Пазарот на NFT го доживеа својот врв во 2021 година. Податоците покажуваат дека инвеститорите потрошија приближно 40 милијарди долари на токени, за разлика од само 106 милиони долари во 2020 година. И покрај падот на вредноста за многу проекти од 2021 година, индустријата на NFT не е мртва, туку продолжува да се менува и да еволуира. Новата фаза на NFT дава повеќе приоритет на реалната вредност и за креаторите и за купувачите, олеснувајќи го нивното вклучување на пазарот. Особено се очекува пазарот на луксузните модни брендови да расте брзо и да достигне вредност од 52 милијарди долари до 2026 година.
Што е NFT во модата?
Во светот на модата, NFT служат како уникатни дигитални потписи, потврдувајќи ја сопственоста и автентичноста и на виртуелните и на физичките модни предмети. NFT во модата имаат различни форми и облици, вклучувајќи виртуелна облека, дигитална содржина за интерактивни искуства и „дигитални близнаци“ што ги отсликуваат физичките модни креации. NFT можат да се купуваат и собираат во виртуелните средини. Сепак, откако ќе бидат купени, многу сопственици сакаат и да ги „носат“ модните креации, што е овозможено со помош на проширената реалност (AR).
NFT се иднината на луксузната индустрија. Тие создаваат нова димензија на вредност за потрошувачите преку овозможување дигитална сопственост на физички добра.
Изјави Кјара Ферањи, италијански моден инфлуенсер и претприемач.
Како NFT ја преобликува модната индустрија
Модните брендови започнаа да истражуваат иновативни начини за интегрирање на NFT во својата работа, од издавање дигитални колекции со ограничено издание до инкорпорирање на системи за автентикација базирани на NFT во физичките производи.
Некои модни брендови, како што е Gucci, веќе купуваат и виртуелно земјиште каде што можат да отвораат продавници и да ја продаваат својата виртуелна облека на потрошувачите во Метаверсот.
Извор: Freepik / macrovector
Dior минатата година воведе NFT технологијата во своите нови Web3 патики. Според Vogue Business, овие патики имаат внатрешен чип на десната патика што им овозможува на купувачите да добијат сертификат зачуван на блокчејн кој ја докажува нивната автентичност. По цена од 1.350 долари, овие патики доаѓаат со уникатен NFT на блокчејнот Ethereum, кој вклучува дигитален „близнак“. Тие можат да се „носат“ на Snapchat и вклучуваат ран пристап до ексклузивни поволности за новата пролетната колекција за оваа година.
За да го одбележи 200-тиот роденден на починатиот основач, модната куќа Louis Vuitton ја лансираше „Louis the Game“, достапна за преземање на мобилни уреди. Во играта глуми приспособливата фигурина „Vivienne“, која тргнува во потрага низ 200 виртуелни светови за да пронајде двесте роденденски свеќички. По завршувањето на играта, играчите можат да бараат триесет скриени колекционерски NFT, а десет од нив се направени во партнерство со познатиот дигитален уметник Beeple.
Иднината на NFT во модната индустрија
NFT обезбедува уникатен дигитален потпис за секој моден луксузен предмет, обезбедувајќи ја неговата автентичност и безбедно следење на историјата на сопственост на блокчејнот. Овозможувајќи дигитална сопственост и поседување на производи, NFT ја прошируваат пристапноста до овие луксузни стоки, истовремено нудејќи им на потрошувачите нови патишта за инвестирање и собирање. Како што индустријата се развива, интегрирањето на NFT во модната индустрија може да ги редефинира искуствата на потрошувачите и да ја преобликува иднината на малопродажбата на модните брендови.
Од друга страна, пак, проблематично е прашањето во врска со влијанието на NFT врз животната средина. Многу NFT се изградени на блокчејн платформи кои користат механизам за консензус за доказ за работа, како што е Ethereum, кој бара значителна пресметковна моќ и потрошувачка на енергија. Јаглеродниот отпечаток на трансакциите со NFT предизвика загриженост за одржливоста, особено затоа што од модната индустрија во последно време сѐ повеќе се бара да обрнува внимание на еколошките прашања.