Научниците и компаниите кои стојат зад проектите SeaClear2.0 и неговиот претходник SeaClear, развија флота од дронови кои можат самостојно да го препознаат отпадот што лежи на морското дно. Роботите, кои користат вештачка интелигенција, но се под надзор на луѓе, можат да забележат секојдневни предмети како шишиња, гуми и друг отпад, како и да го разликуваат ѓубрето од камења, растенија и морскиот свет.
Оваа иницијатива е дел од мисијата на ЕУ „Обновете ги нашите океани и води“, чија цел е количината на морски отпад да се намали за околу половина до 2030 година. Тестирања веќе се спроведени во една марина во Марсеј, Франција, како и во Германија. Натамошни тестирања се планирани во Венеција, Дубровник и Тарагона, но експертите предупредуваат дека технологијата сè уште треба да се усовршува.
Голема количина отпад во европските мориња
„Огромна количина отпад завршува во морето“, вели Барт Де Шутер, професор на Технолошкиот универзитет во Делфт, Холандија, и координатор на проектите SeaClear и SeaClear2.0, пренесува Euronews Green.
Поголемиот дел од тој отпад тоне од површината на морското дно, каде што е невидлив за голо око. „Многу проекти се занимаваат со отпадот на површината, но ние се фокусираме на морското дно“, додава Де Шутер. „Важно е да се отстрани отпадот оттаму бидејќи може да ја загадува животната средина“.
Кога пластиката ќе потоне на морското дно, таа со текот на времето се распаѓа на сè помали парчиња. На крајот се претвора во микропластика, која е исклучително тешко да се отстрани и која денес е присутна речиси насекаде на планетата.
Како функционираат роботите за собирање отпад
Вообичаените акции за чистење подразбираат испраќање нуркачи на морското дно за да го соберат отпадот. Кога станува збор за потешки предмети, нуркачите мора да прицврстат кабли за отпадот за тој да може да се извлече на површината. Сепак, овој процес е многу скап и може да ја загрози безбедноста на нуркачите.
Проектот SeaClear2.0 се обидува да го реши тој проблем со испраќање беспилотни пловила на целните локации. Потоа се користат дронови за детекција од воздух кои го пронаоѓаат отпадот и ги бележат неговите точни локации. Потоа, роботите се спуштаат на морското дно за да го подигнат отпадот, со фаќање или со вшмукување. За потешки предмети се користи паметна фаќалка која се спушта со помош на кран.
Истражувачите исто така тестираат дополнителни системи, вклучувајќи и автономна баржа која функционира како „плутачки камион за ѓубре“. Таа ќе го собира отпадот што ќе го соберат роботите и ќе го транспортира назад до брегот.
„За време на тестирањата веќе отстранивме гуми, метални огради и делови од бродови“, вели Де Шутер.
Усовршување на технологијата
Иако тестовите дадоа позитивни резултати, истражувачите велат дека технологијата треба дополнително да се унапреди пред проектот да биде завршен кон крајот на 2026 година.
Истражувачите ја разгледуваат и можноста овие роботи да се користат и за откривање на неексплодирани мини на морското дно, заостанати од историските војни. До крајот на годината, тимот се надева дека нивните екипи за чистење ќе бидат подготвени да работат заедно со локалните власти ширум Европа.
Извор: odrzime.rs