковски, директорот на новоформираниот Национален џез оркестар, смета дека интегрирањето на ВИ во музиката не е нарушување, туку хармонична еволуција. Според него, вештачката интелигенција нуди безгранични можности за музичко истражување и иновација.
Кирил Кузманов, виртуозот на саксофон, чие мајсторство на инструментот го направи незаменлив член на ценетиот Национален џез оркестар, тврди дека иако алатките за вештачка интелигенција имаат огромен потенцијал за музичката продукција, тие никогаш нема да можат да ја реплицираат суровата автентичност и длабоката емотивна врска што ја нудат изведбите во живо.
Извор: Маја Аргакиева
Можеме да заклучиме дека појавата на вештачката интелигенција во создавањето музика најавува нова ера на креативност и пристапност, демократизирање на уметничкиот процес и поместување на границите на музичкиот израз.