Рамнотежата меѓу работата и животот – мит или реалност?
За почеток, оваа теорија нè соочува со една малку непријатна вистина: совршена рамнотежа меѓу работата и приватниот живот всушност не постои.
Постојат периоди кога работата едноставно ќе бара повеќе од вас. Сложен случај. Сериозен инцидент. Реорганизација. Судски рокови кои воопшто не ги интересира што вие сте планирале час по јога.
Да се преправате дека во секој момент можете да ги одржувате сите четири рингли подеднакво „запалени“ не е реално. Покрај тоа, токму поради таквото верување ќе имате чувство дека постојано потфрлате во нешто.
Суштината на оваа теорија не е дека сите рингли мора непрестајно да горат со еднаков интензитет. Поентата е свесно да одлучите кој ќе го засилите, кој привремено ќе го намалите и колку долго ќе трае тоа.
Проблемот во многу професии не е тоа што повремено го засилуваме „горилникот на работата“. Проблемот настанува кога ќе заборавиме подоцна повторно да го намалиме.
Работата може да биде многу заводлива. Делува смислено. Делува итно. Носиме чувство на одговорност кон луѓето на кои им помагаме. Секогаш постои причина да останете подолго на работа, да одговорите на уште еден мејл или уште еднаш да го доработите извештајот. Секогаш постои некој на кого му е потребна помош. Токму затоа работата лесно станува центар на сè.
Но, Теоријата на четири рингли го поставува она многу потешко прашање:
Ако работата гори со полна сила, кој горилник трпи?
Дали е тоа здравјето? Прескокнати оброци. Лош сон. Оној притисок во градите што упорно го игнорирате.
Дали е тоа семејството? Физички сте присутни, но со мислите сте целосно отсутни. Нервозни сте поради нешто што се случило претходно во текот на денот.
Дали се тоа пријателите? Откажани средби. Непрочитани пораки. Пополека вашиот свет се стеснува.
Теоријата не вели дека треба целосно да ја исклучите работата. Тоа не е реално. Таа само нè потсетува да бидеме свесни за компромисите што ги правиме.
Една од најважните промени што ги направив е преминот од случајна нерамнотежа во намерна нерамнотежа.
Ако знаеме дека нè очекуваат две многу барани недели, уште повнимателно го чувам сонот. Свесно ги намалувам социјалните обврски наместо да се обидувам да бидам „суперхерој“. А кога тој период ќе помине, намерно го намалувам интензитетот на работата. Земем неколку побавни денови. Не ги проверувам мејловите. Повторно им се посветувам на другите области од животот.
Токму тоа свесно префрлање на фокусот долгорочно нè штити од прегорување (burnout).
Кога треба да се прифати дека вагата мора да претежне
Втората важна лекција од Теоријата на четири рингли се однесува на нашите капацитети. Сви располагаме со ограничена количина на енергија. Работата не бара само време. Таа ги троши и нашите емоции и менталната сила.
Кога секојдневно им помагате на луѓе кои минуваат низ трауми, насилство, занемарување или сериозни животни кризи, вашиот нервен систем не останува целосно рамнодушен. Тој впива. Обработува. Носи дел од тој товар.
Ако никогаш не си дозволите време за закрепнување, многу брзо ќе останете без гориво. А еве ја и непријатната вистина: работењето на последните резерви на енергија не ве прави подобар професионалец. Напротив.
Станувате поимпулсивни. Помалку трпеливи. Полесно правите грешки. Ги избегнувате тешките разговори. Грижата за здравјето и односите со луѓето не ја намалува вашата професионалност. Таа ја засилува.
Професионалниот идентитет не смее да биде единствениот идентитет
Третата лекција се однесува на идентитетот. Многу луѓе силно го поврзуваат својот идентитет со работата што ја работат. Тоа не е нужно лошо. Токму тоа често нè прави добри во она што го работиме.
Но, кога целиот ваш идентитет ќе се стопи со професијата, секој обид да го намалите интензитетот на работата може да ви делува како да губите дел од себе.
Ако вашата самодоверба зависи исклучиво од тоа колку им сте корисни на другите, одморот ќе ви делува како мрзеливост. Да кажете „не“ ќе ви биде рамно на предавство. Одењето на годишен одмор ќе изгледа како напуштање на луѓето на кои им сте потребни.
Теоријата на четири рингли го оспорува таквиот начин на размислување. Таа ве потсетува дека сте многу повеќе од својата работа. Вие сте партнер. Родител. Пријател. Личност која има хобија, смисла за хумор, интереси и особини кои немаат никаква врска со деловните обврски.
И токму тие рингли се важни не само затоа што го прават животот поубав, туку затоа што ве прават човек. А ниту една професија не може да функционира без луѓе кои останале луѓе.
Извор: bizlife.rs