Она што ги прави темните дамки толку упорни е тоа што се случува под површината. На основно ниво, тие кафеави, црвени или виолетови дамки се појавуваат кога вашето тело произведува вишок меланин (пигмент). Тоа може да се случи како одговор на недоволна заштита од изложување на сонце. Но, се случува и поради хормонални промени, како и поради воспаленија (осип, мозолчиња кои сте ги стискале, каснувања од инсекти).
Додека некои серуми и креми дефинитивно помагаат дамките да избледат, многу секојдневни навики во негата можат да имаат спротивен ефект. Еве кои skin-care грешки можеби ги правите без да размислувате и што да правите наместо тоа.
Најчести skin-care грешки кои ги засилуваат темните дамки
Повеќе состојки за посветлување одеднаш
Ниту еден производ нема магично да го изедначи тонот на вашата кожа преку ноќ, но постојат многу состојки кои делуваат со текот на времето. Витаминот Ц е антиоксиданс кој го забавува производството на меланин. Ретинолот и ексфолијантите ги отстрануваат пигментираните клетки на кожата, откривајќи свеж, посветол слој одоздола.
Меѓутоа, повеќе не е секогаш подобро и нанесувањето на повеќе силни состојки нема да ги забрза работите. Всушност, витаминот Ц, хемиските ексфолијанти (како што се гликолна, млечна или салицилна киселина) и ретинолот не треба да се користат сите одеднаш. Оваа комбинација може да ја иритира и воспали кожата и да ја влоши постоечката хиперпигментација.
Наместо да ги користите сите најсилни активни состојки во исто време, изберете една. Користете само неа во текот на најмалку две недели за да видите како реагира вашата кожа. Исто така, можете да размислите за употреба на витамин Ц наутро и ретинол навечер, или наизменично да ги користите во различни денови. Овој пристап не само што е понежен за кожата, туку ви овозможува да забележите што всушност прави разлика.
Skin-care грешки – неизлекувани акни
Во настојувањето да се ослободите од преостанатите траги, посегнувате по посветлување. Но, ако не сте го решиле основниот проблем, како што се сè уште активните акни тоа нема да ја поправи состојбата. Сè додека мозолчињата „живеат “, кожата останува воспалена од наталожување на вишок масло, мртви клетки и бактерии. А сето тоа поттикнува прекумерно производство на меланин и создавање темни дамки. Значи, дури и додека се обидувате да ги избледите претходните траги, нови можат брзо да се појават.
Најдобро е да посетите дерматолог кој може да направи план за лекување, без разлика дали тоа вклучува лекови за локална употреба или орални лекови. Опциите без рецепт вклучуваат локален ретинол, киселини за ексфолијација (како што се гликолна и млечна киселина) и ниацинамид.
Прескокнување на крема за сончање
Во секоја рутина за нега се истакнува неопходноста од нанесување крема со висок заштитен фактор, а сепак тој чекор често го прескокнуваме. Изложеноста на сонце е еден од главните фактори за хиперпигментација, а заштитата е посебно важна ако веќе имате дамки. УВ зраците го активираат производството на меланин и тенот потемнува, а кафеавите и црвените траги се интензивираат.
За најдобра заштита, вклучете формула со „широк спектар“ (најмалку SPF 30) во својата дневна рутина. И не заборавајте повторно да ја нанесувате на секои два часа ако се потите или поминувате време надвор. Дополнително ќе имате корист од крема која содржи цинк оксид или титаниум диоксид, кои физички ги блокираат УВ зраците.
Skin-care грешки – иритација на кожата со топлина
Сончевата светлина не е единствениот фактор на кој треба да бидете свесни. Премногу топлина (од сауна или долго туширање со жешка вода) исто така може да ги продолжи воспаленијата на вашата кожа. Кога ова се случува често, долготрајното воспаление може да предизвика клетките на пигментот претерано да реагираат и да ги направат малите кафеави траги позабележливи.
Не мора целосно да се откажете од жешкото туширање, но скратете го. Неколку минути под пареа е во ред, но избегнувајте го ноќното 30-минутно киснење на ниво на сауна.
Skin-care грешки при пилинг
Пилингот кој ги отстранува мртвите клетки на кожата дефинитивно може да помогне во изедначување на тенот. И постојат многу ветувачки опции, од хемиски ексфолијанти како алфа-хидрокси киселини (AHA) и бета-хидрокси киселини (BHA), до физички пилинзи.
Проблемот, меѓутоа, е во тоа што многумина веруваат дека за време на пилингот можат да ги „изрибаат“ темните дамки што има спротивен ефект. Ова посебно се однесува на физичките пилинзи кои содржат абразивни состојки. Кај чувствителните типови кожа, механичкото триење може да создаде микротрауми или воспаленија, што може да сигнализира зголемување на производството на пигмент во таа област.
Хемиските ексфолијанти се генерално понежни од пилингот, но нивната пречеста употреба или превисока концентрација може да ја оштети кожната бариера. Резултатот е засилена иритација, црвенило и поспор процес на избледување на темните дамки.
Не постои универзален одговор на прашањето колку често треба да се прави пилинг тоа навистина зависи од вашиот тип кожа, потребите и толеранцијата. Но, паметно е да бидете претпазливи: Избегнувајте физички пилинзи ако кожата ви е тенка и чувствителна. Меѓутоа, ако кожата ви е порсна или поотпорна, нивната употреба не повеќе од еднаш неделно може да ви годи. Хемиските опции испробајте ги еднаш или двапати неделно, а потоа прилагодете врз основа на тоа како реагира вашата кожа.
Не сте сигурни дали се во прашање само темни дамки
Ниту сите темни дамки не се исти. Всушност, кафеавите дамки кои ги познавате технички се нарекуваат постинфламаторна хиперпигментација (PIH). Но постои и постинфлаторна еритема (PIE). Овие дамки по мозолчињата изгледаат слично на прв поглед, но подобро реагираат на различни третмани. Препознавањето со кој вид пигментација имате работа би можело да биде клучен чекор кон нивно побрзо избледување.
Најголемата разлика е во тоа што PIE се појавува во вид на розови, црвени или виолетови дамки, бидејќи е предизвикан од оштетени крвни садови близу до површината на кожата. Се јавуваат поради повреда или иритација од чепкање мозолчиња до прекумерна употреба на агресивни активни состојки.
Долготрајниот PIH се однесува на оние „вистински“ темни дамки предизвикани од подлабока промена на пигментот поради прекумерно производство на меланин. Тие се појавуваат како кафеави кај посветлите тонови на кожа или сино-сиви кај потемните.
Дерматолог може да потврди кој тип дамки е во прашање, но тоа можете и самите да го процените по бојата. За вистинските темни дамки (PIH), најдобро е да се фокусирате на споменатите активни состојки за избледување. Иако има и други немедицински производи кои вклучуваат екстракт од корен на сладок корен, коична киселина или транексаминска киселина, кои се многу добри. Сите тие ја инхибираат тирозиназата, ензим кој учествува во производството на меланин, со цел да го изедначат вашиот тен.
За површинските црвени или розови дамки (PIE) или ако имате мешавина од двете – можеби би вредело да додадете нежни, смирувачки антивоспалителни производи. Размислете за третмани како ниацинамид, азелаична киселина или centella asiatica (cica). Користењето на соодветни активни состојки за одреден вид дамки може да биде мала, но значајна предност која со текот на времето носи резултати.
Извор: easylife.rs