Инвестирање во фондови, штедење и купување акции: Како да го одберете најдоброто решение за вашите финансиски цели?

Во услови на глобални економски промени и растечката потреба за финансиска едукација, многумина се соочуваат со предизвикот да изберат помеѓу различните стратегии за управување со личните средства. Инвестирањето во фондови, штедењето и купувањето акции се три клучни опции, секоја со свои предности, недостатоци и ризици.

investiranje-2678-fi

Извор: Приватна архива на Горан Марковски

Како да се одлучите која е најсоодветната стратегија за вашите цели? Кој е потенцијалот за добивка, и кои фактори треба да ги земете предвид при изборот? Во интервјуто со главниот извршен директор  на КБ Инвест Горан Марковски разгледуваме како овие стратегии функционираат и кој е најдобриот пристап во зависност од вашата финансиска ситуација, временски хоризонт и толеранција на ризик.

Што беше мотивот за одлуката КБ Публикум АД Скопје да се ребрендира во КБ Инвест АД Скопје, и кои клучни промени беа спроведени како дел од оваа трансформација?

Во годината кога славиме 15 години од основање на Друштвото, главен мотив за промената на корпоративното име и брендот е зголемувањето на уделот на Комерцијална банка АД Скопје во сопственичката структура на Друштвото. Комерцијална банка од далечната 2009 година е наш главен основач и долгогодишен стратешки партнер, а со последната промена стана и доминантен сопственик.

Ние со задоволство ја поддржуваме одлуката на банката за овој потег и со сите сили се потрудивме оваа комплексна промена да биде спроведена по сите правила и на сите нивоа. Притоа се водеше голема грижа приближувањето да биде доволно силно за да се види дека сме дел од тимот на банката, но сепак одделен правен субјект кој има традиција, доверба и изграден углед во кој доверба имаат илјадници клиенти, како физички така и правни лица, како мали така и големи инвеститори.  

Како бевте сигурни дека постоечките клиенти го разбираат и прифаќаат ребрендирањето, и какви повратни информации добивте од нив досега?

Ребрендирањето како сериозен потег по многу основи, како што веќе напомнав погоре, беше конципирано и замислено да одговори на три најважни моменти за нашите клиенти.

Прво, да се покаже силината и влијанието на Комерцијална банка, второ, да има јасна дистинкција помеѓу Банката и Друштвото и на крај сето тоа да биде лесно и јасно пренесено на нашите клиенти. На клиентите, како најважни за нас, не смее да им се створи забуна дека ние сме нешто ново и непознато, туку напротив, да се продолжи довербата која макотрпно е градена во изминатите 15 години. Што се однесува до фидбекот, тој е извонреден, немавме ниеден клиент кој бараше дополнителни информации, туку веднаш сами ја препознаа нашата трансформација спроведена со ребрендирањето.

Со новиот идентитет како КБ Инвест АД Скопје, кои се примарните стратешки цели на компанијата за следните пет години, особено во однос на проширување или усовршување на инвестициските можности?

Инвестициските можности се бескрајни на пазарите на капитал. Ние со сегашната понуда од 6 инвестициски фондови сметаме дека комплетно го задоволуваме барањето и на најпребирливите  инвеститори, како на оние кои се веќе искусни и долгогодишни партнери, така и на оние кои ги прават своите пионерски чекори во вложувањето. Сметаме дека сите категории на инвеститори може да се најдат во некој или во повеќе од нашите инвестициски фондови. Така на пример, КБ Инвест–Паричен фонд е наменет за управување со краткорочните вишоци на средства на граѓаните и компаниите, фондот КБ Инвест-Обврзници вложува во државни и корпоративни обврзници од ЈИЕ и е наменет за вложување на краток до среден рок за инвеститори кои не сакаат повисоко ниво на ризик, потоа фондот КБ Инвест- Балансиран, кој е совршен баланс помеѓу вложување во обврзници и акции, има поголем принос, но и за нијанса поголем ризик од чисто обврзничките фондови.

Останатите 3 наши фондови се чисто акциски и по дефиниција се со поголем ризик, но и поголем очекуван принос. Во овој сегмент уникатни и единствени на пазарот се КБ Инвест- МБИ 10, кој е репликација на македонскиот берзански индекс, пасивно управуван фонд. Истиот вложува исклучиво во македонски компании и до овој момент годинава има фантастичен принос од скоро 58% (со пресечен датум 25 декември 2024 година), но тука е и КБ Инвест- Златен фонд, кој вложува во акции на производители на злато и благородни метали и служи како заштита од инфлација, девалвација и дефлација. Во оваа категорија на комплетно акциски фондови влегува и фондот КБ Инвест-Акции кој вложува во акции на компании од целиот свет што нудат најголем потенцијал за заработка за нашите инвеститори.

