Зошто мора да престанеме да ја оправдуваме токсичната машкост?

Во нашата култура „машко е“ претставува семеен триумф при раѓањето на детето. Подоцна, додека детето расте, „машко е“ станува оправдување за сите палавштини. И некако, кога ќе пораснат, мажите и понатаму остануваат палави момчиња, но овој пат соочени со женскиот гнев кој изјавата „мажи“ ја претвора во дијагноза. Токсична машкост, велите? Како ли настанува тоа?

toksicnost-5319-fi

Извор: Freepik

Ако кажеме дека мајките се виновни за сè, тоа ќе звучи како и сите останати стереотипи. Но, ако размислиме за вистините во стереотипите, мораме да се загрижиме. Да се биде маж, од привилегија прераснува во дијагноза. Токсичната мажественост се развива, повеќе отколку што се активира. Мајките ги воспитуваат синовите на еден, а ќерките на друг начин, поддржувајќи го јазот меѓу половите. Синовите стануваат токсично мажествени, а ќерките огорчени од мажите.

Секако, тоа е оголена и поедноставена анализа, но ја погодува суштината. Како да ги одгледуваме нашите синови? Како да ги насочиме да бидат подобри, посвесни, погрижливи и да развијат здрава мажественост? Знаеме ли воопшто што е тоа здрава мажественост или се водиме според тоа дека е спротивна од токсичната?

Работите се нејасни. На мајките, татковците, синовите, ќерките. Но, ако не знаеме како треба да изгледа современата здрава мажественост, можеби да почнеме од она што го знаеме. А знаеме што е токсична машкост. И ако сакаме да бидеме искрени, знаеме и каде почнува нејзиниот развој. Со повластиците кои доаѓаат со славеничкото „машко е!“ при раѓањето на детето.

Па, да тргнеме оттаму.

Каде почнува токсичната машкост и како да ја пренасочиме

Одговорност наместо оправдување

Современите родители се насочени кон внимателна комуникација со своите деца, која го вклучува и јазикот со кој им се обраќаме. На ќерките им велиме дека се силни, паметни, храбри и способни, за да ја урамнотежиме пораката дека девојчињата се „принцези“, слатки, убави и служат за украс. Женското оспособување е во фокусот, со целосно право. Меѓутоа, токсичната мажественост на момчињата и понатаму се провлекува под радарот.

Нивната грубост, па дури и насилното однесување, и понатаму се сфаќа како „машка работа“. Всушност, ние не знаеме како да им помогнеме на момчињата да ја насочат и канализираат својата машка енергија. Тие некако се снаоѓаат сами. А кога ќе ни заличат на примитивци од камено доба, во нас се будат длабоко вкоренетите патријархални верувања. И наоѓаме изговори за нивната грубост. „Тоа се момчиња“, „тие така се играат“, „така е во чопорот“, „машки работи“. Меѓутоа, тоа се само изговори кои за последица имаат ослободување на момчињата (и мажите) од секаква одговорност за непромисленото однесување кое на другите им нанесува болка.

И тука е местото каде што настанува црната дупка во која пропаѓаат машката енергија, мотивацијата, хуманоста, сензитивноста, емпатијата. Токсичната мажественост се развива на плодно тло на емоционална занемареност. Кога се емоционално невоспитани, момчињата растат со уверување дека агресивноста, грубоста и неодговорноста се машки одлики.

Токсична машкост од мали нозе

Ако начинот на кој разговараме со нашите девојчиња го обликува нивниот идентитет и иднина, тогаш истото важи и за нашите момчиња.

Секогаш почнува невино. Некое момче ќе налета на вашето дете, ќе го удри, ќе го собори. Неговата мајка ве погледнува извинувајќи се и ги крева рамениците, велејќи „ех, момчиња“. А вие се согласувате со неа. Значи, обете сте соучесници во карактеризирањето на типичното машко однесување како агресивно. И прифатено како такво. Без извинување, без последици.

