Во осмата епизода на New Biz Podcast, Љубица Крстевска, лидер во полето на сајбер безбедноста и претседател на Women4Cyber Македонија, споделува како нејзината лична приказна прераснала во национална иницијатива, со фокус на предизвиците, можностите и иднината на оваа брзорастечка индустрија.
„Единствениот матичен број не е само број – тој е основен идентификатор за пристап до различни системи. Неговата злоупотреба може да доведе до сериозни безбедносни последици, а тоа што е уште позагрижувачки е дека граѓаните често не се доволно информирани за ризиците. Додека тие се изложени на ризици од злоупотреба на нивните лични податоци, пософистицираните сајбер-напади сè повеќе ги таргетираат компаниите и државните институции“, истакнува Крстевска.
Таа предупредува дека регионот сè почесто е мета на напади врз веб-страници на министерства и јавни институции, што укажува на тоа дека степенот на заштита сè уште не е на доволно високо ниво, не е доволно софистициран.
„Но од друга страна, тоа е доказ дека и хакерите стануваат уште пософистицирани. Хакерскиот ум размислува различно од умот на обичниот човек. Она што можеби никогаш не би ни паднало на памет, за нив претставува можност за напад. Затоа софистицираноста на нападите денес се мери не само по обемот, туку и по типот на податоците што се компромитирани“, објаснува Крстевска.
Колку навистина сме свесни за ризиците од дигиталниот свет? Колку претпазливи треба да бидеме при објавување на социјалните мрежи? Можно ли е во Македонија да се случи кражба на идентитет? Погледнете ја целата епизода на YouTube и дознајте:
New Biz Podcast е проект во копродукција на webmind.mk и pari.com.mk поддржан од Sustain Media програмата на ГИЗ и има за цел да ги отвори темите поврзани со новите технологии како вештачката интелигенција, блокчејн, крипто, децентрализиран web 3.0, IoT и нивното влијание врз бизнисот.