Factum AI: Вештачка интелигенција за брза правда

Во време кога технологијата брзо ги трансформира традиционалните индустрии, правниот сектор честопати останува закотвен во застарени процеси и комплексни административни процедури. Но, една македонска платформа го менува ова. Factum AI е револуционерна алатка која го носи правото во дигиталната ера, овозможувајќи побрзо пребарување, анализа и толкување на правни документи со помош на вештачка интелигенција.

factum-3173-fi

Како настана оваа иновативна платформа, со кои предизвици се соочи тимот зад неа и како оваа технологија веќе го трансформира секојдневието на правните професионалци – дознајте во нашиот разговор со нејзините креатори.

Што ве инспирираше да го развиете Factum AI и како очекувате дека ќе го трансформира правниот пејзаж во Македонија?

Идејата за Factum AI произлезе од нашиот стремеж да ги донесеме најсовремените дигитални решенија, со цел да ја модернизираме правната сфера во Македонија. Со години наназад, правната индустрија се соочува со предизвици како застарени процеси, сложени административни постапки и недоволна брзина во истражувањето на закони и правни документи.

Веруваме дека вештачката интелигенција, со својата способност да анализира големи количества информации и да дава прецизни резултати, може да изврши вистинска трансформација во овој сектор. Нашата цел е Factum да ја забрза правната процедура, да намали трошоци и да придонесе за повисоко ниво на правна сигурност во земјава.

Можете ли да ни го опишете процесот на развој на Factum AI? Кои беа клучните предизвици и како ги надминавте?

На самиот почеток, имавме сосема поинаква визија – сакавме да изградиме дигитална апликација за поблиска соработка меѓу адвокати и клиенти, овозможувајќи им размена на документи, брзи консултации и закажување средби. Сепак, како што вештачката интелигенција почна сè повеќе да се развива и да го покажува својот неверојатен потенцијал во анализата на текстуални податоци, решивме да направиме промена и повеќе да се фокусираме на ВИ-базирана алатка што ќе овозможи брзо пребарување, толкување и анализирање на правни извори.

Процесот на развој вклучуваше неколку фази: темелно истражување на правните регулативи, изградба на база на податоци, дизајнирање на ВИ инфраструктура која ќе може да ги разбере, толкува и категоризира правните информации, и тестирање со адвокати и правници за да видиме како алатката се однесува во реални правни случаи.

Секоја фаза од процесот си носеше свои предизвици. Сепак, постојаното надоградување на знаењето од областа на вештачката интелигенција и тесната соработка со стручни лица ни помогнаа да ги надминеме предизвиците.

Како Factum AI ја обезбедува точноста и доверливоста на правните информации што ги нуди?

Factum AI ги користи најсовремените ВИ модели што ги имаме денес, чија главна предност е способноста за длабоко разбирање на правниот јазик и контекст. Покрај тоа, воспоставивме обемен процес на континуирано тестирање на информациите кои ги дава алатката, со цел постојано да ја подобруваме нејзината прецизност. Постојано го проверуваме системот, со цел да детектираме неточности и да  извршиме прилагодувања на системот за поголема точност.

Дополнително, постојано ја надградуваме нашата база на податоци со најновите законски прописи. Ова значи дека системот е постојано ажуриран и нема ризик од повлекување на застарени, неточни или непроверени информации.

На овој начин, нудиме информација која е релевантна, ажурирана и проверена од повеќе агли.

Како се справувате со етичките прашања и загриженоста за приватноста на податоците?

За разлика од многу други ВИ системи, Factum не користи класично машинско учење кое се „тренира“ директно на податоците што ќе ги споделите со нас. Тоа значи дека вашите конкретни документи, прашања или други лични информации не стануваат дел од тренинг-сетот на системот, ниту се искористуваат за да се подобри самата алатка. Во однос на безбедноста и приватноста, ги применуваме најсовремените системи за заштита на податоците во согласност со GDPR и со националниот Закон за заштита на личните податоци.

Дополнително, нудиме можност сите интеракции да се зачуваат исклучиво локално, на ваш уред. Овој слој на безбедност ви овозможува целосна контрола врз вашите сесии и внесени информации, што го заштитува вашиот дигитален простор и гарантира доверливост.

