Децата често поминуваат часови играјќи Minecraft, што во ова денешно време полно со дистракции претставува вистинско достигнување. Некои родители стравуваат дека интересот на нивните деца за оваа игра ја преминува границата на опсесија, па дури и зависност, бидејќи е тешко да ги одвојат од екранот.
Популарноста на Minecraft е толку голема што инспирираше и холивудски филм – A Minecraft Movie, со Џек Блек и Џејсон Момоа во главните улоги, кој излезе овој месец.
Зошто Minecraft e толку привлечен за децата?
Според експертите, зад успехот на Minecraft и сличните игри стојат длабоки психолошки – па дури и еволутивни – фактори. Овие игри го активираат вродениот инстинкт кој сите го поседуваме, а кој бил клучен за опстанокот на човечката раса: желбата за градење.
Ако подобро размислиме, децата отсекогаш сакале да создаваат нешта – песочни замоци, тврдини, куќички на дрво. Тука се и дрвените коцки, пластелин, Lego… Minecraft е, всушност, модерна дигитална верзија на оваа децениска форма на игра. Но, зошто е градењето толку неодоливо за децата?
Психологот Питер Греј, кој ги проучува начините на кои децата учат, објасни за BBC дека сите цицачи имаат потреба да си играат додека се млади. Предаторите вежбаат лов, додека пленот вежба бегство и криење.
„Си играат она што е најважно за нивниот опстанок и идно размножување,“ вели Греј. Кај луѓето, опстанокот не се заснова на брзина или сила, туку на способноста за градење – од колиби од кал преку алатки за собирање храна.
„Затоа не е изненадување што природната селекција им дала на младите луѓе силен инстинкт да си играат градење,“ додава тој.
Греј забележува дека децата сакаат и игри што вклучуваат јазик, имагинација или социјални правила – сето тоа како подготовка за возрасниот живот. Тоа што децата избираат да градат и начинот на кој го прават тоа, често го одразува општеството и културата во која растат.
„Не треба да нè чуди што ги привлекуваат компјутерски игри – ниту треба да се грижиме поради тоа. Децата инстинктивно знаат дека тоа се вештините што треба да ги развијат,“ објаснува тој.
Компјутерите и потребата за создавање
Џулијан Тогелиус, компјутерски научник од Универзитетот во Њујорк, го забележал истиот нагон за градење и кај својот син кој нема ни три години – веднаш почнал да прави тунели за играчките. Кога ќе порасне, многу е веројатно дека компјутерите ќе му станат неодоливи.
Особено се привлечни игри како Minecraft, кои не поставуваат строги цели и дозволуваат целосна слобода. „Во Minecraft, создавањето е директно и едноставно. Многу полесно отколку да се пишува код. Со други зборови, овие игри ја задоволуваат природната потреба за градење, додека класичниот компјутер понекогаш може да биде пречка за тој импулс – особено кај децата,“ вели тој.
Социјалниот аспект на играта
Но, креативноста не е единствениот фактор. Покрај “Ѕandbox” режимот кој нуди слобода во креирањето, постои и “Survival Mode” – каде играчите мора да преживеат и да се борат со непријатели. Играта има и силна социјална димензија – кога децата не можат да се видат со пријателите или роднините, тие се среќаваат со нив во играта.
„Станува некој вид виртуелно место за дружење,“ вели тој.
Затоа Minecraft може да се гледа како дигитален еквивалент на игралиште – место каде што децата можат да си го најдат своето катче, да истражуваат и да се изразат преку различни стилови на игра.
Тогелиус дури спровел истражување за тоа како стилот на играње во Minecraft може да открие аспекти од личноста на играчите. Поради слободата што ја нуди, играта станува платформа преку која децата се изразуваат многу полесно отколку во класични игри со ограничени цели.
На крајот, Minecraft не е само уште една обична видео игра. Тоа е алатка за учење, креативност и социјализација, која децата ја користат на начин што најмногу им одговара.
Извор: Web-mind.rs