Технологија без насмевка не е доволна
Starbucks, еден од најпрепознатливите ланци на кафетерии, објави дека ќе вработи илјадници нови работници во повеќе од 3.000 продавници ширум светот. Оваа промена доаѓа по период во кој компанијата се обидуваше да ја подобри ефикасноста преку автоматизација и дигитализација, но со слаб одзив од потрошувачите.
Наместо посакуваниот раст, Starbucks бележеше пад на продажбата пет квартали по ред, вклучително и намалување од 1% во првиот квартал од 2025 година. Инвестициите во машини за автоматска подготовка на кафе и мобилни системи за нарачување не успеаја да го надоместат она што купувачите најмногу го ценат, контактот со персоналот, препораките и чувството дека се важни.
Извршниот директор Лаксман Нарасиман призна дека пораката е јасна: „Технологијата е само алатка. Без луѓе што ја користат со емпатија и знаење, таа не носи резултати“, објави порталот Entrepreneur.
Нова стратегија – повеќе персонал, подобра услуга
Компанијата сега планира да го зголеми бројот на вработени. Фокусот ќе биде ставен на побрз одговор на нарачките, поефикасно работење и подобро искуство за секој гостин. Освен вработувања, Starbucks вложува и во дополнителна обука и едукација на своите вработени.
Крајната цел е враќање кон персонализираната услуга, која некогаш беше клучна предност на брендот. Купувачите сѐ повеќе ја изразуваат својата желба некој да ги поздрави, да ги погледне и да ги разбере нивните навики, нешто што ниту една апликација не може да го замени.
Сигнал за целата индустрија
Одлуката на Starbucks одекна и во другите сектори на угостителството, каде што се води дебата за балансот меѓу автоматизацијата и човечкиот фактор. Starbucks сега испраќа јасна порака: ако сакате да ја задржите лојалноста не ги заборавајте луѓето.
Во време кога многу брендови се заслепени од дигитални решенија, Starbucks покажува дека насмевката, присуството и топлината сѐ уште се незаменливи.
Извор: bizlife.rs