Неговото професионално патување вклучува клучни проекти како лансирањето на првата нео-банка и учеството во создавањето на првата DLT регулатива на Малта. Како стратешки визионер и основач на Crypto CMO, Замит ќе споделува свои статии на нашиот портал webmind.mk, со кои ќе ја демистифицира крипто индустријата и ќе ги запознава читателите со најновите трендови во финтек и Web3.
Можете ли да ни ги споделите најзначајните моменти од вашата кариера?
Јас сум пред сè маркетер со повеќе од 25 години искуство, специјализиран во областа на финансиите. Мојата кариера започна во областа на традиционалните финансии каде што водев маркетинг кампањи, вклучувајќи го лансирањето на Mediterranean Bank, првата инвестициона банка на Малта, и советувајќи ја владата на Малта за комуникациските стратегии во високо профилни проекти како Annual Finance Budget и Malta Vision 2015. Мојата кариера еволуираше со моето вклучување во развојот на значајната DLT регулатива на Малта, првото сеопфатно законодавство за технологија на децентрализирано евидентирање на трансакции (DLT) во светот, што беше пресвртна точка која ја продлабочи мојата фокусираност на финтек, блокчејн и криптовалути.
Оваа промена ме доведе до иницирање на лансирањето на Moneybase, првата нео-банка на Малта, што претставуваше значајна пресвртница во спојувањето на традиционалното банкарство со современи финтек решенија. Мојата улога се прошири со лансирање на платформата и апликацијата Lama – хибридна нео-банка која конкретно нуди сметки за фиат и криптовалути, поставувајќи нови стандарди за финансиска флексибилност и иновации.
Дополнително, моето искуство во капиталните пазари и фондови ме доведе до моите почетоци во областа на финансиите и ми обезбеди експертиза да ги спојам традиционалните финансиски структури со брзорастечкиот крипто-пејзаж.
Што ве инспирираше да се префрлите од традиционален маркетинг и да го создадете Crypto CMO, и што ве привлече кон крипто и блокчејн индустријата?
Мојот интерес за прв пат го разбуди објавувањето на белиот документ од 9 страници на Сатоши Накамото – „Bitcoin: A Peer-to-Peer Electronic Cash System“ – кој го воведе биткоинот и ја претстави визијата за децентрализиран финансиски систем. Оваа идеја за пренос на вредност без граници и посредници навистина ми се допадна.
Кога владата на Малта го иницираше процесот на развивање на првата сеопфатна регулатива за децентрализирано евидентирање на трансакции (DLT) во светот, имав привилегија да бидам дел од него. Оваа можност ја зацврсти мојата иднина во светот на финтек, криптовалути и DeFi. Во тој момент ми стана јасно дека мојата насока е спојување на мојата екпертиза во финансискиот маркетинг со новата ера на блокчејн технологијата. Ова природно ме доведе до лансирање на Crypto CMO, зацврстувајќи ја мојата позиција на чело на оваа трансформативна област.
Дали можете да ни опишете некои карактеристични предизвици со кои се соочувате во маркетингот во блокчејн и крипто индустријата во споредба со други индустрии?
Мојата експертиза во традиционалниот маркетинг во финансискиот сектор постави силна основа која ми овозможи да се соочам со новата ера на финансиите преку иновативни маркетинг стратегии. Сепак, оваа промена ми донесе специфични предизвици. Лансирањето на платформите како Moneybase, првата нео-банка на Малта, и Lama, хибридна понуда со фиат и крипто услуги, бараше брзо адаптирање и иновации. Градењето доверба во новата индустрија, справувањето со регулаторните компликации и создавањето едукативна, но привлечна содржина беа клучни за етаблирање на овие брендови на конкурентни и скептични пазари.
Главен предизвик беше да се комуницира беспрекорната интеграција на традиционалните и дигиталните финансии со истовремено истакнување на безбедноста и усогласеноста со регулативите. Во однос на Moneybase, таа требаше да се позиционира како мост помеѓу конвенционалното банкарство и криптовалутите. Кај Lama, предизвикот беше да се истакнат двојните придобивки на функционалностите на фиат и крипто, привлекувајќи различни бази на корисници.
Моето искуство во капиталните пазари и фондовите ми обезбеди клучно знаење за усогласување на маркетингот со регулативата, додека мојот практичен пристап кон вклучување на заедницата и партнерствата со инфлуенсерите ми помогнаа во градењето доверба и растот на овие млади простори.
