За само една недела, првиот човек на платформата Adam Mosseri најави шест нови функции кои ветуваат повеќе интеракција но и отвораат нови дилеми околу приватноста и reach-от. Овие новитети директно ќе влијаат врз корисниците, креаторите и малите бизниси. Некои носат повеќе можности за вклученост, други покренуваат прашања за безбедност, а дел сè уште остануваат неизвесни по однос на алгоритамската видливост.
Ова се најновите промени:
1. Репост како нова форма на интеракција
Конечно Instagram овозможи директно да репостирате туѓа објава на сопствен профил. Репостите нема да се појавуваат во главната мрежа на објави, туку во посебен таб. Со ова, платформата ја легализира една од најкористените практики од TikTok – споделување на туѓа содржина, и ја поставува како втора најважна метрика по shares.
2. Ограничување на пробни рилови
Instagram пред неколку месеци ја воведе опцијата за „пробни рилови“ (Trial Reels) – видеа што креаторите можат да ги објават само за себе или за ограничен број следбеници, за да тестираат кој формат најдобро функционира пред да го пуштат јавно. Но многу креатори почнаа масовно да ја злоупотребуваат функцијата, објавувајќи по десетици пробни рилови дневно со цел да го „измамат“ алгоритмот и да најдат брз пат до повисок reach.
Како одговор на ова, Instagram воведе ограничување: максимум 5 пробни рилови дневно по профил. Надминувањето може да донесе блокада од 1 до 30 дена.
За креаторите, ова значи дека стратегијата „колку повеќе – толку подобро“ повеќе не важи. Сега клучот е во квалитетот и правилното темпирање на содржината.
3. Instagram Map и прашања за приватност
Новиот „Instagram Map“ може да прикажува локација во реално време. Иако функцијата треба да е исклучена по дифолт, дел од корисниците пријавуваат дека им се вклучила автоматски. За секој што е загрижен за приватноста, препораката е веднаш да се проверат локациските поставки и во апликацијата и во телефонот.
4. „Friends Feed“ на Reels Tab
Instagram тестира нов „Friends Feed“ во табот за Reels. Тоа е посебна секција каде што можете да видите на кои рилови реагирале (лајкнале, коментирале или споделиле) вашите пријатели. Овој потег е инспириран од TikTok кој веќе го турка својот таб „Friends“ за да ја нагласи интеракцијата меѓу блиските.“
Но, за бизнис профилите и креаторите ова може да значи одвлекување на вниманието од бренд-содржината – бидејќи корисниците ќе трошат време гледајќи што прават нивните пријатели, наместо да им излегува содржина директно од профили што ги следат.
Функцијата, за среќа, може да се исклучи преку поставките во „Activity in Friends Tab“.
5. Нови статистики за подлабока анализа
Дополнително Instagram воведе три нови аналитички метрики:
- Точен момент кога некој кликнал Like на вашиот reel или carousel.
- „Most Followed Reels“ – кои видеа донеле најмногу нови следбеници.
- Демографија на гледачи поединечно за секоја објава.
Ова е голем чекор за креаторите и маркетинг професионалците – податоците конечно стануваат по транспарентни.
6. Интерактивни и паметни Reels
Тука се издвојуваат две нови функции:
- Reels Quizzes – можност да додадете квиз со точен одговор директно во reel. Ова отвора нов простор за интерактивен едукативен или забавен контент.
- Auto Translate & Dub – автоматски превод и синхронизација на говорот, достапно на англиски и шпански. Со ова Instagram директно конкурира на TikTok и YouTube, олеснувајќи им на креаторите да допрат до глобална публика.
Што се случува со Edits App?
Instagram го претстави Edits App пред неколку месеци како посебна алатка за понапредно уредување на видеа и фотографии, со идеја креаторите да добијат повеќе можности за креативна обработка без потреба од надворешни апликации. Целта беше да се задржат корисниците внатре во Instagram екосистемот и да не преминуваат кон трети алатки како CapCut или InShot.
Adam Mosseri истакна дека користењето на Edits App може да донесе и поголем reach, поттикнувајќи ги креаторите активно да ја тестираат. Но според независни анализи и извештаи од маркетинг експерти, засега нема конкретни докази дека оваа алатка навистина носи дополнителна видливост.
Со други зборови вреди да се испроба, но не треба да се очекува дека самото користење на Edits App ќе направи драматична разлика.
Instagram станува се покомплексен
Овие промени јасно покажуваат дека Instagram сака да ги задржи креаторите активни, но и да ја зголеми контролираната интеракција. За малите бизниси, тоа значи дека веќе не е доволно само да се објавува, туку потребно е да се разбере новиот екосистем на репост, интерактивност и аналитика.
Во суштина, Instagram се движи кон повеќе интеракција + подлабока анализа + глобална достапност. Креаторите што ќе се прилагодат најбрзо ќе имаат предност.