Град поделен меѓу две држави
Станува збор за живописното градче Барале, лоцирано на територијата на две земји – Белгија и Холандија. На прв поглед изгледа мирно, бајковито, но во исто време и како географска загатка. Фасадите, покривите и градините делуваат сосема обично, но она што го прави уникатен е фактот дека државната граница буквално минува низ ѕидови и спални соби. Често за Барале велат дека можете да заспиете во Холандија, а да се разбудите во Белгија, па не е чудно што некогаш се случува брачни партнери да спијат секој во своја држава.
Како настанала ваквата граница?
Оваа необична ситуација потекнува уште од средниот век, кога земјата на подрачјето на денешно Барале била поделена меѓу различни феудални господари. Еден дел му припаѓал на војводата од Брабант, а друг на лордот од Бреда, што создало сложена и нерамна карта на поседи. Како што со векови се менувале владетелите, наследствата и договорите, границите никогаш не биле јасно повлечени, туку станале „исечкани“ на многу мали парцели.
Кога Белгија во 1831 година прогласила независност од Холандија, на поголемиот дел од територијата границата била одвоена едноставно но во Барале настанал вистински хаос. Наместо права линија, требало да се почитуваат средновековните поседи, што довело до создавање бројни енклави: делови на Белгија внатре во Холандија, и обратно. Дури кон крајот на 20 век бил постигнат договор што го потврдил денешното решение.
Барале, Холандија, Белгија
Резултатот е град кој официјално го сочинуваат две општини: белгиски Барале-Хертог и холандски Барале-Насао. На мала територија се наоѓаат дури 30 енклави – 22 белгиски и 8 холандски. Затоа Барале често го нарекуваат „најкомплицираната граница во Европа“.
Град со две имиња, два системи и еден живот
Во Барале речиси сè постои во дупликат: две општини, две цркви, две пошти, два градоначалници, две администрации. Границата е обележана со симпатични бели крстчиња и ознаки „B“ или „NL“, а минува низ плоштади, продавници и кафулиња. Правилото е едноставно: во која држава се наоѓаат влезната врата на куќата таму припаѓате.
Жителите одамна се навикнале на оваа необична реалност и бирократијата ја претвориле во предност. Различните закони, даноци и цени значат дека нешто е поскапо на едната, а поевтино на другата страна. Мештаните точно знаат каде е поисплатливо да се купуваат намирници, да се сипа гориво или да се набават одредени производи.
Во минатото поради тоа се родиле и локални легенди. За време на „војната на путерот“, луѓето во големи количини шверцувале евтин путер од Холандија во Белгија, каде се продавал по повисока цена. Така Барале станал мала лабораторија на креативната економија – место каде граѓаните вешто ги користеле правните празнини.
И покрај административните компликации, животот во Барале тече изненадувачки мирно и хармонично. Формално припаѓа на две држави, но во секојдневието границата речиси и не се чувствува. Жителите најчесто зборуваат нидерландски, па комуникацијата никогаш не е проблем. Децата одат во училишта „преку граница“, а семејствата се поврзани, иако ги делат само неколку метри.
Денес во Барале живеат околу 9.000 луѓе, а градот е вистинска туристичка атракција. Посетителите доаѓаат да видат место што функционира како микро-Европа, каде границите не се ѕидови, туку мостови. Шетањето по улици каде секој чекор ве носи од една во друга држава е посебно доживување, а кафулињата и рестораните што работат „по два закона“ честопати се главна атракција.
Извор: bizlife.rs