Лесно е да се согласиме со нив, бидејќи тоа се впечатливи и најчесто вознемирувачки соништа. Можете да имате неколку соништа што се повторуваат во различни варијанти, но клучната симболика останува иста – некои од најчестите соништа што сите повремено ги сонуваме се соништата за бременост, возење автомобил (или друго превозно средство), за вода, летање, голотија на јавно место…
Покрај повторувачките соништа кои можат да имаат општо значење (превозното средство и тешкотиите при возењето го симболизираат моменталниот начин на живот, бременоста може да претставува креативен напор, додека водата има онолку широка симболика колку што има варијанти на соништа за брза, мирна, бистра, матна, длабока или плитка вода во која влегувате или ја набљудувате…), постојат и соништа што се повторуваат и се специфични за секој поединец. Нивната симболика најдобро можете самите да ја разберете и да ја протолкувате пораката што ви ја пренесуваат од потсвеста, наследството, семејните и кармичките обрасци. Во одредени животни периоди, познатите вознемирувачки соништа можат да се повторуваат повеќепати – како во тие моменти границата меѓу свесното и несвесното да е истенчена (поради нешто што го проживувате и поради специфичната психичка и емоционална состојба во која се наоѓате), па тогаш полесно можете да разберете што ви порачуваат тие соништа. Насоки за тоа како да пристапите кон толкувањето на повторувачките соништа можат да ви помогнат следниот пат кога повторно ќе ви се појави вознемирувачки сон.
Како да разберете што ви порачуваат соништата што се повторуваат
Одвојте време за размислување. Поставете си прашања дали се борите со одреден проблем, од што се плашите (и дали во тој момент тој страв поради нешто е засилен), дали се наоѓате на животна пресвртница (се обидувате да започнете промени или се плашите дека нема да можете да ги избегнете, а можеби и двете)… Запишете ги одговорите што ви доаѓаат на ум – вашата психа можеби се обидува да ве насочи да се соочите со нешто што го игнорирате или за кое сè уште не сте свесни.
Обрасците што ги носат соништата што се повторуваат
Ако постојано сонувате дека некој или нешто ве прогонува, дека ве осудуваат на смрт, дека паѓате – размислете за чувствата што ги имате во тие соништа и поврзете ги со обрасците на размислување и чувствување во вашиот живот. Дали бегате од одговорност, се плашите од осуда или ве прогонува чувство на вина поради нешто што сте го направиле или не сте го направиле, а сте можеле. Размислете за стравовите што ве спречиле да се осмелите на нешто, ве навеле на погрешни избори или ве „турнале преку работ“ во поле во кое се чувствувате несигурно и небезбедно. Дали во тие соништа другите имаат одлучувачка улога на која ѝ се покорувате и како тоа е поврзано со вашиот живот – дали сте прифатиле одредени модели на однесување и живеење кои всушност не сте ги прифатиле и кои ја ограничуваат вашата автентичност или ве загрозуваат на кој било начин? Во кои животни ситуации ви се повторуваат чувствата што ги имате во тие соништа? Соништата што се повторуваат можат да носат и семејни обрасци – чувствата што ги имате можеби не се ваши, туку сте ги „наследиле“, а до нив можете да пристапите преку одредени форми на терапија, како што се системската семејна терапија или семејните констелации.
Запишувајте секојпат кога нешто повторно ќе сонувате
Најдобар начин да ги фатите сите детали е, веднаш по будењето, да го запишете повторувачкиот сон или кој било друг сон што остава длабок впечаток врз вас. Држете тетратка и пенкало покрај креветот или користете апликација за снимање звук на телефонот и раскажете си го сонот, за подоцна да го запишете. Соништата имаат обичај да избледат штом ќе почнете да се занимавате со дневните активности (кога мозокот целосно се буди) и иако може да се сетите на нив подоцна, деталите ќе ви измикнуваат. Кога ќе ги споредите варијантите – разликите и сличностите што ги имаат вашите повторувачки соништа – можете да стекнете подлабоки увиди во вашите внатрешни содржини.
Бидете трпеливи и истрајно барајте начини
Соништата што се повторуваат можат да ве следат со години и можеби никогаш нема целосно да ги разберете, а можеби ќе ја сфатите пораката дури по децении. Кога ќе соберете доволно искуство во работата со својата сенка и во толкувањето на соништата, кога ќе постигнете подобра интеграција и ќе создадете попроточна врска со вашите внатрешни содржини, вашата интуиција ќе се изостри и ќе ве доведе до разбирање. Ќе знаете дека навистина сте ја разбрале пораката на повторувачкиот сон кога ќе престанете да го сонувате. Можно е психотерапијата, меѓу другото, да ве доведе до разбирање на вознемирувачки сон што се повторува (или повеќе нив), како и други начини на работа на себе и канализирање на емоциите. Можеби ќе ве води стручњак за толкување на соништата, како јунговски аналитичар или шаман, а можеби и самите ќе се водите себеси, преку креативни начини на изразување на чувствата и претставување на своите соништа. Ако ги сакате зборовите, напишете песна или приказна за својот сон; ако ви е поблизок ликовниот израз, нацртајте го сонот или изразете го преку друга уметничка техника. Кога ќе ги „фатите“ своите соништа што се појавуваат во зборови или форма, кога ќе им дадете материјална, опиплива димензија, ќе можете подобро да ги видите и да ги набљудувате од повеќе агли – буквално и метафорично. Испробајте повеќе начини за да ги пронајдете одговорите што ги барате почнувајќи од поставување на вистинските прашања самите на себе и имајте предвид дека потрагата по одговори ве води на духовно и животно патување на личен раст и развој.
Извор: easylife.rs