Феноменот што експлодираше по пандемијата на COVID-19 денес прерасна во глобален тренд. Милиони професионалци ги напуштија канцелариите и преминаа на пофлексибилен начин на работа, а владите ширум светот се обидуваат да ја привлечат оваа нова, мобилна и често високо платежна група работници.
Според истражувањето на Global Citizen Solutions, кое анализирало 64 земји според траењето на визите, финансиските услови и можностите за постојан престој или државјанство – европските држави убедливо доминираат.
„Европа, благодарение на стабилноста, безбедноста и богатата културна понуда, останува најпривлечниот избор за преселување на дигиталните номади“, се наведува во извештајот.
Топ 10 земји за дигитални номади во 2025 година
- Шпанија
- Холандија
- Уругвај
- Канада
- Чешка
- Португалија
- Франција
- Обединети Арапски Емирати
- Германија
- Малта
Зошто Шпанија е број еден?
Шпанија ја предводи листата благодарение на својата дигитална номадска виза, која овозможува работа на далечина за странски компании, но и делумно ангажирање во шпански фирми – до 20% од вкупната работа.
Предностите вклучуваат високи брзини на интернет, одличен квалитет на живот и јасен правен пат до постојан престој, па дури и до државјанство. За граѓаните на земјите од Латинска Америка, Филипини и Екваторијална Гвинеја, периодот за натурализација е скратен од десет на само две години.
Трошоците за живот во Шпанија се пониски отколку во поголемиот дел од северна Европа, особено во помалите градови, додека безбедноста, здравствениот систем и инфраструктурата се на високо ниво.
За добивање на визата е потребно:
- диплома од признат универзитет или најмалку три години работно искуство,
- доказ за приходи (најмалку двојно повеќе од шпанскиот минималец),
- здравствено осигурување,
- и чисто казнено досие.
Европски алтернативи
Холандија го зазема второто место благодарение на дозволата за самовработени лица, која отвора пат до постојан престој, иако даночниот систем не е многу поволен. Земјата, сепак, нуди извонредни услови за живот, безбедност и квалитетна инфраструктура.
Чешка станува сè посилно средиште за номадите во централна Европа, со пристапни трошоци за живот и директен пат до државјанство.
Португалија, со својата „D8“ виза, комбинира добар интернет, стимуланси за странски професионалци и умерени трошоци за живот.
Франција нема директен пат кон државјанство, но нуди одличен квалитет на живот и брза интернет мрежа.
Германија се истакнува со Freelance визата, која овозможува престој до три години и постојан престој по пет.
Малта, иако мала, привлекува бројни странски работници со својата стабилност, здравствен систем и фактот што англискиот е официјален јазик.