Фотки, селфија, шортс, трендови и инфлуенсери се забавни и им помагаат на младите да се поврзат, дружат, информираат. Но, што е со тинејџерите, и оние родените на преминот од генерациите З и Алфа, често нарекувани генерација Залфа?
Генерацијата Залфа е хибридна генерација: мешавина од најмладите членови на генерацијата З и најстарите членови на генерацијата Алфа. Нивниот возрасен опсег се движи помеѓу 9 и 14 години, чии родители најчесто се миленијалци.
Анкетите покажуваат дека 8 од 10 тинејџери се чувствуваат поблиски со своите пријатели преку социјалните мрежи, ги користат за да останат во контакт со нив и да се изразуваат креативно. Но како социјалните мрежи влијаат на менталното здравје? Различни студии доаѓаат до различни заклучоци. Некои гледаат јасна врска помеѓу социјалните мрежи и депресијата, додека пак други тврдат дека како и колку се користат социјалните мрежи е поважно.
Што може да тргне на лошо?
Екстремното интензивно користење на социјалните мрежи е поврзано со депресија и анксиозност, но само кај децата кои ја користат нивната омилена апликација повеќе од 6 часа на ден, вели Џастин Д. Мартин, експерт во истражување на врската помеѓу употребата на социјалните медиуми и однесувањето, за Дојче Веле.
Социјалните мрежи исто така можат да имаат негативно влијание кога станува збор за пореметувања во исхраната и зголемување на притисокот да се следат нездрави стандарди на убавина. Постирањето на социјалните мрежи секогаш антипицира коментари и лајкови од другите, што создава огромно влијание врз децата за градење или недостаток на нивната самодоверба и себеперцепција. Имено, децата кои често објавуваат работи јавно на интернет имаат поголема веројатност да манифестираат депресија, анксиозност, гнев, како и пониско самопочитување. Овие чувства најчесто се реакција на негативни коментари или на тоа што се игнорирани.
Што да прават родителите?
Врз основа на бројни наоди, истражувачки тимови од експерти од новинарство, психологија, јавно здравје, политички науки и комуникации даваат неколку основни препораки:
-Дозволувањето на деца на возраст од 11 години да имаат свој паметен телефон е веројатно во ред и може да биде корисно.
-Родителите треба да ги советуваат децата да не објавуваат јавно на социјалните мрежи, и исто така треба да бидат внимателни за најмалите знаци на сајбер малтретирање, кое е распространето и штетно.
-Не дозволувајте децата да спијат со своите паметни телефони. Едно од четири анкетирани деца спијат со паметен телефон во рака или покрај перницата.
-Децата кои ги држат своите телефони во кревет не спијат доволно во споредба со оние кои спијат со телефони во друга соба.
Важно е родителите да бидат активни и присутни во дигиталниот свет на своите деца, водејќи отворени разговори за безбедноста и дигиталните ризици. Поддршката и советите што им ги даваат, како и поттикнувањето на активностите надвор од интернет, ќе им помогнат на децата да изградат здрава врска со технологијата, без да ги заборават важните вредности на вистинските односи и физичката активност. На тој начин, можеме да осигураме дека децата не само што се заштитени, туку и свесни за дигиталните предизвици што ги носи современиот свет.
Извор: Webmind редакција