За да се спречи прегревање, овие центри трошат огромни количини електрична енергија и вода за системите за ладење, што дополнително ги зголемува трошоците и негативното еколошко влијание. Со спојување на ваквите процесорски постројки со системи за греење, земји како Финска и Шведска се обидуваат да ги намалат овие недостатоци.
Финска и Шведска успешно ги поврзуваат овие енергетски интензивни компјутерски центри со градските системи за греење, рециклирајќи ја вишок-топлината од серверите за да загреваат илјадници домови. Во финскиот град Мантсала, дата-центар од 75 мегавати обезбедува доволно топлина за две третини од тамошните домаќинства. Microsoft сега го гради најголемиот светски кластер дата-центри за повторно искористување топлина, во близина на Хелсинки, кој се очекува да покрие околу 40% од потребите за греење во соседниот Еспо за приближно 100.000 домови.
Како нордиските земји ја претвораат штетата од АИ во предност?
Мантсала, град оддалечен само 55 km од Хелсинки, е дом на голем сервер кој создава доволно топлина за повеќе од 1.500 домови.
Пумпи ја извлекуваат топлината и ја праќаат водата на 86°C до два големи електрични котли. Тие ја загреваат до 115°C – температура доволна за греење на становите. Токму можноста да се користи далечинско греење (кое функционира уште од 1954 година) била причината Microsoft да го изгради својот прв фински центар токму тука.
„Овие дата-центри всушност се големи вентилатори што овозможуваат електричната енергија да се претвори во евтина топлина – што не е едноставно. Полесно е да произведете струја со нулта емисија отколку топлина со нулта емисија,“ вели Кај Миканен, градоначалник на Еспо и поранешен фински министер за клима.
Иако овој пристап сам по себе не го решава проблемот со прекумерното трошење ресурси за ладење на дата-центрите, тој е еден од начините да се намали негативното влијание што тие го создаваат. Како точно ќе се реши овој проблем во иднина сè уште не е јасно, но повторното искористување на топлината е начин негативната последица барем делумно да стане позитивен ресурс.
Извор: odrzime.rs