Дали кинеските власти можат да пристапат до личните податоци?
Само во Европа има околу 150 милиони корисници на TikTok. За користење на платформата, овие корисници обезбедуваат многу лични информации. Западните влади сè повеќе се загрижени за можноста кинеската влада да пристапи до тие податоци. Иако Пекинг ги отфрла обвинувањата, законодавците сепак остануваат скептични.
Не е само TikTok платформа која собира податоци, проблемите со собирање на податоци постоеле многу пред популарните социјални медиуми. Ширум интернетот, може да се соберат огромни количини на лични податоци за потрошувачите од историјата на нашите пребарувања, преференциите на прелистувачот и информациите што ги внесуваме, пренесува Euronews.next.
Што се лични податоци и како се собираат?
Личните податоци, меѓу другото, вклучуваат информации како името на лицето, возраста или адресата на е-пошта и може да се користат за идентификација на поединецот.
Овие податоци може да се „псевдонимизираат“, што подразбира дека сите експлицитни лични информации се отстранети за да се отежне идентификацијата на поединецот или пак да се „анонимизираат“ при што сите лични идентификатори се отстранети и поединецот повеќе не може да се идентификува.
Постојат многу начини на кои податоците можат онлајн да се собираат, без разлика дали тоа се врши преку IP адреси, податоци за навигација, колачиња или информации што ги внесуваме со пополнување формулари.
Исто така, многу податоци оставаме преку социјалните медиуми, со „лајкување“ или со нашите реакции на објави. Ваквите активности можат да откријат чувствителни податоци, дури и без наше знаење.
Овој тип на податоци, кои би можеле да вклучуваат информации за вашата сексуална ориентација, здравствени информации, политичка или верска припадност или информации што ја откриваат вашата раса или етничка припадност, се сметаат за чувствителни бидејќи нивното откривање може да доведе до вознемирување, дискриминација или дури и до кражба на идентитет.
Токму овие чувствителни податоци често се во фокусот на загриженоста поради собирањето на податоци и ризикот од можно протекување.