Заедничко за сите акциски фондови е што тие се наменети за подинамични инвеститори, со поголем временски хоризонт, но и поголем апетит за ризик и добивка. Заедничко пак за сите фондови е дека поседуваат широка диверзификација на вложувањата како по индустрија, односно сектор, географска местоположба, валутна изложеност,  вид на имот итн.

Истовремено, менаџментот на КБ Инвест ги следи случувањата на пазарите на капитал, макроекономските трендови и движења кај компаниите, од една страна и потребите и интересите на инвеститорите на пазарот на инвестициски фондови, од друга страна. Континуираната анализата на овие фактори е база за создавање на нов инвестициски фонд што ќе одговори најсоодветно на потребите на нашите инвеститори.

Како ребрендирањето се усогласува со актуелните трендови во секторот за управување со инвестициски фондови и која е уникатната вредност што КБ Инвест АД Скопје ја нуди на македонскиот пазар?

Македонскиот пазар на инвестициски фондови е мал, но и недоволно искористен. Процентот на вложување во инвестициските фондови по глава на жител е далеку под европскиот просек, и имајќи ја предвид големината на депозитната база, нуди огромен потенцијал во наредниот период. И покрај постоењето на инвестициските фондови на македонскиот пазар во изминатите 17 години, културата на вложување, инвестирањето во иднината, но и заштитата на капиталот е сеуште мала и недоволно развиена. Врз основа на специфичностите на нашиот пазар се креирани и нашите постоечки 6 фондови. Нашата уникатната вредност е способноста да се следат и препознаваат насоките на глобалниот пазар на капитал и соодветно да се понудат фондови што најдобро ќе одговорат на потребите на инвеститорите.

Во таа насока, Друштвото формираше прв паричен фонд, прв обврзнички фонд, прв балансиран фонд, прв индексиран фонд (МБИ 10) и прв златен фонд на македонскиот пазар на инвестициски фондови. Нема да ги набројувам кои се бидејќи доволно пати ги споменав досега. Тука мора да се спомне и поддршката на Комерцијална банка, која во функција на комплетирање на услугите што таа ги нуди на финансискиот пазар визионерски и како прва домашна банка заедно со странските партнери во далечната 2009 година, го формираше КБ Публикум инвест.  

Кои беа најголемите предизвици за време на процесот на ребрендирање и како тие предизвици го обликуваа идниот правец на друштвото?

Предизвиците, како во процесот на ребрендирањето, а уште повеќе во управувањето на средствата на инвеститорите, се бројни и секојдневни. Веројатно, тие и нема да се предмет на интерес на инвеститорите, па и пошироката јавност, и тие ќе бидат во делокруг на она за што ние постоиме и успешно се снаоѓаме. Инвеститорите кај нас се ослободени од грижата за нивните средства и таа работа комплетно ја презема тимот на КБ Инвест.

Најважно за нас е дека тој процес е успешно завршен, со позитивен фидбек, а целата транзиција ја изведовме полека, сигурно и без нарушување на нормалното и секојдневно работење на Друштвото. Притоа, многу научивме бидејќи тој процес не се прави често, некои компании и никогаш не го спроведуваат, имавме реална проверка за што се сме спремни и способни и извлековме добри поуки од овој процес. Сето тоа не прави уште поспремни и пофлексибилни за сите идни предизвици во делот на односите со инвеститорите, покажување вистинска корисничка грижа спрема нив и градење на долгорочни релации на доверба и партнерски однос во кој тие ќе имаат професионален сопатник, кој ќе обезбедува реални стапки на принос на вложените средства.  

Кои фондови се најатрактивни за инвестирање во Македонија?

Сите фондови се атрактивни и добри и нивната примена  зависи од потребите на инвеститорите.

Прашањата како што се: Какви очекувања има инвеститорот во поглед на принос и преземен ризик, колку време е спремен да биде во таа инвестиција, дали ќе има потреба да повлекува средства при одредени потреби, дали ќе додава средства во своето портфолио и слично, се апсолутно круцијални за прецизно да се избере фондот кој е најсоодветен за тој инвеститор.

