Киднапирање на крипто инфлуенсер
Во местото Жувизи-сир-Орж, во близина на Париз, четворица напаѓачи го киднапирале 26-годишниот крипто-трговец кој на TikTok стекнал популарност прикажувајќи луксузен начин на живот, наводно финансиран преку тргување со дигитални валути. Нападот се случил додека се враќал дома, а киднаперите побарале откуп во висина од 50.000 евра – и тоа во криптовалута.
Дечкото се обидел да им објасни дека не поседува толкав износ. Откако тие ја провериле состојбата на неговите сметки и сфатиле дека не можат да заработат ништо од него, одлучиле да го пуштат. Иако за време на заробеништвото бил изложен на физичко насилство, тој бил ослободен наредниот ден, а од медицинските служби му било одобрено шестдневно боледување.
Истрагата ја презеде француското специјализирано обвинителство за организиран криминал. Овој случај е само последен во серија обиди за киднапирање крипто-инвеститори во Франција. Претходно годинава, познат крипто-претприемач бил нападнат, а во друг инцидент киднаперите успеале да изнудат дури седум милиони евра, објави CoinTelegraph.
Заедницата на Reddit иронично коментира: „Киднапирале човек посиромашен од нив“, додека други заклучуваат дека ова е предупредување за сите кои на социјалните мрежи прикажуваат нереална слика за своето богатство.
И додека киднаперите го чекаат судењето, се наметнува прашањето: дали гламурот на TikTok станува нова цел на криминалните мрежи?
Извор: web-mind.rs