Како е прифатен Faktum од правната фела, и каква е тековната состојба на базата на податоци?

Мораме да кажеме дека фидбекот од корисниците е неверојатен! Иако, да бидеме искрени, на почетокот забележавме одредена доза на скептицизам кај дел од адвокатите и правниците. Тоа е и разбирливо, со оглед на тоа што станува збор за нова технологија која навлегува во традиционално конзервативна професија. Меѓутоа, откако добија можност да го искусат во пракса, повратните информации што ги добиваме се исклучително позитивни – корисниците истакнуваат дека Faktum им заштедува огромно време, ја зголемува продуктивноста и им овозможува да се фокусираат на покомплексните аспекти од нивната работа.

Во поглед на базата на податоци, со гордост можеме да кажеме дека неодамна ја проширивме со обемна колекција на судски одлуки, што значително ја зголемува релевантноста и корисноста на алатката. Сега, нашиот фокус е насочен кон интензивно внесување на подзаконските акти. Истовремено, постојано ги надградуваме и алгоритмите за пребарување и генерирање на документи, со цел да овозможиме уште поголема прецизност, брзина и автоматизација.

Како ја гледате еволуцијата на Factum AI во иднина? Планирате ли проширување или интеграција со други технологии?

Од самиот почеток, нашата цел е Factum да прерасне во многу повеќе од само алатка за пребарување – сакаме да стане централна платформа, единственото дигитално решение кое му е потребно на еден правник во неговата секојдневна работа. Без да откриваме премногу, нашата визија за Factum е амбициозна и се фокусира на континуирано усовршување и експанзија. Сакаме не само да ги прошириме можностите, туку и да ги доусовршиме постоечките функционалности, со цел да создадеме сеопфатно и интегрирано искуство за корисниците.

Суштината е дека ние не сакаме само да ги следиме трендовите, туку да ги предводиме. Нашата цел е Factum да биде синоним за иновација во правната технологија, овозможувајќи им на корисниците да ги уживаат придобивките од најсовремените решенија и да останат чекор пред предизвиците на модерното правно работење.

Каква повратна информација добивте од правните професионалци кои го користат Factum AI и како таа влијаеше на развојот на платформата?

Повратните информации од правните професионалци се од непроценливо значење за нас и директно го обликуваат развојот на Faktum. Можеме да кажеме дека сме во постојан дијалог со нашите корисници.

Најчестите пофалби кои ги добиваме се однесуваат на две клучни придобивки: драстичната заштеда на време и исклучителната леснотија на користење. Корисниците ни посочуваат дека сега потребните информации, без разлика дали се работи за законски одредби, судска пракса или други правни документи, ги наоѓаат неспоредливо побрзо и поефикасно отколку со традиционалните методи на пребарување. Ова им ослободува значително време за поважните, стратешки аспекти од нивната работа.

Покрај позитивните коментари, добиваме и исклучително корисни предлози и сугестии за подобрување. Секоја сугестија, секое барање, секоја забелешка – внимателно ги разгледуваме и ги категоризираме. Креираме приоритетна листа за развој, базирана директно на повратните информации од корисниците. Овој пристап, каде што постојано ја надградуваме и подобруваме платформата врз основа на реалните потреби на правниците, е апсолутно клучен за успехот на Factum. Тоа е процес на континуирано учење и прилагодување, а нашите корисници се наши најважни партнери во тој процес.

Кој совет би им го дале на идните претприемачи во Македонија кои сакаат да интегрираат вештачка интелигенција во нивните производи или услуги?

Прв и можеби најважен совет е: идентификувајте вистински проблем кој бара решение. Вештачката интелигенција е алатка, но не и магичен лек. Доколку проблемот е јасно дефиниран, ВИ може да направи револуција.

Второ, соработувајте со стручњаци од повеќе области, за да го обликувате производот според потребите на клиентите.

Трето, посветете големо внимание на етиката и регулативата: осигурајте дека секое собирање и користење на податоци е транспарентно и усогласено со законите.

Конечно, постојано барајте повратни информации и прилагодувајте се според потребите на корисниците – тоа е најбрзиот пат кон успех.

Љубител на рокенролот, преведувач и ентузијаст, кој постојано ги истражува новитетите во областа на вештачката интелигенција и технологијата.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.