Она што започна како програма за STEM едукација, денес прераснува во една од највпечатливите локални приказни за вложување во млади таленти, знаење и идни можности.
Како дел од својата поширока определба за поддршка на младите, образованието и локалната заедница, рудникот Бучим реализира STEM образовна програма наменета за децата на вработените и талентирани ученици од Општина Радовиш.
Преку модел на кофинансирање од 50%, рудникот овозможува пристап до современи STEM програми, каде младите преку практична работа учат роботика, автоматизација, логичко размислување и инженерски концепти.
Извор: Бучим
Започната во учебната 2024/2025, програмата континуирано опфаќа помеѓу 23 и 26 учесници месечно, при што покрај децата на вработените, по иницијатива на Друштвото се вклучени и стипендисти од Радовиш кои покажале особен потенцијал и интерес за STEM едукацијата.
Младите учесници работат на современи LEGO Education платформи и развиваат роботски модели и инженерски решенија преку кои се запознаваат со современите технологии и автоматизираните системи.
„ Најголемата вредност што една компанија може да ја создаде не е само во производството, туку во луѓето и генерациите што доаѓаат.За нас, ова претставува вложување во идните генерации и во младите луѓе кои утре ќе ја развиваат современата индустрија. Веруваме дека поддршката на младите таленти и техничкото образование има долгорочно значење за развојот на локалната заедница,“ велат од ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш.
Резултатите од програмата веќе се препознаваат и надвор од локалната заедница. На FIRST LEGO League Explore 2026 натпреварот во Скопје, тимот „Brick Raiders“ беше прогласен за апсолутен победник на целиот натпревар, додека останатите тимови освоија повеќе признанија за креативност, презентација и инженерски пристап.
„Најмногу ми беше интересно кога роботот што го правевме со коцки почна сам да се движи и да ги слуша командите што ние ги програмиравме. На почеток мислев дека ќе биде само игра, а после сфатив дека навистина можеме сами да создадеме нешто што работи. Секој час учевме нешто ново и едвај чекав да дојде следниот. Сега многу повеќе сакам роботика и сакам еден ден и јас да правам големи машини и паметни технологии,“ вели деветгодишниот Илија Павлов, еден од учесниците во програмата и дел од новата генерација млади таленти што растат заедно со Бучим.
Во рамки на програмата, младите имаа можност и непосредно да се запознаат со современи индустриски процеси, механизација и технолошки системи што се применуваат во рударството, добивајќи практичен увид во тоа како технологијата станува дел од современата индустрија.
Извор: Бучим
Како дополнителна поддршка за најуспешните учесници, Бучим ќе кофинансира учество на 13 деца од победничките тимови на интернационален летен STEM камп во Метаморфозис, Грција, каде младите ќе работат на роботика, алгоритми и практични инженерски проекти. Кампот претставува дополнителна можност за едукација, развој и меѓународно поврзување на младите таленти, преку учење и работа надвор од традиционалните училници, во иновативна и интерактивна средина.
Програмата претставува дел од поширокиот пристап на компанијата кон поддршка на образованието, развојот на младите и создавање вештини релевантни за идната индустрија.
Од LEGO модели до титула апсолутни победници – приказната на овие млади луѓе покажува дека идните инженери, иноватори и креатори на нови технологии веќе растат тука, во Радовиш.