Како опаѓањето на калиумот влијае на енергијата?
Зошто е калиумот важен во лето?
Калиумот е важен во текот на целата година, но неколку негови функции можат значајно да влијаат на тоа како се чувствувате во текот на топлите летни месеци. Според Националниот институт за здравје (NIH), на возрасните жени им се потребни околу 2600 милиграми калиум дневно, додека на мажите им се потребни 3000 милиграми.
„Калиумот е клучен електролит кој помага во регулацијата на функцијата на мускулите, нервните сигнали, рамнотежата на течностите, крвниот притисок и срцевиот ритам“, појасни Сандра Жанг, регистриран диетичар-нутриционист од Центарот за исхрана Френсис Стерн при Медицинскиот центар Тафтс, додавајќи дека ниското ниво на калиум може да предизвика и чувство на исцрпеност.
Лаура Акоста, вонреден професор на Одделот за прехранбени науки и човечка исхрана на Универзитетот во Флорида, истакнува дека калиумот тесно соработува со натриумот во регулацијата на рамнотежата на течностите во телото. Исто така влијае на контракциите на мускулите, вклучувајќи ги и срцевите.
„Калиумот е неопходен за нормална работа на срцето. Ако нивото на калиум во крвта стане премногу високо или премногу ниско, тоа може да предизвика аритмии, неправилен срцев ритам, а во екстремни случаи дури и срцев застој“, рече Акоста. Таа додаде и дека калиумот игра „главна улога“ во одржувањето на здрав крвен притисок.
Како да го препознаете опаѓањето на калиумот?
Ниското ниво на калиум, кое често се поврзува со дехидратација, може да предизвика низа проблеми.
„Благиот недостиг може да предизвика умор, слабост на мускулите и грчеви“, вели Акоста.
Мери Москера Кокран, диетичар во Медицинскиот центар Векснер на Државниот универзитет во Охајо, додава дека може да се јават и дигестивни проблеми како запек. Во суштина, дури и благо намалените нивоа на калиум можат да направат да се чувствувате уморно и генерално лошо.
„Позначајниот недостиг може да придонесе за неправилен срцев ритам, зголемен крвен притисок, а во тешки случаи и за опасни срцеви компликации или срцев застој“, предупреди Акоста.
Намирници богати со калиум
Калиумот се наоѓа во бројни намирници од растително и животинско потекло. Според податоците на NIH, некои од најдобрите извори се сувите кајсии, кои во половина шолја содржат 755 милиграми, и леќата со 731 милиграм по шолја. Следуваат тиквата со 644 милиграми по шолја, печениот компир со 610 милиграми, шолја сок од портокал со 496 милиграми и бананата со 422 милиграми.
Од производите од животинско потекло, една шолја млеко содржи 366 милиграми, а околу 85 грама пилешки гради без коски содржат 332 милиграми калиум.
Како да го следите и зголемите внесот
„Ако редовно јадете храна богата со калиум, најверојатно ги задоволувате вашите потреби“, рече Акоста. Ако пак се борите со упoрни симптоми како слабост на мускулите, невообичаен умор, чукање на срцето и грчеви, таа советува разговор со лекар. „Тие симптоми не се нужно специфични за недостиг на калиум и можат да се припишат на други причини, затоа е важно да не се обидувате самите да си поставите дијагноза“.
Лекарот може да побара анализа на крвта за да го провери нивото на калиум. Кокран предлага и користење на апликации за следење на исхраната.
„Ако внесувате помалку од препорачаната дневна доза и чувствувате симптоми, можете да се обидете да го зголемите внесот на храна богата со калиум додека чекате преглед кај лекар“, рече таа.
Посебно е важно да се надомести по засилено потење. „Повеќето луѓе по потењето се фокусираат на надоместување на натриумот, што и понатаму е важно, но ако внесот на сол ви е висок, а внесот на калиум низок, тоа може да ги натера срцето и мускулите да работат уште понапорно и да создаде поголемо оптоварување за телото“, објасни Кокран. Таа препорачува намирници како банани, авокадо, кокосова вода, јогурт, млеко, грав, леќа или соино млеко по потењето.
„Додавањето прстофат сол или конзумирањето солени јаткасти плодови со храна богата со калиум може да помогне во одржувањето на рамнотежата“, додаде таа.
Кога опаѓањето на калиумот е сериозен проблем?
Ако не се чувствувате добро, а исхраната ви е сиромашна со калиум, Кокран вели дека вреди да се обидете да го зголемите внесот, особено ако дополнително се потите поради горештините. Сепак, Акоста истакнува дека е важно да се посети лекар при посериозни и поупорни симптоми, како што се трајна слабост на мускулите, неправилна работа на срцето, необјаснив умор или силни грчеви.
„Тоа може да биде поврзано со калиумот… или со нешто друго“, заклучи Акоста. За повеќето луѓе, урамнотежената исхрана е доволна за борба против губењето на калиум со потењето. Суплементите на калиум, вели Акоста, обично се препишуваат на лица со клинички ниски нивоа или на оние кои земаат одредени лекови.
„Бидејќи премногу калиум може да биде опасно, суплементите треба задолжително да се користат под надзор на лекар“, предупреди таа.
Извор: wannabemagazine.com