Да се биде или не, на социјални мрежи?

За вести, за бизнис, за социјален активизам или за ширење пропаганда и токсичност, секој со својата мотивација учествува во приказната за социјалните мрежи.

da se bide ili ne na socijalni mrezhi

Извор: Freepik

На колкумина од вас денот им започнува со неколкуминутно скролање по омилената социјална мрежа? Од платформи за социјализирање, дружење и забава, социјалните мрежи во последната декада за многумина станаа прв и најголем извор и на дневни вести; преку нив  најголемите светски медиуми допираат до повеќемилионската публика, но и многу повеќе од тоа. Ако се осврнеме кон придобивките кои (можеме да) ги имаме од социјалните мрежи, заклучуваме дека пред сé, нивната моќ со галопирачка брзина на секој континент да пренесуваат информации и пораки, допринесува и општествата забрзано да се менуваат во економска, социјална, културолошка и политичка смисла.

Како социјалните медиуми го преобликуваат општеството и нас?

Како и секоја општествена појава, откако светот памети за себе, така и социјалните мрежи имаат своја светла и темна страна. Но, да се задржиме на светлата, односно што добро произлегува од социјалните мрежи.

  • Подобрена и олеснета комуникација. Меѓусебното поврзување, одржување на квалитетни релации со пријателите или семејството кое живее далеку од нас, создаваат чувства на припадност, задоволство, јакнење на пријателствата и сигурност, правејќи го светот подостапен до и за сите.
  • Информативната улога на социјалните мрежи. Запрашајте се колку често иницијалните информации ги добивате од социјалните мрежи, иако можеби потоа ќе отидете да ја проверите веста на вашиот омилен портал на кој му верувате или ќе гледате вести на ТВ во 7 часот.
  • Нови бизнис модели. Социјалните мрежи го трансформираа начинот на кој компаниите работат и ги пласираат своите производи или услуги. Освојувањето на пазарите, е-комерц, фасцинантните маркетинг стратегии за рентабилни и ефикасни платформи кои допираат до поширока публика, се само дел од придобивките за светот на бизнисот, заедно со можностите за директна комуникација со клиентите на социјалните мрежи и градење на свест за брендот. Инфлуенсерскиот маркетинг, виралните трендови и содржини генерирани од корисниците станаа моќни алатки во светот на маркетингот, обезбедувајќи нови можности за бизнисите да напредуваат.
  • Подигање на свеста за различни социјални прашања и каузи и  поттик и поддршка на активизмот.  Со разни кампањи и движења, кои го наоѓаат својот глас преку хаштагови и вирални содржини, допирајќи до милиони луѓе на глобално ниво, социјалните мрежи создадоа простор за отворање на прашањата за социјалната правда, организирање протести и кампањи. Исто така, социјалните медиуми имаат моќ да ги засилат и маргинализираните гласови и да обезбедат платформа за социјални промени. Ако во минатото биле потребни повеќе ресурси, време, труд и работа, за да се придвижи промена кон подобро денес, на пример на Facebook, луѓето лесно се наоѓаат и се сплотуваат за заедничка цел.
  • Позитивната страна на искористување на социјалните мрежи во општествени и политички цели се огледува во фактот што многу важни и од егзистенционално значење иницијативи за промени во законите за здравствена заштита или социјална грижа кои се однесуваат на маргинализирани и ранливи групи на граѓани започнуваат на Facebook; ангажираната уметност и нејзината цел за политички и општествени промени допира до милионска публика; пораките на славните личности и други опинион мејкери кои се спротивстават на одредени политики во светот и воедно инспирираат други да го направат истото, стигаат до нас преку социјалните мрежи.  Пример за тоа е фустанот на единствената Кејт Бланшет на Филмскиот фестивал во Кан. Кејт многу добро ја знае моќта на социјалните медиуми и во случајов преку вирално видео ја пренесе својата поддршка за најжестокото политичко прашање во светот во моментов – за Палестина.  

Темната страна на социјалните мрежи

Социјалните мрежи како составен дел од секојдневието имаат и свои недостатоци кои можат негативно се одразат врз многу сегменти од животот, а пред сé врз благосостојбата на луѓето. Најважните предизвици за потенцијални опасности за кои најмногу се говори и се бараат механизми за заштита се следниве:

da se bide ili ne na socijalni mrezhi1

Извор: Freepik

Загриженост за приватноста и безбедноста

Околу социјалните медиуми постојано е актуелно прашањето за приватноста и безбедноста, и колку тие можат да бидат нарушени имајќи предвид дека корисниците често пати споделуваат лични информации за да креираат профили. Ова ги изложува на потенцијална опасност од кражба на идентитет, злоупотреба на податоци и други форми на сајбер криминал. Корисниците можат да се заштитат себеси со користење силни лозинки, избегнување споделување чувствителни информации на интернет и прилагодување на своите поставки за приватност.

Потенцијални негативни ефекти врз менталното здравје

Студиите алармираат на поврзаност помеѓу користењето на социјалните мрежи и зголемената анксиозност, депресија и чувството на осаменост и изолација, особено кај помладите корисници. Постојаното следење на туѓи животи и изразената потреба да се биде поврзан и да не се пропушти ништо, најчесто кај тинејџерите, доведува до зголемен стрес, намалување на самодовербата и нарушена самоперцепција.  Сајбер-булингот е, исто така, уште еден мрачен аспект на социјалните медиуми, кој може да има сериозни емоционални последици за поединци од сите возрасти. За социјалните медиуми е важно да се користат умерено, да се внимава на благосостојбата на менталното здравје, а приоритет да бидат интеракциите лице в лице и грижата за себе.

Опасност од ширење дезинформации

Социјалните мрежи претставуваат и идеална почва за сеење и ширење погрешни информации и невистини – од теории на заговор до лажни вести. Алгоритмите на социјалните мрежи дополнително можат да придонесат за ширење на дезинформации, зголемувајќи ја веројатноста за корисниците да се идентификуваат или вклучуваат во содржини соодветни на нивните постоечки верувања и вредности.  На овој начин може директно и значително да се влијае врз јавното мислење и донесувањето одлуки. Против дезинформациите, корисниците се борат со проверка на факти пред да ги споделат или прифатат, со барање на различни аспекти за гледање на работите и практикување на критичко размислување.

Што да очекуваме од социјалните медиуми во иднина?

Новите иновативни технологии ќе продолжат да ја диктираат иднината на социјалните медиуми. Трендовите кои го движат светот како вештачката интелигенција, виртуелната реалност и проширената реалност само ќе напредуваат и ќе бидат сè поприсутни и на социјалните медиуми. Актуелните предизвици ќе останат, можеби ќе се појават и нови, а корисниците ќе мораат да го избалансираат користењето на социјалните мрежи и својата информираност за да ги имаат посакуваните придобивки од нив.

Филолог по англиски и германски јазик и литература, отсекогаш вљубена во книги, поезија и зборови. Креатор на содржини и автор во работно време, сонувач и приземен утопист во слободно време, а во меѓувреме ја наоѓа во убавината во едноставните работи во животот.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.