Во Македонија започна да се прикажува реалното шоу „Фаундер гејмс“ (The Founder Games), во кое претприемачи што имаат стартапи се натпреваруваат за шанса својот бизнис да го претстават пред водечки инвеститори и на тој начин да обезбедат капитал за понатамошен развој. Шоуто по примерот на светски познатиот формат Shark Tank е прво од ваков вид во Македонија и за него е заслужна екипата на „Нетворкер“ и Сања Митровска.
Во „Фаундер гејмс“ учествуваат 19 стартапи од различни индустрии, од технологија и вештачка интелигенција до здравство, образование, физички продукти за кожа од комбуха и транспортирање сончева светлина, секој со уникатна идеја и визија за иднината.
„Изборот на стартапите се вршеше преку детален процес на селекција, каде што внимателно ги разгледуваме потенцијалот за иновација, валидноста на идејата и способноста на тимот да ја реализира својата визија. Избраните тимови не само што имаат силна идеја туку и покажуваат страст, посветеност и способност да учат и да се адаптираат. Нашата цел е да ги истакнеме најперспективните стартапи што можат да направат вистински импакт во своите области и да придонесат кон иновативниот екосистем на претприемаштвото“, вели Митровска.
За секој од 19-те стартапи има ментор, што им овозможува целосно персонализирано менторство и поддршка.Тоа е клучно за на секој стартап да му се обезбедат специфични упатства и совети што најмногу одговараат на нивните потреби и предизвици.
Уште од декември започнавме со подготовка на стартапи коишто беа одбрани од наша страна и нив ги спојувавме со ментори, некои коишто го поминале патот, веќе изградиле бизниси, кренале инвестиција од милиони или продаваат на развијени пазари. Значи ја пробиле таа бариера којашто ја зборувам за да може да му го покажат патот на стартапот низ менторски сесии на секој 2 недели. Овој процес паралелно го снимаме во реално шоу за да може секој кој ќе го гледа тоа шоу да види како реално изгледа патот на градење на стартапот од декември до мај, меѓутоа и за да биде интересно вклучуваме судиите кои оценуваат, тие се странци. Имаме судии од Интел, од стартап викенд франшизата французин, од IW Connect, од Shark Tank. Судиите даваат фидбек на менторот na стартапот и потоа менторот го спроведува тој фидбек до мај со стартапот, но паралелно и ни отпаѓаат стартапи.
Целта на екипата која со многу ентузијазам го развива реалното шоу е Founder Games да го изградат на ниво на франшиза.
„Од октомври, веќе зборуваме со Мастеркард (нашите поддржувачи), да го правиме на ниво на Балканот. За да имаме импакт на таа Gen Z, нова генерација, којашто или се потценува или се преценува важно ни е да ги направиме менторските сесии достапни за слушање и со следење на процесот, заинтересираните ќе сфатат точно што е потребно. Ќе сфатат дека не е претешко, но не е ни лесно. Ќе видат каков е реалниот приказ на животот на еден претприемач и дали се пронаоѓаат во тоа.“, заклучува МИтровска.
Првата сезона од The Founder Games веќе е достапна на: https://www.youtube.com/@TheFounderGames/videos