Естонија предничи по бројот на непријателски пораки
Меѓу земјите на ЕУ, во 12 од вкупно 23 земји со достапни податоци, забележани се удели од над 50%. Естонија го има најголемиот удел од 69%, веднаш потоа се Данска и Финска (и двете држави со по 68%), додека најниски удели се пријавени во Хрватска (24%), Романија (27%) и Бугарија (31%), според истражувањето на Евростат за 2023 година.
Политичките или социјалните ставови како најголема причина за вербални напади
Категоријата „политички или социјални ставови“ забележа најголем удел во ЕУ меѓу корисниците на интернет на возраст од 16 до 29 години, за која 35% ја наведуваат како причина зошто одредени групи луѓе или поединци биле цел на непријателски или понижувачки пораки на интернет. Оваа категорија беше најзастапена во Естонија (со 60%), потоа Финска (56%) и Данска (49%).
Вториот најголем удел, односно причина во ЕУ е забележана за категоријата „сексуална ориентација (LGBTIQ идентитети)“ со 32%, со исто така најголем удел во Естонија (46%), по што слдат Словачка и Португалија (и двете по 44%).
Категоријата „расно или етничко потекло“ е трета по големина причина за непријателски пораки со 30%. Највисоки удели за оваа категорија се забележани во Холандија и Португалија (и двете по 45%) и Естонија (44%).
Како да се заштитите од непријателски пораки на интернет?
Следат неколку предлози за тоа како да се заштитите од непријателски содржини на интернет:
Прилагодете ја приватноста на социјалните мрежи и на вашите сметки така што само пријателите и познаниците можат да ги видат вашите објави. Ограничете кој може да ви испраќа пораки или да коментира на вашите објави.
Повеќето социјални мрежи и услуги за е-пошта нудат опции за блокирање одредени корисници и филтри за спам. Користете ги овие опции за филтрирање на спам и непријателски пораки.
Ако добиете непријателска или понижувачка порака, пријавете ја на платформата на која е испратена. Повеќето социјални мрежи и услуги имаат опции за пријавување несоодветна содржина.
Бидете внимателни при споделување лични информации на интернет. Не објавувајте ги јавно вашата адреса, телефонски број или други чувствителни информации.
Редовно менувајте ги лозинките и користете сложени комбинации на букви, бројки и симболи. Избегнувајте користење на иста лозинка за повеќе сметки.
Дознајте повеќе за безбедносните практики на интернет. Научете како да препознавате лажни пораки, обиди за фишинг и други форми на измама.
Ако добиете непријателска порака, не реагирајте веднаш. Размислете за последиците од вашиот одговор и избегнувајте да влегувате во конфликти на интернет.
Ако се чувствувате загрозени или вознемирени, побарајте поддршка од пријателите, семејството или од стручна помош. Постојат и организации кои обезбедуваат помош на жртвите на онлајн насилство.
Споделете совети и информации за безбедноста на интернет со пријателите и семејството за да можат и тие да бидат заштитени.