Посетителите кои ќе бидат фатени како фрлаат отпад по улиците на раздвижениот токиски кварт Шибуја сега можат да добијат парична казна на лице место, бидејќи властите се обидуваат да го решат проблемот со преполни улуци, конзумирање алкохол на јавни места и последиците од прекумерниот туризам.
Оваа мерка претставува најнов обид да се пронајде рамнотежа меѓу развојот на туристичката економија на Јапонија и потребите на локалното население.
Туристите и другите посетители во популарната Шибуја, позната по почуената пешачка раскрсница која го носи името на овој кварт, сега можат да бидат казнети со 2.000 јапонски јени, односно околу 10,75 евра, доколку бидат фатени како фрлаат ѓубре.
Проблемот со отпадот во Токио се сфаќа многу сериозно. Во одредени делови од градот казни веќе се воведени за сопствениците на угостителски објекти кои нема да обезбедат канти за отпадоци, пренесува Euronews.
„Ако фрлаш ѓубре, губиш пари“
Популарноста на Јапонија како туристичка дестинација не покажува знаци на забавување. Во текот на 2025 година оваа азиска земја ја посетиле рекордни 42,7 милиони меѓународни туристи, но со растот на бројот на посетители расте и количината на отпад.
Јапонскиот јавен сервис NHK извести дека во областа околу Шибуја е забележан пораст на бројот на луѓе, вклучувајќи и туристи, кои конзумираат алкохол на улиците и оставаат ѓубре зад себе.
Покрај паричните казни, посетителите ќе се соочат и со кампања против фрлање отпад чиј слоган гласи: „Ако фрлаш ѓубре, губиш пари.“
Локалните власти ангажираа до 50 службеници кои патролираат низ квартовите и изрекуваат казни. Тие можат да се платат во готовина, со кредитна картичка или преку QR код.
Град без канти за ѓубре
Јапонија е позната по малиот број јавни канти за отпадоци, кои делумно се отстранети поради страв дека би можеле да бидат искористени во терористички напади. Овој недостаток не им помина незабележан ниту на туристите. Во истражувањето кое минатата година го спроведе јапонската влада, дури 20 отсто од посетителите го навеле токму недостигот на канти за ѓубре како најголема непријатност за време на престојот во земјата.
Од завршувањето на пандемијата од ковид-19, туризмот во Јапонија доживеа силен раст, благодарение на послабиот курс на јенот и големиот број вирални објави на социјалните мрежи кои ја промовираат земјата.
Меѓутоа, растот на бројот на туристи донесе и проблеми поврзани со прекумерниот туризам, па јапонските власти се обидуваат да ги ублажат неговите негативни последици.
Меѓу мерките кои се разгледуваат или веќе се применуваат се наоѓаат зголемување на туристичките такси за странските посетители, како и воведување апликации за контрола на метежот, кои имаат за цел да ги растоварат најпосетените локации и порамномерно да ги распоредат туристите ширум земјата.
Извор: odrzime.rs