Не се сите одмори на море исти. За некого идеален ден на плажа значи книга и одмор без гужва, додека друг бара спортови на вода, барови и ресторани на само неколку чекори од брегот. Токму на овие разлики се заснова новиот Paradise Guide, интерактивен водич што треба да им помогне на патниците да ја пронајдат плажата што најмногу одговара на нивните желби.
Алатката што ја претстави Skyscanner не ја избира дестинацијата само врз основа на популарноста на плажата. Корисникот најпрво го избира месецот на патување и посакуваната атмосфера на одморот, а потоа може да ги наведе и содржините што му се важни.
Меѓу понудените опции се мирна и релаксирана плажа, жива и друштвена атмосфера, семеен одмор или авантуристичко патување.
Од атмосфера до буџет
Потоа може да изберете што ви е најважно на плажата, од лежалки и спасувачи до барови, ресторани и можности за спортови на вода.
Тука изборот дополнително се стеснува. Патникот го внесува аеродромот од кој сака да лета, избира дали претпочита пократок или подолг лет и колку време сака да потроши на патувањето од аеродромот до самата дестинација.
На крај доаѓа она што често е пресудно – буџетот.
Откако ќе се внесат сите критериуми, алатката предлага дестинации и прикажува информации како најдобриот период за посета, просечната температура и времетраењето на летот.
Кои плажи во моментов се меѓу најинтересните?
По повод претставувањето на водичот, Skyscanner анализирал и плажи ширум светот, земајќи ги предвид различните показатели како рецензии, пребарувања и достапни содржини.
Меѓу популарните дестинации се најде Palm Beach на Аруба, која привлекува голем број патници благодарение на топлото море, сончевото време во текот на целата година, рестораните, баровите и можностите за спортови на вода.
La Jolla Cove во Калифорнија е наменета за малку поинаков тип патници. Покрај карактеристичниот брег и чистото море, таа е популарна меѓу љубителите на нуркањето, кајакарењето и набљудувањето морски лавови.
На Флорида се издвојува Siesta Key Beach, позната по белиот песок и тиркизната вода, но и по големиот број содржини за посетителите.
Ако сакате нешто помалку познато?
Водичот не е фокусиран само на најпопуларните дестинации. Skyscanner издвои и плажи што се помалку познати, но имаат добри оценки од патниците.
Embleton Bay во Англија нуди сосема поинакво доживување – долгиот песочен брег опкружен со дини и урнатините на замокот Dunstanburgh повеќе потсетува на филмски пејзаж отколку на класично летувалиште.
За оние што сакаат навистина мирен одмор, тука е Rendezvous Bay на Монсерат, до која може да се стигне само пеш или со брод. Наградата за малку поголемиот труд се белиот песок, чистото море и значително помалиот број туристи.
На листата се најде и Castlerock Beach во Северна Ирска, долга песочна плажа со поглед кон Атлантскиот Океан, погодна за прошетки и бегство од гужвата.
Идејата е да не се избира само „најубавата“ плажа
Најинтересното кај оваа алатка е што поаѓа од претпоставката дека не постои универзално совршена плажа.
За некого е поважно до дестинацијата да стигне брзо и евтино, за друг да има ресторани и различни содржини, додека трет попрво би избрал оддалечен залив до кој е потребно малку повеќе патување.
Paradise Guide затоа се обидува класичното прашање „Каде да одам на море?“ да го претвори во нешто поконкретно: „Каков одмор сакам и каде можам да го добијам во рамките на мојот буџет?“
Тоа е пристап што би можел да биде особено корисен за патниците кои сè уште немаат избрано конкретна дестинација, но знаат каков одмор сакаат.
Извор: bizlife.rs