5 чекори за уредување на текст создаден од вештачка интелигенција

Во ерата на дигитализацијата, вештачката интелигенција стана незаменлива алатка за брзо создавање текстови.

ureduvanje-tekst-2785-fi

Извор: Freepik

Но, дали автоматски создадениот текст е доволно добар за да го потпишете со своето име?

Одговорот е едноставен: само ако помине низ внимателен процес на уредување.

Добро уредување не е само „лов“ на печатни грешки или стилски несовршености. Вештачката интелигенција не греши како што грешиме ние, но нејзините слабости лежат во недостатокот на оригиналност, доследност и човечки емоции. Токму затоа, процесот на уредување е клучен за да го претворите роботскиот текст во нешто што вистински ќе зборува во ваш стил и тон.

PRDaily откриваат како да ја искористите вештачката интелигенција како основа, а преку уредување да создадете уникатно, автентично дело:

1. Проверете ги фактите

Сите добро знаеме дека вештачката интелигенција понекогаш измислува податоци. Овие „халуцинации“ можат да звучат многу уверливо, дури и со споменување имиња, извори и други детали кои изгледаат автентично. Затоа е неопходно да ги проверите сите факти, без разлика дали ги внесувате податоците сами или се преземени од интернет.

Користете темелна проверка преку веродостојни извори – не се потпирајте само на одговорот на вештачката интелигенција или на резултатот од пребарувањето.

Дополнително, проверете дали вештачката интелигенција ги следела вашите инструкции. Дури и ако тврди дека се придржувала кон насоките, можеби ќе пронајдете Оксфордски запирки каде што не треба. Ако побарате текст од 300 зборови, може да се случи „случајно“ да добиете 500. Не претпоставувајте дека сè е правилно само затоа што текстот изгледа добро.

2. Отстранете го вишокот и клишеата

Важно е да разберете како функционира генеративната вештачка интелигенција. Според OpenAI, јазичниот модел „учи како зборовите обично се појавуваат во контекст еден со друг и врз основа на тоа предвидува кој е следниот најверојатен збор“.

Суштински, тоа е еден вид „пополнување на празнини“. И бидејќи текстовите што ги користеле како тренинг материјал често содржат клишеа, истите се провлекуваат и во текстовите создадени од моделите.

Вашата задача како уредник е да ги идентификувате и да ги отстраните овие претерано користени изрази и зборови.

3. Додадете го она што недостига

Откако ќе го отстраните вишокот, ваша е задачата да го додадете она што вештачката интелигенција никогаш не може: оригинални мисли. Ова е моментот кога текстот од здодевно, „роботско“ создавање преминува во нешто што само вие можете да го напишете.

Може да додадете анегдоти, приказни или конкретни податоци. Може да внесете хумор или емотивна длабочина што машината не може автентично да ја создаде. Ова е местото каде што текстот станува жив и автентичен, а процесот се претвора од уредување во пишување.

Користете го текстот од вештачката интелигенција како скелет и додајте свое искуство за да создадете нешто што ќе изгледа витално и полно со живот.

4. Прилагодете го тонот

Во овој момент, треба да го усогласите вашиот стил со текстот од вештачката интелигенција. Важно е текстот да звучи кохезивно, како да го напишала една личност.

Проверете дали јазикот е конзистентен: дали е половина формален, а половина неформален? Одлучете кој стил преферирате и прилагодете го низ целиот текст. Дали текстот се придржува до насоките за вашиот бренд или изгледа како да е напишан од некој кој никогаш не слушнал за вашата организација?

Додадете ги оние посебни нијанси кои го прават текстот препознатлив за вашиот бренд.

5. Искористете ја вештачката интелигенција за финални детали

Откако ќе ги отстраните сите „роботски“ траги, време е повторно да ја повикате вештачката интелигенција – овојпат за ситни доработки.

Вештачката интелигенција може да биде одлична за креирање привлечни наслови или подобрување на SEO.

Зошто е добра за овие задачи, а не за пишување? SEO е наменет за роботи (алгоритми) кои служат на луѓето, што ја прави оваа задача погодна за автоматизација. А кога станува збор за наслови, вештачката интелигенција работи со она што вие веќе сте го создаде и уредиле – така што реформира, наместо да создава ново.

На тој начин, генеративната вештачка интелигенција може да го покаже својот вистински потенцијал.

Извор: PR Daily

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.