Опуштено гостопримство: 8 трикови за празнични собирања

Празничниот период е инспиративен и забавен, но и брз и напорен. Тоа е дел од годината кога прифаќаме повеќе покани отколку што реално можеме да изнесеме и се убедуваме себеси дека сме целосно смирени. Сè додека тајмерот на рерната и пораките во групниот чет не заѕвонат во ист момент.

sobiranja-5032-fi

Извор: Lummi

Гостопримството, теоретски, е радосно и идилично. Сите што ги сакате се собрани во вашиот дом, атмосферата е топла, масата убаво поставена, а вие опуштени и насмеани. Но во пракса, се соочувате со ситници што излегуваат од контрола, импровизации во последен момент и список на обврски што мистериозно се продолжува како што се приближува доаѓањето на гостите.

Добрата вест е дека да се биде добар домаќин не значи да се биде совршен домаќин. Успешното гостопримство не е во беспрекорна организација, туку во јасно поставени приоритети, малку планирање и многу добра енергија.

Промислено гостопримство без стрес

  1. Почнете од реален буџет

Пред да размислувате за мени, декорација или број на гости, најважно е прво да си одредите буџет. Запрашајте се колку сакате и можете да потрошите?

Поставувањето буџет уште на почеток носи изненадувачко чувство на олеснување. Наместо да бркате нереални идеи, полесно ќе носите одлуки и креативно ќе се прилагодувате. Помалку стрес, повеќе намера – и многу повеќе уживање во самиот процес.

2. Поедноставете го изборот на храна

Храната не мора да биде комплицирана за да биде незаборавна. Напротив – најдобрите домаќини знаат дека вниманието кон гостите е поважно од импресивно мени. Затоа, нека биде едноставна за подготовка и сервирање.

Размислете за сезоната, навиките и вкусовите на луѓето што ги поканувате. Наместо три топли јадења, често е подобро да имате едно добро, промислено јадење и неколку мали залчиња што сите ги сакаат.

Идеи што секогаш функционираат:

  • богата даска со сирења, сувомеснати, маслинки, намази и леб
  • едно препознатливо јадење што го подготвувате без размислување
  • соодветен пијалак (коктел и безалкохолна верзија)

Кога менито е едноставно, домаќинот останува присутен – а тоа е впечаток што гостите го носат со себе и долго го паметат.

3. Гостопримството е во атмосферата

Ако постои еден елемент што најмногу влијае на целокупното гостопримство – тоа е музиката. Добра плејлиста го поставува ритамот на вечерта и често „работи“ подобро од каква било декорација.

Започнете со понежни тонови додека гостите пристигнуваат, а потоа постепено подигнувајте ја енергијата како што одминува вечерта. Музиката не треба да доминира, туку да ги поврзува разговорите и да ја пополнува тишината.

Додадете и неколку ситници за вистинска атмосфера:

  • пригушено, топло осветлување
  • свеќи или светилки
  • отворен простор за движење и разговор
sobiranja-5032-ps1

4. Удобноста е луксуз што се памети

Луѓето можеби нема да запомнат што точно јаделе или за што сè разговарале, но ќе се сеќаваат како се чувствувале. Затоа е важно просторот да биде пријатен и прилагоден за гостите.

Погрижете се да биде топло, но не премногу, воздухот да циркулира и да има доволно удобни места за седење и оставање работи. Запалете миризливо стапче или свеќи – ситници како пријатен мирис, соодветна температура и меко светло прават огромна разлика.

5. Ненаметливо вклучете ги гостите

Најубавите собирања имаат една заедничка работа: луѓето се чувствуваат поврзано. Ако забележите дека друштвото се дели во помали групи или разговорот застојува, мала активност може да биде совршен поттик.

Тоа не мора да биде ништо комплицирано:

  • едноставни тимски игри
  • картички со прашања
  • мал ритуал (заедничка наздравица, десерт во исто време)

Доброто гостопримство не ја форсира забавата по секоја цена, туку создава простор во кој сите се чувствуваат пријатно и добредојдени.

6. Гостопримството не бара генерално чистење

Секако дека ќе треба малку да средите, но тоа ќе го правите повторно и откако гостите ќе си заминат. Затоа, не преземајте „генералка“ само затоа што очекувате гости. Нема потреба домот да изгледа како од каталог.

Фокусирајте се на просторите што гостите навистина ќе ги користат:

  • влез и ходник
  • дневна соба
  • купатило

Гостите прво ќе забележат каде можат да ги остават јакните и капутите, затоа ослободете го просторот за закачување. Ако сакате да се соблекуваат чевлите, обезбедете папучи за сите (што може да биде и убав, практичен подарок). Темелно исчистете го купатилото, ставете чисти пешкири и погрижете се за атмосферата во дневната соба. Дискретен мирис, свеќи и малку цвеќе ќе бидат забележани многу повеќе отколку совршено сложени полици без трошка прашина.

7. Промислена декорација на масата

Кога станува збор за поставување на масата, помалку навистина е повеќе. Наместо да додавате украси, аранжирајте го она што веќе го имате, усогласувајќи ги боите и текстурите со просторот.

Држете се до едноставни правила:

  • комбинирајте го она што веќе го имате
  • користете природни елементи (гранчиња, цвеќе, свеќи)
  • ако имате повеќе гости, картички со имиња даваат чувство на посебност
  • мала чинија со чоколади или слатки е универзален знак на гостопримство

Нема потреба од совршено усогласени сервиси – мешавината од чинии и чаши внесува топлина и личен печат.

8. Најважното правило на гостопримството – вие ја носите атмосферата

Гостите не доаѓаат поради совршено поставена маса и вечера. Доаѓаат поради вас. Кога ќе ја отворите вратата, бидете енергијата што сакате да ја почувствуваат: смирена, топла, радосна.

За да ја смирите тремата и да зрачите со гостопримство, одвојте петнаесетина минути за себе. Истуширајте се, облечете се така што ќе ви биде удобно (не премногу свечено), дишете длабоко неколку минути и слушајте омилена музика додека се подготвувате да ги пречекате гостите.

Гостопримството, во суштина, е чин на поврзување. Тоа е создавање моменти што се паметат по смеата, енергијата и чувството на припадност.

Затоа што кога масата е полна, атмосферата жива и опуштена, никој не ги забележува несовршените детали. Сите се едноставно среќни што се тука.

Извор: easylife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.