Долго време функционираме во дигиталниот екосистем како отворено поле на идеи, креативност и размена на знаење. Но, со тек на време тој стана нешто друго -инфраструктура изградена врз внимание и алгоритми, со бизнис модел кој пред сè се храни од реклами.
И токму тука настанува судирот со новата реалност: AI не само што може да чита и филтрира содржина, туку сега веќе масовно ја генерира – побрзо, поевтино и барем на прв поглед, доволно „добро“. Но што значи тоа за дигиталната содржина како што ја познаваме?
AI моделите учат од човечка содржина. Од блогови, есеи, новинарски текстови, подкасти, видеа. Прашањето е: Што ќе се случи кога ќе исчезне изворниот човечки глас, а ќе останат само машинските ехоа?
Бизнис моделот на вебот е на стаклени нозе
Голем дел од вебот е бесплатен затоа што ние – корисниците – сме производот. Алгоритмите ги мерат нашите кликови, задржано време и интеракции, а врз база на тие податоци ни се сервираат реклами. Креаторите, пак, се туркани да создаваат што повеќе, што побрзо и што по-clickbait. А сега, кога AI може да произведува текстови за секунди, вредноста на квалитетната содржина уште повеќе се губи.
Време е за нов модел
Книгите, музиката и филмовите одамна фукционираат на база на авторски права. Интернетот – барем овој „отворен“ дел од него – сè уште нема. Но можеби токму AI ќе нѐ натера да го редефинираме дигиталното авторство. Еве неколку насоки што можат да ја спасат вредноста на содржината на веб:
- Модели на директна поддршка: Сè повеќе креатори се префрлаат на платформи како Substack, Patreon или BuyMeACoffee – каде читателите директно ја поддржуваат содржината што ја ценат.
- Преминување од „содржина за сите“ кон „за заедница“: Наместо масовен reach, се вреднува ангажман и значење во помали, но лојални заедници.
- Лиценцирање за AI тренинг: Зошто содржината да не може да се лиценцира (и наплати) кога се користи за обучување модели? Авторите имаат право на фер компензација.
- Микроплаќања: Дали конечно ќе дојде време кога ќе можеме да платиме неколку денари за одличен текст – наместо да скроламе бесконечно?
Не е прашање дали AI ќе победи
AI нема да ја „замени“ веб содржината. Но може да ја направи непрепознатлива ако не одлучиме што сакаме да задржиме. Вебот мора да престане да биде само платформа за оптимизација и монетизација. Мора да стане простор каде што автентичната, човечка перспектива има вредност и каде што креаторите не се на последното место во синџирот на вредност.
Ова не е борба со технологијата – туку борба за смисла
И можеби токму сега е моментот да се запрашаме Која содржина сакаме да ја оставиме зад нас?