Тоа оправдување предизвикува и возрасните и децата да ги прифаќаат негативните однесувања како природни и биолошки условени, испраќајќи порака до момчињата дека нивното однесување не е под нивна контрола. И ги зајакнува специфичните родови линии што ги создава нашето општество, игнорирајќи го вистинскиот спектар на човековото однесување кој е единствен за секоја личност, без оглед на полот. Исто така, во голема мера го потценува детето кое потенцијално би можело да има корист од разни други поддршки.

Не постои однесување кое е карактеристично за сите момчиња и за сите девојчиња. Многу студии покажуваат дека мозоците на момчињата и девојчињата не се толку различни. Всушност, мажите и жените се повеќе слични отколку различни од детството до зрелоста според сите главни психолошки варијабли отколку што општеството би сакало да верувате.

toksicnost-5319-ps1

Извор: Freepik

На што ги учиме децата – свесно и несвесно

Децата постојано учат, без оглед на тоа дали имаме намера да ги учиме. Кога нашите деца би ги слушале само нашите намерни пораки, родителството веројатно би било многу полесно. Меѓутоа, децата слушаат многу повеќе од она што намерно го кажуваме, а нашите ненамерни пораки имаат голема тежина. Го гледаат нашето однесување, нашите постапки, начинот на кој се однесуваме и зборуваме за себе. Слушаат како зборуваме за нив на други луѓе. Ги фаќаат не толку суптилните сексистички пораки од ТВ рекламите и филмовите, ја гледаат разликата во играчките и облеката за момчиња и девојчиња. Нè слушаат кога велиме „какво слатко девојче“ и „о, колку е жилав и силен ова момче“.

Нè слушаат како го опишуваме и оправдуваме нивното однесување како функција на нивниот пол. А вистината е дека момчињата се комплексни, чувствителни, стоички, обзирни, љубопитни, отпорни, гласни исто како и девојчињата. Набљудувајте ги и реагирајте на она што го гледате во нив. Дури и ако имате близнаци, тие се различни битија, едниот може да биде трпелив и темелен, другиот брз и љубопитен. А двајцата треба да научат да ги развиваат своите сили и да ги зајакнат своите слабости. И дека нивните постапки имаат последици, нивното однесување влијае на другите, а нивните зборови имаат тежина. И дека имаат контрола над сето тоа.

Токсичната машкост не е вградена во машката природа

Момчињата не се „кретени“ по природа. Тие не се автоматски предиспонирани да бидат груби поради нивната генетска структура. Не се родени да ги повредуваат другите затоа што се мажи. Можеби претпочитаат повисоко ниво на физичка активност, можеби сакаат да учат практично. Но, не постои врска меѓу тие нешта и неможноста да ги препознаат ефектите на сопственото штетно однесување.

Токсичната мажественост премолчено се поттикнува кога суровото однесување ќе биде прифатено како „типично машко“. Малтретирањето и задевањето обично се сметаат за кокетирање. Несаканата упорност се сфаќа како вистинска лојалност. Непријателството и агресијата погрешно се сметаат за самодоверба и се сметаат за привлечни. И тоа влијае на романтичните врски и на женскиот гнев во односите.

Токсичната машкост (и нејзиниот постар брат, патријархатот) се потпираат на идејата дека момчињата не се способни да се изразат на друг начин освен преку агресија и бес. Со одржување на оваа идеја, не успеваме да ги научиме нашите деца како изгледаат безбедните врски, кои вклучуваат договор и согласност, токму на возраста кога штотуку почнуваат да ги истражуваат.

Нашите деца заслужуваат подобро. Наша работа е упорно и брзо да работиме за да ги демонтираме системските пораки и општествените структури кои ја промовираат токсичната машкост.

Да почнеме со откажување од пораките и коментарите:

  • Тој е вистинско момче!
  • Уф, жал ми е. Тој едноставно сака да ги уништува нештата.
  • Момчињата и девојчињата се толку различни, нели?
  • Едноставно не може да се воздржи!

Време е да престанеме со тоа, да го промениме наративот и да престанеме да го оправдуваме однесувањето на момчињата на начин на кој никогаш не би го оправдувале однесувањето на девојчињата.

Извор: easylife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.