Апулија е одлична алтернатива на попознатите италијански дестинации. Компанијата 1st Move International ја вклучи меѓу најдобрите светски алтернативни дестинации за патување. Оваа убава, претежно земјоделска регија ја формира „петата“ на мапата на италијанската „чизма“ и се протега долж дури 800 километри крајбрежје.
Градови како Бари, Лече и Бриндизи изгледаат како разгледници. Без разлика дали сакате да пливате во тиркизните води на Јадранот и Јонското море, да истражувате богата историја или да уживате во локални специјалитети, Апулија нуди по нешто за секого.
За разлика од Сардинија или италијанската ривиера, одморот во Апулија не бара голем буџет. Додека ноќевање во хотел од средна категорија на Сардинија може да чини околу 300 евра во сезона, во Апулија квалитетно сместување може да се најде веќе од 36 евра. Дополнително, регионот сè уште не е преплавен со туристи, па гужвите се помали, а цените на храната и пијалаците значително поповолни.
Што да се види и прави во Пуља
Посетата на Пуља не би била целосна без денови поминати на нејзините магични плажи. Песочните брегови на Порто Чезарео потсетуваат на Карибите, додека Caraibi del Salento нуди жива атмосфера со музика и активности на плажа. Пунта дела Суина е совршено место за опуштање и гледање зајдисонце. Една од најпознатите природни атракции во регионот е Grotta della Poesia (Песничка пештера) природен базен опкружен со карпи, недалеку од Лече и Отранто. Baia dei Turchi, плажа која се смета за најубава во овој регион е секако место кое не смеете да го пропуштите при вашата посета.
Лече, кој често го нарекуваат „Јужна Фиренца“, воодушевува со својата барокна архитектура. Базиликата Santa Croce и катедралата Свети Оронцо се изградени од светол варовник, а римскиот амфитеатар од 2. век повремено е отворен за посетители. Особено е интересен Музеј Фаџано, настанат од целосно неочекувано откритие. Љубителите на историјата можат да го посетат Галиполи, да прошетаат низ стариот град и да ја видат тврдината Castello Angioino.
Како и многу италијански региони, Апулија е рај за гурмани. Локалните деликатеси вклучуваат focaccia barese, рачно изработената паста orecchiette, кнедли од рикота и tiella – мешавина од ориз, компир и школки. Љубителите на природата, особено на птиците, можат да ја набљудуваат најголемата европска колонија розови фламинга во близина на Фоџа или Таранто.
Каде да се сместите?
Понудата на сместување зависи од делот на регионот што планирате да го посетите. Во внатрешноста, најавтентичен избор се традиционалните пансиони со појадок, познати како masserie, кои често се наоѓаат покрај маслинови насади или стари фарми. Долж брегот има семејни пансиони, подеднакво шармантни и пристапни.
За оние што бараат луксуз, тука се престижни хотели како Don Ferrante во Монополи или Borgo Egnazia во Фазано, кои се популарни и кај светски ѕвезди како Мадона. Ако сакате посебно доживување, можете да отседнете во една од традиционалните камени trulli куќи со куполести кровови. Некогаш складишта, денес многу од нив нудат уникатно сместување.
Кога да се посети Пуља?
Во јули и август температурите во внатрешноста често надминуваат 30 °C, додека мај, јуни и септември се идеални за посета поради попријатни 25 °C. Април и октомври можат да бидат топли, но тогаш има поголема веројатност за дожд или постудени денови. Најстудените месеци се од декември до февруари, со чести попоројни дождови. Летото регионот бележи најголем број посетители, па изборот меѓу живост и помали гужви е прашање на лични преференции.
Вреди да се посети и за време на познатиот фестивал Carnevale di Putignano, еден од најстарите карневали во Европа, кој трае од Божиќ до покладниот вторник и го исполнува градот со забава, музика и паради.
За истражување на регионот се препорачува изнајмување автомобил, што овозможува пристап до многу помали и пооддалечени места. Но, ако не планирате да возите, градови како Полињано а Маре, Бари, Монополи и Остуни се добро поврзани со железница, а цените се ниски, најчесто под 10 евра за еднонасочно патување. Со авионската линија Скопје – Бари на авиокомпанијата WizzAir, сега ова прекрасно патување е уште полесно да го реализирате.
Извор: bizlife.rs