Според последниот квартален извештај за закани на компанијата Avast, кој го опфаќа периодот од јануари до март 2024 година, измамите, фишингот и малвертајзингот (малициозно рекламирање) претставуваат 90 отсто од сите закани на мобилните уреди и 87 отсто од заканите на десктоп компјутерите, пишува порталот Informacija.rs.
Истражувачкиот тим за закани откри значително зголемување на измамите со користење на софистицирани тактики, како што се употреба на дипфејк технологија, аудио синхронизација манипулирана со вештачка интелигенција и „киднапирање“ на YouTube и други канали на социјалните медиуми за ширење лажна содржина.
Сите социјални мрежи отсекогаш биле жариште на измами. Сепак, забележливо е дека измамниците сѐ повеќе се свртуваат кон YouTube, од каде потекнуваат сѐ повеќе измами. Според телеметријата на Avast, четири милиони корисници биле заштитени од закани на YouTube во 2023 година, а околу 500.000 биле заштитени помеѓу јануари и март 2024 година.
Моќен канал за фишинг и малициозен софтвер
Автоматските системи за рекламирање во комбинација со содржина генерирана од корисници им овозможуваат на сајбер-криминалците да ги заобиколат конвенционалните безбедносни мерки, што го прави YouTube моќен канал за фишинг и малициозен софтвер. Значајни закани на платформата се и малициозните софтвери за крадење лозинки, како што се Lumma и Redline, сајтовите за фишинг и измами, како и малициозен софтвер маскиран како легитимен софтвер или ажурирањата.
Извор: Unsplash / NordWood Themes
Измамниците, исто така, во голема мера ги претворија видео записите во мамки, без разлика дали тоа е видео запис или дипфејк. Една од најчестите тактики е употребата на познати личности и значајни медиумски настани за привлекување голема публика.
Овие кампањи често користат дипфејк како видео записи, кои се креираат со помош на официјални видео записи од настани и вештачка интелигенција за манипулирање со аудио синхронизацијата. Овие видео записи беспрекорно го спојуваат изменетиот звук со постоечките визуелни содржини, така што луѓето тешко може да препознаат дека снимката не е автентична.
Покрај тоа, YouTube служи како канал за насочување на луѓето кон малициозни сајтови, т.е. како поддршка за измами кои се движат од лажни подароци до инвестициски шеми.