Станува збор за моделот Pacific S01 – Elysée X Maison Henry Jullien, со сини стакла и сребрена рамка во стил на филмот Top Gun, со цена од 659 евра. Зад овој луксузен дизајн стои мала француска мануфактура од регионот Жура, позната по рачната изработка и долгогодишната традиција.
Еден претседател, стотици нарачки
„Откако наочарите се појавија во Давос, примаме повици од целиот свет. Публицитетот беше неверојатен“, изјави Стефано Фулкир, директор на италијанската компанија iVision Tech, сопственик на брендот Henry Jullien.
За споредба, оваа работилница претходно произведувала околу 1.000 пара годишно, од кои само 200 од овој модел. Поради нагло зголеменото интересирање, отворена е посебна страница посветена на „претседателските наочари“.
Наочарите од Елисејската палата
Макрон го нарачал моделот уште 2024. година, прво како подарок за еден министер на самитот G20, а потоа и за себе. Според производителот, сакал да подари „дел од француската традиција“.
Секој пар бара дури 279 производствени чекори и речиси четири месеци рачна изработка, што овие наочари ги става на врвот на луксузната оптика.
Сјајот на публицитетот и реалноста на индустријата
Зад медиумскиот успех се крие многу посложена приказна. Оптичката индустрија во француската Жура со години е под притисок од поевтината азиска продукција. Компанијата Henry Jullien пред 15 години вработувала околу 180 работници, додека денес останале само десетина.
Неколку месеци по испораката на наочарите за претседателот, новите сопственици отпуштиле дел од вработените, што предизвикало остри реакции од синдикатите, кои сметаат дека фокусот е ставен на брендот, а не на луѓето и домашната продукција.
Иако скептиците се гласни, локалните власти веруваат дека овој неочекуван публицитет може да донесе нова шанса за брендот и регионот. Еден детал од светската политичка сцена покажа колку моќен може да биде спојот на политика, луксузот и маркетингот.
Извор: bizlife.rs