Пишува: Ведран Иванковиќ, експерт за комуникации
Ако сакате да се претставите пред светот на квалитетен и професионален начин, оваа социјална мрежа е одличен канал. LinkedIn стана неизбежна алатка за младите лидери кои сакаат да го изградат својот професионален бренд и да се поврзат со експерти од различни индустрии. Во денешниот деловен свет, каде што онлајн присуството е клуч за успех, водењето успешен LinkedIn профил може значително да придонесе за вашата кариера. Големата видливост на постовите и профилите сè уште е возможна без дополнителни вложувања. Предностите на таквиот алгоритам треба да се искористат. Еве неколку практични совети од пракса, од следење бројни профили и читање планини од текстови. Верувам дека ќе ви бидат корисни.
Првиот чекор во изградба на успешен LinkedIn профил е неговата оптимизација
Професионалната фотографија е основна компонента која остава прв впечаток. Еднаш налетав на статистика што ја презентираше самиот LinkedIn, која покажува дека профилите со квалитетна фотографија добиваат 14 пати повеќе прегледи од оние без слика. Фотографијата треба да биде со висока резолуција, со неутрална позадина, каде изгледате професионално, но и пристапно. На пример, погледнете го профилот на Џастин Велш, кој користи професионална фотографија со неутрална позадина. Но, тоа не е единствениот квалитет на овој профил. Препорака е да го следите и да ја истражите содржината што тој ја објавува.
Насловот (headline) на вашиот профил е следната ставка на која треба да обрнете внимание. Овој простор треба да го искористите за кратка и јасна дефиниција на вашата улога и специјалност. Користењето на клучни зборови релевантни за вашата индустрија, ќе ви помогне да се истакнете во пребарувањата. На пример, наместо „генерален менаџер“, можете да напишете „експерт за дигитален маркетинг со повеќе од 10 години искуство во водење кампањи“. Инспирација можете да најдете на профилот на Ник Шарма, кој користи јасен и привлечен наслов со информации за својата моментална позиција и престижните признанија.
Детално резиме (summary) е место каде што можете да ја истакнете својата страст, клучни вештини и достигнувања. Овој дел треба да биде напишан во прво лице, за да звучи поперсонално. Добро пополнетото поле може да почне, на пример, вака: „Јас сум страстен експерт за дигитален маркетинг со над 10 години искуство во водење успешни кампањи за големи брендови“. Профилот на Дејвид Колер нуди одличен пример за тоа како резимето може да биде ефективно и информативно.
Откако ќе го оптимизирате профилот, следниот чекор е изградба на мрежата
Поврзувањето со колеги, експерти од индустријата и лидери од кои може да се учи е клучно за ширење на вашето влијание. Важно е при испраќање на барање за поврзување да испратите персонализирана порака. На пример, наместо стандардното барање, напишете нешто како: „Здраво, [име], уживав во вашата неодамнешна објава за [тема]. Би сакал да се поврземе и размениме искуства за [тема].“ Ова пали, зборувам од лично искуство и од искуството што го имам со водење профили. Луѓето сакаат пофалби, а и сакаат да видат дека го следите она што го прават.
Активното учество во дискусии и групи релевантни за вашата индустрија може да ви помогне да се позиционирате како експерт во вашето поле на делување. Вклучете се во дебати, споделувајте ги своите мислења и искуства и не се плашете да поставувате прашања. Според истражување на LinkedIn, членовите кои учествуваат во групи имаат пет пати повеќе контакти отколку оние што не го прават тоа. Овие информации ги најдов во бројни блогови што самиот LinkedIn ги дистрибуира во инбоксот на сите што се пријавуваат. Конкретно, пријавен сум на B2B newsletter, каде често даваат примери со лични профили на разни успешни деловни луѓе.
