Неодамнешното апсење на основачот на апликацијата Telegram Павел Дуров во Франција предизвика бурни реакции, означувајќи го како удар врз приватноста и слободата на говор. Критичарите тврдат дека вистинската причина за апсењето е тоа што Telegram одбива да соработува со државните актери, а реакциите на јавноста укажуваат на загриженост поради пристапот до приватните комуникации.
Зошто корисниците го сметаат Telegram за безбедна апликација?
Telegram стекна репутација на сигурна апликација благодарение на функциите како што се шифрирање од крај до крај (end-to-end encryption) и можноста за испраќање пораки што сами се уништуваат. Овие функции привлекоа корисници на кои им требаше приватност во комуникацијата, како што беа демонстрантите во Хонг Конг во 2019 година, продавачите на дрога и пиратска содржина низ светот.
Telegram често се рекламира како побезбедна алтернатива на WhatsApp, што дополнително ја зголемува неговата популарност меѓу оние кои бараат поголема сигурност.
Иако Telegram има многу безбедносни функции, сепак постојат одредени недостатоци кои корисниците треба да ги земат предвид.
Сите пораки на Telegram се шифрирани за време на преносот од уредот на корисникот до серверите на Telegram, но се дешифрираат кога ќе стигнат на серверите, што овозможува пристап до пораките. Шифрирањето од крај до крај, кое спречува пристап до податоците дури и од сопственикот на серверот, е достапно само во тајните четови (Secret Chats), но не е стандардно вклучено, и корисниците мораат рачно да го активираат. Ова може да претставува безбедносен ризик, особено во групните четови каде оваа врста на шифрирање не е достапна.
Telegram и безбедноста – Зошто апсењето на Дуров е потребно?
Апсењето на Павел Дуров, основачот на Telegram, може да ја доведе во прашање безбедноста на апликацијата, особено ако се гледа низ призмата на политички притисоци и обиди на државите да стекнат пристап до корисничките податоци.
Дуров е познат по ставот дека не соработува со владите кои бараат пристап до приватните комуникации, па неговото апсење предизвика загриженост околу тоа дали Telegram ќе остане доследен на својата политика за заштита на приватноста на корисниците.
Исто така, неговото апсење може да предизвика дополнителни сомнежи во безбедноста на апликацијата, особено во однос на нејзиниот понатамошен развој и потенцијалните промени во безбедносните политики.
Злоупотреба на Telegram
Организирање на терористички групи, трговија со дрога во Европа, споделување на пиратска содржина, протести и организација на криминални активности низ целиот свет, се некои од досегашните злоупотреби на апликацијата Telegram.
Telegram беше користен од различни екстремистички и терористички групи за ширење на пропаганда, регрутирање членови, па дури и за планирање напади. Поради високиот степен на приватност и можноста за создавање тајни четови, овие групи го користеа Telegram како канал за комуникација кој потешко да се следи.
Илегалните пазари на dark web го користеа Telegram како платформа за комуникација со купувачите и продавачите. Корисниците лесно можат да поставуваат огласи и да договараат трансакции бидејќи апликацијата нуди висок степен на анонимност.
Сајбер криминалците го користат Telegram за размена на информации, алатки и техники кои се користат во хакерските напади. Некои канали и групи на Telegram служат како пазари за продажба на украдени податоци, малвери и други незаконски дигитални средства.
Telegram се користи за дистрибуција на пиратски софтвер, филмови, музика и други форми на интелектуална сопственост. Поради можноста за споделување на големи фајлови и релативно анонимниот пристап, пиратската содржина е често достапна во различни Telegram групи и канали.
Што претставува MTProto протоколот и колку е ранлив?
MTProto (Mobile Transport Protocol) е сопствен протокол за шифрирање кој го користи Telegram за заштита на податоците за време на преносот. Развиен е специфично за Telegram и тоа го прави уникатен во споредба со други апликации кои користат широко прифатени протоколи како AES или TLS. MTProto комбинира симетрично AES шифрирање, RSA енкрипција и Diffie-Hellman размена на клучеви.
Иако MTProto обезбедува висок степен на сигурност, критичарите изразија загриженост поради тоа што протоколот не поминал низ обемни тестирања како другите општо прифатени стандарди за шифрирање, што може потенцијално да остави простор за неоткриени ранливости.
Telegram досега успешно реагираше на сите пријавени недостатоци, но поради ограничената употреба на овој протокол, некои експерти и понатаму се претпазливи.
Што знаеме за Telegram?
Тоа е една од најпопуларните чет апликации денес, која ви дозволува да креирате групи кои поддржуваат до 200.000 членови, овозможувајќи ви да изградите заедница и да ги соберете луѓето со слични интереси.
Многу компании и веб портали ја користат оваа апликација за да ги информираат своите клиенти и читатели за новите случувања и понуди, па е одличен избор ако планирате да изградите мрежа на клиенти. Со оглед на тоа што нуди шифрирање од крај до крај, Telegram е одлична чет апликација и за лична употреба. Иако оваа функција мора да ја поставите сами, Telegram важи за една од побезбедните чет апликации на пазарот. Има дури и опција за бришење на пораките откако примателот ќе ги прочита, што го зголемува нивото на сигурност.