Секој инвеститор е приказна за себе и ние како професионалци посветуваме максимално време да ги разбереме нивните желби, барања и очекувања за да може најсоодветно да одговориме на истите.

Истовремено, добро е да се согледа целата финансиска состојба на инвеститорот и да се направи микс на вложувања, односно избор на повеќе фондови или интер-фондовска дисперзија за уште подобро да се максимизира добивката. Колку и да звучат сложено овие прашања, Друштвото е секогаш спремно да одговори на сите прашања и недоумици на инвеститорите во нивен најдобар интерес.  

Дали во Македонија се следат трендовите на инвестирање во фондови кои во своето портфолио имаат компании кои се грижат за одржлив развој?

Прашањето за одржлив развој е прашање кое е високо на агендата на Друштвото во поглед на обезбедување на долгорочна и одржлива профитабилност, како за инвеститорите така и за акционерите на  КБ Инвест. Ова прашање е многу важно и во поглед на избор на компании кои се афирмативни за таканаречената “зелена” агенда и одржлив развој и секако дека ние, како Друштво за управување со инвестициски фондови, даваме предност тие компании да бидат наш приоритет  како можност за инвестирање.

Кои се трендовите за инвестирање во 2025 година?

Во годината која доаѓа нè очекуваат низа предизвици кои произлегуваат од промената, односно релаксирањето на монетарната политика на централните банки на глобално ниво, растечкото ниво на државен долг и големите буџетски дефицити кај развиените земји, потоа промената на администрацијата во САД и низа прашања поврзани со ефектите од најавените намалувања на даноците и воведувањето на тарифи. Во продолжение, влијание секако ќе имаат и ефектите од воведување на вештачката интелигенција, геополитичките тензии на глобално ниво, растот на каматите и покрај спуштањето на референтните каматни стапки, преценетоста на американскиот пазар на капитал и неговиот мал потенцијал за иден раст, економската стагнација и политичката нестабилност во Европа, итн.

Сите овие прашања нé прават многу внимателни во поглед на позиционирањето на портфолијата на нашите инвестициски фондови. Имајќи ги предвид ризиците кои ги носат горенаведените прашања и предизвици, за 2025 година поставени сме дефанзивно во насока на обезбедување сигурен принос во нашите фондови штитејќи ги интересите на нашите инвеститори.

Кои се придобивките од инвестирањето наспроти штедење и купување акции од берза?

Инвестирањето, штедењето и купувањето акции на берза претставуваат три различни стратегии на управување со личните финансии и секоја има свои предности, недостатоци и ризици кои зависат од финансиските цели, временскиот хоризонт и толеранцијата на ризик.

Инвестирањето во инвестициски фондови овозможува диверзификација на средствата, што го намалува ризикот и овозможува професионално управување со портфолиото. Оваа стратегија е идеална за оние кои имаат долгорочни цели, бидејќи потенцијалот за раст на капиталот се зголемува со текот на времето, особено со помош на сложената камата. Дополнително, вложувањето во фондови може да генерира пасивен приход, што е особено привлечно за инвеститорите.

Од друга страна, штедењето е најсигурниот начин за чување на средствата, каде депозитот може да има фиксна или променлива каматна стапка. Оваа стратегија е особено погодна за краткорочни цели и за времетраење на периодот на орочување. Вообичаено нема можност да се вадат пари од депозитот. Штедењето е добро како вовед во планирање на средствата, за градење на финансиска дисциплина и е фокусирано на сигурноста и зачувување на средствата.

Купувањето акции на берза е стратегија со висок ризик, но и со висок потенцијал за добивка. Успешното вложување, односно купување на акции од одредена компанија бара добро познавање на пазарот, способност да се анализираат компании и да се носат информирани одлуки. Иако акциите можат да донесат значителен поврат, пазарните флуктуации можат да влијаат на нивната вредност, што ги прави помалку сигурни во споредба со штедењето или инвестирањето во фондови, но на долг рок (5-10 години) тоа може да се коригира.

 Она што е важно да се напомене е дека секој од овие пристапи има свое место во финансиското планирање, а комбинирањето на стратегиите може да понуди баланс меѓу сигурноста и растот на капиталот. Секако, најважно е да се направи внимателна проценка на сопствените финансиски цели и ризичниот профил пред да се донесат одлуки за инвестирање.

Љубител на рокенролот, преведувач и ентузијаст, кој постојано ги истражува новитетите во областа на вештачката интелигенција и технологијата.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.