Ведран Иванковиќ Извор: BIZLife.rs
Споделувањето на содржина е клучот за одржување на активното присуство на LinkedIn
Редовното објавување на релевантни содржини, како што се статии, блогови и вести од вашата индустрија, може да ви помогне да останете во центарот на вниманието на вашата мрежа. На пример, ако работите во ИТ секторот, споделувањето на најновите технолошки трендови и иновации може да го привлече вниманието на вашите следбеници. Погледнете како Саманта Ле редовно споделува содржини релевантни за нејзината индустрија. Важно е да запаметите дека нема правила за успешна подготовка на содржина. Мора да експериментирате и сами да откриете што е релевантно за вашата публика. Слободно правете грешки, тоа е сосема во ред, од нив се учи.
Создавањето оригинална содржина токму за оваа мрежа е уште еден начин да ја покажете својата експертиза. Пишувањето на статии или белешки на LinkedIn за теми кои се релевантни за вашата индустрија може да ви помогне да изградите авторитет. На пример, ако сте експерт за дигитален маркетинг, можете да напишете статија за најновите трендови во дигиталното огласување. Инспирација можете да најдете на профилот на Крис До, кој редовно објавува оригинални текстови. Немојте да се плашите од должината. Ако текстот е квалитетно напишан и има релевантни информации и линкови, ќе биде читан, а ќе добиете и лајкови, коментари… Можеби некои други мрежи бараат содржина која е кратка – тука имате можност да му понудите на светот нешто поразлично и да видите дека тоа функционира. А и ако не функционира, тоа ќе го знаете емпириски.
Интеракцијата со публиката е исто толку важна колку и споделувањето содржина
Одговарањето на коментари и пораки покажува дека ги цените повратните информации и дека сте отворени за дискусија и мислења кои се разликуваат од вашето. Пример за добра практика е брзо и љубезно одговарање на коментарите, како и активно поставување на прашања за да поттикнете понатамошна дискусија. На пример, Џејкоб Морган често поставува прашања и поттикнува дискусија на своите објави, што помага неговите следбеници да се вклучат во давање мислења. Ќе има и прашања и коментари кои нема да ги разберете, или само пофалби со кои нема да знаете што да правите. Ако ве збунуваат вас, и другите ќе се чувствуваат исто. Не е неопходно да влегувате и во такви интеракции.
Во последно време LinkedIn воведе кратко одговарање на некои стручни прашања. Прашањата се на англиски, а полето за одговори има предефиниран број на карактери. Бидете концизни и едноставно одговарајте на прашањата. Бидете упорни во одговарањето, бидејќи никогаш не знаете кој може тоа да го прочита и да ви испрати барање за пријателство, и во кој правец тоа може да оди. Секако, тоа е уште еден од начините да се позиционирате како експерт во вашата струка.
Континуираното унапредување на вашиот профил е клучно за долгорочен успех
Следете ја аналитиката на вашиот профил за да разберете кои видови на содржина имаат најдобра ангажираност. LinkedIn нуди алатки за анализа на прегледите на вашиот профил, интеракциите со вашите објави и растот на мрежата. Врз основа на тие податоци, прилагодувајте ја стратегијата за да постигнете уште подобри резултати.
Учењето и приспособувањето се клучни за успех на LinkedIn. Редовното освежување на профилот, додавањето на нови достигнувања и приспособувањето на вашата стратегија врз основа на повратните информации и промените во индустријата ќе ви помогнат да останете релевантни и успешни.
Една од најважните работи што треба да ја имате предвид е упорноста. Кога ќе го најдете вашиот тон и стил на пишување и обраќање, важно е да бидете истрајни и упорни. Успехот никаде не доаѓа преку ноќ, па ниту на LinkedIn. Потребни се време и континуиран напор за да го изградите вашиот бренд и мрежа. Ако сте доследни и редовно ја ангажирате вашата публика со квалитетна содржина, вашите напори на крајот ќе се исплатат.
Конзистентноста и автентичноста се клучни. Младите лидери, на кои првенствено им се наменети овие совети, ги охрабрувам да бидат проактивни и со стратешки пристап во користењето на LinkedIn, бидејќи оваа алатка може да биде моќен сојузник во изградбата на успешна кариера. Вложете време и труд во изградбата на вашето LinkedIn присуство и ќе видите како се шири вашата професионална мрежа и вашите можности.