Како пристапувате кон поедноставување на сложените крипто концепти за да ги направите подостапни за вашата публика?
Поедноставувањето на сложените крипто концепти е неопходно за секоја ефективна go-to-market стратегија во финтек и крипто просторот. Ја користам моќта на бренд storytelling за да ги претворам сложените идеи во прифатливи наративи кои одекнуваат кај мојата публика. Мојот процес, како што е опишан во моите статии за градење силни брендови и storytelling, вклучува разложување на техничкиот жаргон во содржина што е лесно разбирлива и истакнува реални примени и придобивки.
Мојата работа со Lama го илустрира овој пристап. Д-р Џоселин Браун, извршен директор на Lama, забележа дека мојата страст за крипто просторот и мојот уникатен талент за претворање на сложени идеи во јасни, привлечни пораки беа клучни за градење доверба и кредибилитет, правејќи ги напредните крипто и Web3 концепти пристапни и интересни за пошироката публика.
Со поврзување на овие концепти со секојдневни искуства и користење релевантни аналогии, уверувам дека пораките за вредност се јасни и применливи. Овој метод помага во демистификација на блокчејн технологијата и поттикнува поголем интерес и нејзино усвојување.
Која сметате дека е најголемата заблуда за криптовалутите и како се справувате со тоа во вашата работа?
Заблудата дека криптовалутите се исклучиво шпекулативни и немаат суштинска вредност е еден од најголемите предизвици со кои се соочувам. Сепак, уште поголема заблуда е дека дигиталните валути се користат само за нелегални активности. Ова верување често го имаат оние кои не се запознаени или се сомничави кон новите финансиски технологии, а тоа се базира на раните претпоставки и стравот од непознатото.
За да се справам со овие заблуди го користам мојот пристап за storytelling и стратегија за градење заедници, како што е објаснето во моите статии за бренд storytelling и градење заедници во финтек. Истакнувајќи позитивни, реални примени – како прекугранични плаќања, платформи за децентрализирани финансии и подобрена безбедност на податоци – помагам да се промени наративот за криптовалутите.
Исто така, се обидувам да градам заедници кои даваат приоритет на транспарентноста и едукацијата. Преку поттикнување на информирано ангажирање и споделување приказни кои ја демистифицираат блокчејн технологијата јас се справувам со овие застарени заблуди. Во мојата работа со платформите како Moneybase и Lama оваа стратегија се покажа како ефективна во промена на перцепциите и истакнување на легитимните и иновативни употреби на блокчејн и криптовалутите.
Кој совет би им го дале на младите маркетери во Македонија кои се заинтересирани за крипто светот?
Мојот совет до младите маркетери во Македонија е да ја негуваат својата љубопитност и да се посветат на континуирано учење. Светот на крипто и блокчејн брзо се менува, и да се биде информиран за трендовите и иновациите е клучно. Изградете јасно разбирање на основните концепти додека ја усовршувате вашата способност да поедноставувате сложени теми за различна публика – оваа вештина ќе ве издвојува во област каде што јасноста е од суштинско значење.
Исто така, ги охрабрувам младите маркетери да ја користат моќта на storytelling-от и градењето заедници. Поврзувајте се со истомисленици, дискутирајте и придонесувајте во онлајн крипто заедниците. Ефективниот маркетинг во крипто просторот не се сведува само на промовирање производи; тука станува збор за негување доверба и транспарентност. Искористете ја секоја можност да учите од искусни лидери и адаптирајте ги нивните стратегии на вашиот уникатен глас и перспектива.
За да бидете чекор понапред, следете ги моите претстојни статии на Webmind.mk, каде што ќе споделувам сознанија за трендовите во светот на финтекот, криптовалутите и Web3. Овие содржини ќе понудат вредни совети и едукативна содржина не само за маркетерите, туку и за сите кои сакаат да го разберат и искористат овој нов финансиски пејзаж. Преку истражување на трендовите во финтек, крипто и Web3, моите статии ќе им овозможат на читателите да ги надминат заблудите и да откријат практични начини за интегрирање на криптовалутите во своите финансиски стратегии. Без разлика дали сте заинтересирани за децентрализирани финансии или сакате да се прилагодите на овој пејзаж во развој, мојата цел е да ви го обезбедам знаењето кое ќе ви помогне да успеете и да донесувате информирани, самоуверени одлуки.