Лидерството во ерата на ВИ
Улогата на лидерите последниве години драматично се менува. Од шеф кој е апсолутен авторитет се доаѓа до „коуч“ кој ни приоѓа со доверба, го поттикнува развојот на талентите и ги оснажува вработените. Да кажеме дека ова веќе сме го усвоиле, па кога ќе стигнете до процесот на onboarding, сега имате buddy-системи, ментори и слично.
Сепак, новиот бран промени доаѓа со воведувањето на вештачката интелигенција и со едно тврдење дефинитивно се согласувам: „ВИ нема да ги замени луѓето – но луѓето со ВИ ќе ги заменат луѓето без ВИ.“
Длабоко верувам дека ова важи и за лидерите и за менаџерите. Сите сме заменливи, а ВИ го забрзува тој процес.
Како ВИ влијае на улогата на лидерите
Секој што води бизнис и тим има потреба од многу податоци и извештаи. ВИ како асистент овозможува анализа и извештаи во реално време. Тоа им дава можност на лидерите побрзо да реагираат и поточни да носат одлуки врз основа на јасни увиди.
Ниту лидерите не се ослободени од администрација и повторувачки задачи. Но, со помош на ВИ тие се ослободуваат од овие задолженија, а фокусот се префрла на многу поважни стратешки теми и иновации. Повеќе се посветуваат на луѓето во тимот.
Одлуката кого да испратат на дополнителна обука, кој се истакнува и треба да се поддржи – станува далеку полесна и побрза. Идентификацијата на слабостите и силните страни на секој член од тимот, преку анализи на перформанси и анкети, дава добри увиди за креирање персонализирани планови за развој.
Не смееме да ја занемариме ниту етиката и одговорноста која ја носиме како лидери. Одговорната употреба на ВИ започнува од менаџерите и лидерите. Заштитата на податоците на клиентите, но и на вработените, е исклучително важна. Исто така, треба да се обезбеди систем на награди, унапредувања и санкции што е фер и без дискриминација – нешто што ВИ може да го обезбеди без пристрасност.
Зошто AI-First лидерството ги менува правилата на играта
Ако се прашувате што значи AI-First лидер, еве објаснување: тоа е менаџер или раководител кој води тим, одделение или цела организација така што ВИ станува почетна точка во размислувањето, одлучувањето и обликувањето на деловните процеси.
Наместо ВИ да го гледаат како додаток на постоечката работа, AI-First лидерите почнуваат од прашањето: „Како ВИ може да го подобри овој задаток, процес или стратегија?“ Дури потоа градат тимови, алати и активности околу тој рамковен пристап.
Значи, AI-First лидерите не се само тие што ја користат технологијата, туку оние што ја редефинираат соработката помеѓу луѓето и ВИ. Нивната улога е да ги поврзат технолошките можности со стратешките цели и да создадат култура која го гледа ВИ како партнер во креативноста, одлучувањето и иновациите.
Клучната улога на средниот менаџмент
Многу истражувања покажуваат дека средниот менаџмент има пресудна улога во ВИ трансформацијата на тимовите и компаниите. Тие се медијатори – ја преведуваат стратегијата во пракса, го вградуваат ВИ во тимските процеси, ги едуцираат вработените и градат доверба во технологијата.
Но, истите истражувања покажуваат дека тие не се доволно оснажени и поддржани од повисокиот менаџмент. Околу 48% од средните менаџери сметаат дека нивната креативност се користи во трансформацијата, но ретко која компанија ја усвојува. Затоа е важно да ги оснажуваме лидерите уште во најраните фази.
Предизвици и пречки
Сепак, не е сè едноставно. Воведувањето на ВИ во работењето не е секогаш на корист на репутацијата на лидерите. Иако ВИ носи нови можности и голем напредок, постојат и човечки кочници.
Страв од губење работа – Лидерите мораат отворено да комуницираат и да ги вклучат вработените во промените. На почетокот реков дека не треба да се користи изразот „ВИ е заштеда“. Ова е особено важно за нашите простори. Тука се надоврзува и недостатокот на стручност. Не е лесно да се натераат вработените да учат и да се усовршуваат, но добар план за обуки ќе заштеди време, пари, а и ќе ја зголеми лојалноста кон тимот.
Отпор кон промените – природна реакција кај мнозинството. Секогаш кога ќе се спомне дека треба нешто да се прави по ново, иако новото е подобро и побрзо, првата реакција е: „Па досега функционираше“ или „Навикнав вака“. Но, ако лидерот успее да ги поврзе успесите и резултатите со новите процеси, тоа е добар начин да го придобие довербата и на најскептичните.
И, секако, тука е прашањето на податоците и етичкото работење. Секоја одлука за користење на ВИ мора да биде усогласена со законот, прописите и другите акти, што не е едноставно, особено кај нас каде што сè уште нема јасна регулатива.
Кои „супермоќи“ ќе мораат да ги имаат лидерите во блиска иднина?
- Критичко размислување – ВИ греши, човечкиот суд е неопходен.
- Емоционална интелигенција – Емпатијата и комуникацијата остануваат во центарот на лидерството.
- Стратешко планирање – Визијата и долгорочните цели не може да се делегираат на машини.
- Флексибилност и агилност – Подготвеност за постојано учење и промени.
- Етика и интегритет – Лидерите мораат да обезбедат фер и одговорна употреба на ВИ.
Кој победува – лидерите што го усвоиле ВИ или оние што не?
ВИ ги менува правилата на играта во сè, па и во лидерството. Компаниите што ќе развијат нов тип лидери – AI-First лидери, особено во средниот менаџмент – ќе имаат огромна предност. Таа предност ќе им донесе ефикасност, јасна доминација над другите, а сето тоа ќе се одрази на културата на работење, иновациите и долгорочниот успех на тимот и компанијата.
Она што доаѓа не е тоа дека ВИ ќе ги замени луѓето. Иднината им припаѓа на оние што знаат да ја поврзат човечката креативност и емпатија со силата на вештачката интелигенција.