Корисниците на социјалните мрежи забележаа дека актерот во текот на кариерата повеќе пати толкуваше ликови кои се изгубени, насукани или заробени, поради што цели војски, вселенски мисии и херои тргнуваат во нивно спасување. Кога ќе се соберат буџетите на најпознатите филмови со таа тематика, се доаѓа до импресивна бројка од речиси 600 милиони долари.
Кинематографија на потрагата по Дејмон
На листата се наоѓаат воениот спектакл Saving Private Ryan од 1998 година, чиј буџет изнесуваше околу 70 милиони долари, потоа Interstellar на Нолан со буџет од приближно 165 милиони, научнофантастичниот хит The Martian вреден околу 108 милиони долари, како и претстојниот The Odyssey, за кој странските медиуми наведуваат каде би можел да чини околу 250 милиони долари.
Вкупната сума така достигнува приближно 593 милиони долари, што доведе до духовитиот заклучок дека „Холивуд потрошил речиси 600 милиони долари обидувајќи се да го врати Мет Дејмон дома“.
Шегата станува уште позабавна кога ќе се погледне дејството на овие филмови. Во Saving Private Ryan група американски војници минува низ воено разорената Европа за да го пронајде војникот Џејмс Рајан. Во Interstellar експедиција трага по научникот д-р Мен на оддалечена планета. Во The Martian цела НАСА организира сложена операција за да го врати астронаутот Марк Вотни од Марс. А во The Odyssey Дејмон го толкува легендарниот Одисеј, јунакот чие повеќегодишно талкање и обид за враќање дома е една од најпознатите приказни во историјата на книжевноста.
Цената на спасувачките мисии
Сепак, интернетот не запре само на буџетите на филмовите. Уште во 2015 година еден корисник на платформата Quora се обиде да пресмета колку би чинеле спасувачките мисии доколку навистина би се случиле. Во пресметката вклучи повеќе филмови во кои ликот на Дејмон завршува во неволја, од воени операции до футуристички вселенски мисии. Резултатот? Повеќе од 900 милијарди долари.
Се разбира, станува збор за неформална и шеговита проценка, но доволно илустративна за дополнително да го зацврсти статусот на еден од најпознатите филмски мимови на интернет.
Поради сето тоа многу фанови денес тврдат дека Мет Дејмон има многу специфичен образец во кариерата: каде и да отиде некој на крајот мора да дојде по него.
Извор: bizlife.rs